Како што може да се види од излозите на софиските книжарници, неодамна во нив е пуштен во продажба романот на македонскиот писател Влада Урошевиќ „Невестата на змејот“, во превод на бугарски јазик. Книгата на Урошевиќ се појавува во издание на софиската издавачка куќа „Изида“, а во превод од македонски на бугарски јазик направен од Марјан Петров. Овој роман на Урошевиќ е објавен на македонски во 2011 година, во „Магор“, и во оригиналот доживеал, набргу по појавата, и второ издание, а пред неколку години е преведен и на руски јазик од Олга Панкина и објавен во Москва. „Невестата на змејот“ е трета книга на нашиот академик која е преведена на бугарски – пред овој роман бугарската публика имаше можност да се запознае со творештвото на Урошевиќ преку две книги избори од неговата поезија преведени на бугарски и издадени во Софија: една, во превод на Кирил Кадијски, објавена во 2006, а друга, во превод на Роман Кисјов, објавена во 2013 година. Во својата белешка-препорака за книгата, отпечатена на задната корица, издавачот вели: „Невестата на змејот“ на македонскиот писател Влада Урошевиќ е оригинален роман, кој ги меша бајковното со современото, фолкорното со „фантези“, фантастичното со реалното, минатото со сегашноста. Резултат е читлива и забавна книга, приказна за возрасни, раскажана на нетрадиционален начин со помош на модерни постапки, со едновремено дејство сместено во рамките на четири векови од историјата на Балканот и на Европа, со смеша од старовремски зборови и современи термини, и со неподатлив за имитирање, наш, балкански хумор“.
++389 (0)2 32 35 400