На 7 април 2017 година, во Македонската академија на науките и уметностите, во соработка со Амбасадата на Франција во Република Македонија, Францускиот институт во Скопје и Универзитетската Агенција на франкофонијата, еминентниот француски научник и математичар, Седрик Вилани, одржа предавање на тема: “Уметноста и математиката“.
Седрик Вилани е професор на Универзитетот во Лион, директор на Институтот Анри Пуанкаре и член на Француската академија на науките. Научниот интерес на овој славен француски математичар со светско реноме е посебно фокусиран во областа на кинетичката теорија и оптималниот транспорт. Автор е и на референтните книги “Жива теорема“ и „Куќата на математиката“. За својот огромен придонес во споменатите области, професорот Вилани е носител на високи признанија и награди, меѓу кои и на Медалот Филдс за 2010 година, најпрестижната награда во областа на математиката, која се смета за еквивалент на Нобеловата награда.
Пред присутните на предавањето поздравни беседи одржаа акад. Таки Фити, претседател на МАНУ, и неговата екселенција, Амбасадорот на Франција во Република Македонија, Кристијан Тимоние.
Предавањето предизвика огромен интерес сред македонската научна јавност.
По одржаното предавање, професорот Вилани одговараше на бројни прашања на присутните.
Фотографии од настанот: