На 1ви јули 2019 година беше официјално отворена петтата сесија на Охридската школа на природното право под наслов „Предизвици во реформата на правниот, политичкиот и безбедносниот систем на Република Северна Македонија“ во организација на Центарот за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“ при Македонската академија на науките и уметностите (ЦСИ, МАНУ). Охридската школа на природното право е перманентна образовна иницијатива на ЦСИ, МАНУ чија основна цел е надградба на постдипломците и докторантите од областа на општествените науки, особено правните, политичките и економските. И оваа, петта сесија на Охридската школа на природното право, е поддржана од Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Скопје која се јавува како традиционален партнер на МАНУ во поглед на образовните напори кои се дел од нејзината основна дејност.
Првата сесија од овој настан ја отвори акад. Владо Камбовски, раководител на Центарот за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“ при МАНУ. Тој ја потенцираше значајноста на овој настан, кој, како што рече, се одржува на истото место каде е основана МАНУ во 1967 година. Овозможувајќи ѝм на 25 постдипломци и докторанти од најразлични позадини да поминат седум дена заедно, слушајќи предавања и дискутирајќи за предизвиците на реформата на македонскиот правен, политички и безбедносен систем, Охридската школа се јавува како придонес во градењето на идните генерации професионалци – потенцираше акад. Камбовски.
По него се обрати г-ѓа Челси Шинор која е Правен советник во Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Скопје. Г-ѓа Шинор потенцираше дека Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Скопје и понатаму ќе ги поддржува образовните иницијативи за студенти во Република Северна Македонија, имајќи предвид дека единствено на тој начин може да се обезбеди фактички напредок во сферите на општественото живеење во државата.
По првите двајца говорници се обрати акад. Таки Фити, претседател на МАНУ. Акад. Фити истакна дека идејата за организирање на Охридската школа на природното право е произлезена од сфаќањето на МАНУ дека единствено преку инвестирање во интердисциплинарно изучување во сферата на општествените науки е можно да се подобрат состојбите во правната, политичкиот, економскиот и воопшто општествениот систем во државата. Дискусиите за владеењето на правото, управувањето (governance) и правната држава се клучни од аспект на напредокот на Република Северна Македонија во интеграциските процеси кон Европската унија. Студентите ќе говорат за овие прашања не само со еминентни експерти од областа на правните науки туку и со економисти и политиколози, што ќе ѝм овозможи проширување на нивните перспективи и развој на критичка мисла.
На крајот од отворањето се обрати проф. д-р Арбер Адеми во својство на министер за образование и наука на Република Северна Македонија. Министерот Адеми го изрази своето задоволство што присуствува на настанот и ја истакна поддршката на МОН на оваа иницијатива. Инвестирањето во идните генерации професионалци е клучно за развојот на државата, особено кога на едно место се собрани студенти од повеќе јавни универзитети и различни средини. Како член на Владата на Република Северна Македонија тој ја истакна отвореноста кон соработка со МАНУ, особено со оглед на фактот што во претстојниот период ќе се работи на реформски прописи во сферата на образованието како што се Законот за основното образование и Законот за средното образование.
По отворањето на оваа, петта сесија Охридска школа на природното право, почнаа и предавањата. Во претстојните неколку дена, заклучно со 7ми јули 2019, ќе се низа предавачи согласно агендата приложена подолу.
Фотографии од настанот: