На 7 април 2025, Македонската академија на науките и уметностите го промовираше новото тритомно издание КОЧО РАЦИН (1. Поезија, 2. Проза и публицистика, 3. Животопис на Рацин). Уводна поздравна реч имаше академик Живко Попов, претседател на МАНУ, а уводна промотивна беседа одржа академик Катица Ќулавкова, главен редактор на изданието. Патрони на оваа значајна едиција се г. Коста Кипровски и г-ѓа Ана Заковска.
Промотори на трие тома беа: – проф. д-р Венко Андоновски, дописен член на МАНУ, приредувач на том 1; – проф. д-р. Искра Тасевска Хаџи–Бошкова, приредувач на том 2; проф. д-р Весна Мојсова–Чепишевска, приредувач на том 3.
– Во првиот том поезијата на Рацин е објавена изворно и во препев на македонски (таму каде што тоа е неопходно), а исто така е придружена со обемната, сеопфатна студија на дописниот член на МАНУ и редовен професор д-р Венко Андоновски.
– Вториот том е посветен на Рациновиот фикционален и нефикционален опус, заправо на неговата проза, публицистика и есеистика, а содржи и некои до сега необјавени на македонски текстови на Рацин. Поговорите на професорката д-р Искра Тасевска Хаџи-Бошкова.
– Третиот том претставува животопис/биографија на Рацин, а негов автор е редовен професор д-р Весна Мојсова Чепишевска. Овој том има метабиографска, фактографска, архивска, па и есеистичка структура. Истиот е обилно проследен со илустративен материјал за животот на Рацин. Соработник на овој том е м-р Иван Антоновски.
– Дизајнот на трите тома, кориците и компјутерската обработка на богатиот илустративен материјал е на ликовниот уметник и професор д-р Тони Васиќ.
– Општиот предговор и одделните предговори кон секој том се на акад. Ќулавкова.
Овој свечен промотивен настан беше придружен со музичкиот перформанс на кавал и окарина на композиторот, етномузиколог и професор д-р Драган Даутовски.
Стихови на Рацин читаа Лора Штарго и Ангела Пејковска, студенти на Факултетот за драмски уметности – Скопје.
Беседа за Рацин Свечена реч на Претседателот на МАНУ
Фотографии од настанот: