На 27 јануари 2023г., во Македонската академија на науките и уметностите – МАНУ се одржа работилница на тема „Иднината на образованието: STEM образование, родова еднаквост и зелени иновации во стручното образование и обука„. Главната цел на работилницата беше да се нагласи потенцијалот на STEM дисциплините (наука, технологија, инженерство и математика), родовата еднаквост, како и развојот на зелените компетенции кај младата популација. На работилницата, на која учествуваа приближно 100 професори и директори од повеќе од 25 средни училишта од целата држава, се поттикна дискусија и размена на искуства за застапеноста и мотивацијата на младите, а особено жените, за учество во науката и образованието со фокус на STEM дисциплините. Сепак, како што истакна Акад. Љупчо Коцарев, образованието не треба да се сфати само како ефикасно средство за едукација на учениците или постигнување на националните образовни цели, напротив, образованието е јавно добро што треба да се смести во пошироки општествени и културни рамки и движења. Настанот беше организиран од страна на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), Машинскиот факултет – Универзитет Св. Кирил и Методиј во Скопје, Националниот центар за развој на иновации и претприемачко учење (НЦРИПУ), Македонија 2025 и Халкбанка АД Скопје, со финансиска поддршка од Европската Унија преку Хоризонт 2020 проектот WBC-RRI.NET: „Вградување на одговорно истражување и иновации во земјите од Западен Балкан: Подобрување на самоодржливите еко-системи за истражување и развој“, и Еразмус+ проектот GREENOVET: „Европска платформа за извонредност во стручно образование и обука за зелени иновации“.
Фотографии од настанот: