ОБРАЌАЊЕ
на Претседателството на Македонската академија на науките и уметностите

Претседателството на Македонската академија на науките и уметностите изразува крајна загриженост за неодговорноста на потписниците на Договорот од Пржино при неговото доследно спроведување, како единствен излез од тешката криза и за влошувањето на состојбите во Република Македонија до степен со кој се доведени во прашање нејзините витални интереси.

Претседателот на Република Македонија, наместо да настојува доследно да се спроведува Договорот од Пржино, со донесувањето на одлуките за аболиција, му зададе удар на уставниот и правниот поредок на Република Македонија и на Договорот од Пржино со што уште повеќе ја продлабочи кризата. Поради тоа, Претседателството на МАНУ инсистира на повлекување на одлуките за аболиција.

Претседателството на МАНУ смета дека единствен излез од оваа состојба и мирно разрешување на кризата, нуди Договорот од Пржино. Затоа, Претседателството на МАНУ ги повикува потписниците на Договорот, со посредство на претставниците на ЕУ и САД, кои учествуваа во Договорот, итно и без одлагање да се вратат на политички дијалог за завршување на неисполнетите обврски од Договорот. Со тоа ќе се создадат услови за слободни и демократски избори, за непречено функционирање на Специјалното јавно обвинителство и за независни медиуми.

Без исполнување на овие обврски на Република Македонија ѝ се заканува меѓународна изолација со сите катастрофални последици што произлегуваат од неа.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛСТВО НА МАНУ