На 24 октомври 2018 година, со почеток во 12 часот, во свечената сала на МАНУ се одржа промоција на двотомното издание на МАНУ Критички методи и толкувања (на книжевната херменевтика), приредено и стручно редактирано од академик Катица Ќулавкова. Ова двотомно издание е резултат од четиригодишниот научноистражувачки проект при Одделението за лингвистика и литературна наука Методи на книжевната херменевтика, раководен од академик Ќулавкова. Во двата тома се застапени студии на вкупно 22 автори: Иван Џепароски, Венко Андоновски, Јасна Котеска, Антоанела Петковска, Лидија Капушевска Дракулевска, Марија Ѓоргиева, Ангелина Бановиќ, Мируше Хоџа, Владимир Мартиновски, Силвана Балнат, Бујар Хоџа, Вангел Ноневски, Ана Стојаноска, Калина Малеска, Соња Стојменска, Анастасија Ѓурчинова, Нина Анастасова, Ана Кечан, Искра Тасевска, Кристина Димовска и Бошко Караџов, како и К. Ќулавкова.
Промотори на ова капитално издание беа академик Влада Урошевиќ и професор д-р Иван Џепароски. Тие ја истакнаа важноста на ова колективно дело за развојот и легитимирањето на македонската книжевна наука во делот на книжевната херменевтика и методологија. Потенциран е фактот дека вака конципирано и изведено издание нема, не само во македонската наука и култура, туку и пошироко. Прегледот на најзначајните критички методи од втората половина на 20-от век до денес се состои во теориски опис на методот, кој е проследен со примена на методот во облик на оригинални толкувања на конкретни книжевни, театарски, филмски, визуелни и стрип дела од македонски и светски автори.
Прикажани се најзначајните критички методи на книжевноста (од дијалошката критика на Бахтин, структурализмот и семиотиката, до постструктурализмот и деконструктивизмот, теоријата на рецепцијата и критиката на читателскиот одговор, потем психоаналитичката, архетипската, ритуалистичката и интертекстуалната критика, постколонијализмот, синкретичкиот и интермедијалниот метод, новиот историцизмот, културолошките, наратолошките, театролошките и филмолошките стратегии, како и стрип-етстетиката.
Во рамки на музичкото интермецо на промоцијата настапи младата Илина МИТРЕВСКА, од средното музичко училиште во Скопје, отсек за соло пеење, придружена од пијанистката Дилек Реџеп од Скопје. Таа изведе две арии, првата на Ѓузепе Верди (од операта „Бал под маски“), втората на Волфганг Амадеус Моцарт (од операта „Така прават сите“).
На крај, до присутните се обрати академик Катица Ќулавкова.
Книгите можат да се набават во книжарницата на МАНУ.
Фотографии од настанот: