Во периодот од 4 до 5 октомври 2018 година во Охрид, во организација на Македонската академија на науките и уметностите, а во соработка со Владата на Република Македонија, со Народната банка на Република Македонија и со Стопанската комора на Македонија, се одржа Научна конференција на тема:
Идни предизвици на економскиот развој и економските политики на Република Македонија.
Потребата за одржување на оваа значајна научна конференција беше мотивирана од неколку причини:
Прво, Република Македонија е земја со ниска развојна перформанса – значително пониска од онаа на земјите во регионот. Имено, просечната реална стапка на раст на бруто домашниот производ (БДП) на земјата во периодот 1996 – 2017 година изнесува само 2,7% и е далеку под потенцијалот на македонската економија;
Второ, прашањето за долгорочниот економски раст и развој има висока релеватност за секоја економија, бидејќи ако земјата остварува високи и одржливи стапки на економски раст, се подобруваат сите нејзини економски и социјални перформанси и се зголемува благосостојбата на граѓаните на земјата. Со просечна стапка на раст од 2,7% на македонската економија ќе ѝ бидат потребни дури 26 години за да го дуплира својот доход по глава на жител;
Трето, наспроти релативно високата макроекономска стабилност, растот, речиси во целиот транзициски период, остана скромен, “анемичен“. Тоа, во основа, не е во согласност со економската теорија, којашто упатува на сознанието дека постои нагласено позитивна корелација помеѓу макроекономската стабилност и динамиката, квалитетот и одржливоста на растот. Ваквата ситуација, синтетички гледано, упатува на два заклучока: прво, релативно високата макроекономска стабилност е битна, но не и доволна претпоставка за динамичен и одржлив раст и второ, во македонската економија постојат ограничувачки фактори на растот, при што, најзначајните меѓу нив треба јасно да се идентификуваат и да се осмислат пристапите за нивно надминување.
Четврто, долг временски период во Република Македонија не е одржана ваква конференција која на едно место ќе ги обедини претставниците на академската заедница, креаторите на политиките и претставниците од стопанските комори за да дебатираат за вака значајна проблематика на македонската економија.
Петто, добриот избор на теми од комплексната проблематика на економскиот развој и економските политики и сериозниот пристап на учесниците во подготовката на нивните стручни и научни трудови дава можност да се изготват научно засновани и корисни и употребливи предлог – мерки, насоки и сугестии за креаторите на политиките.
На конференцијата беа најавени и реализирани четири обраќања и 23 научни прилози.
Прилозите и дискусиите на Конференцијата ќе бидат објавени во посебен Зборник на трудови во печатена и електронска форма за да станат достапни за пошироката стручна и научна јавност во земјата. Трудовите, што е договор од самиот почеток, ќе бидат policy oriented. Затоа, претседателот на МАНУ, акад. Таки фити, при сумирањето на дискусијата ги замоли и ги потсети сите автори на прилозите, заклучоците од нивните испитувања, при дефинитивната подготовка на трудовите за печат, да ги срочат во форма на конкретни предлози на мерки и сугестии употребливи и корисни за креаторите на политиките.
Организаторите на Конференцијата и самите учесници на Конференцијата ја поздравија иницијативата на МАНУ за одржување на ваков вид научни конференции – од аспект на високата релевантност на темата за македонската економија и од аспект на пристапот при организацијата на Конференцијата – на едно место да се обединат претставници на академската заедница, на креаторите на политиките (Владата и НБРМ) и на Стопанската комора на Македонија која ги артикулира и застапува интересите на реалниот сектор – секторот на претпријатијата.
Прилозите и презентациите на учесниците на Конференцијата беа оценети како високо квалитетни, сериозно подготвени и научно фундирани.
Конференцијата беше медиумски добро покриена.
Синтетички гледано се работи за добро организирана и вонредно успешна Научна конференција.