Во рамки на официјалната посета на Република Македонија од страна на членови на Кинеската академија за општествени науки и нејзиниот Институт за Европски студии од 25 до 28 февруари 2017 година, чиј домаќин е Институтот за геостратешки истражувања и надворешна политика при Министерството за надворешни работи, на 27 февруари беше остварена посета на Македонската академија на науките и уметностите од делегација од членови на Кинеската академија за општествени науки, во состав:
- Luo Jinghui, заменик-генерален директор на Институтот за европски студии, член на Кинеската академија за општествени науки, шеф на делегацијата
- Cheng Weidong, заменик-генерален директор на Институтот за европски студии, член на Кинеската академија за општествени науки
- Liu Zuokui, директор на Одделението за Централна и Источна Европа на Институтот за европски студии
- Xin Chen, директор за економското одделение на Институтот за европски студии, член на Кинеската академија за општествени науки
- Ma Junchi, Истражувач во Одделението за Централна и Источна Европа, член на Кинеската академија за општествени науки
Делегацијата беше пречекана од Претседателот на МАНУ акад. Таки Фити, потпретседателот акад. Владо Матевски, секретарот акад. Леонид Грчев, раководителот на Центарот за страегиски истражувања акад. Владо Камбовски, како и академиците Георги Старделов и Гоце Петрески.
Посетата се одржи во вид на работен состанок каде беа отворени повеќе теми на дискусија, меѓу кои и претстојното одржување на дводневната Конференција на кинеската иницијатива за економска и научна соработка и развој во Централна и Источна Европа „16+1“ и „Патот на свилата“, која треба да се одржи во втората половина на месец март или во текот на пролетта во Скопје, при што МАНУ би била коорганизатор и домаќин на дел од програмата. Понатаму, делегацијата беше запознаена дека МАНУ и Кинеската академија за општествени науки имаат потпишано меморандум за соработка, при што се предложи тој да се обнови и надополни со потпишување протокол за соработка меѓу Центарот за стратегиски истражувања на МАНУ и Институтот за европски студии на КАОН, при што двете страни би понудиле текст и предлози конкретизирање на програма за соработка. Во разменувањето на мислења по општи научни и актуелни теми, членовите на кинеската делегација покажаа интерес за превод на дела на македонски академици и автори, при што им беше подарена збирка на дела од акад. Георги Старделов. Посетата заврши со кратко разгледување на Македонската академија на науките и уметностите.
Фотографии од настанот: