По повод стогодишнината од раѓањето на акад. Божидар Видоески го приложуваме текстот во кој се претставува огромниот влог на акад. Божидар Видоески во истражувањето и афирмацијата на македонскиот јазик ширум светот.
Божидар Видоески
и науката за македонскиот јазик
Божидар Видоески е роден на 8 ноември 1920 година во земјоделско семејство во селото Звечан, општина Самоков, во Поречкиот Регион. Основно училиште заврши во Самоков, гимназија учеше во Прилеп, Крагуевац, Скопје и Чачак, каде што матурира во јуни 1941 година. Во 1945 година се запишува на славистичката група на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Белград. По отворањето на Филозофскиот факултет во Скопје, во 1946 година се префрла на тој факултет, Историско-филолошки оддел, Катедра за јужнословенски јазици, група македонски јазик. За време на студиите во Скопје бил стипендист на Владата на НРМ, а дипломира во јуни 1949 година. Во септември истата година е избран за асистент при Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици. Како соработник, тој ги води вежбите по старословенски јазик и по македонска дијалектологија. Во учебната 1950/51 бил и хонорарен наставник по македонски јазик на Вишата педагошка школа во Скопје. Во јуни 1957 година ја одбранил својата докторска дисертација „Кумановскиот говор“ на Филозофскиот факултет во Скопје, а во ноември 1958 година е избран за доцент по предметот Македонска дијалектологија. Во 1959 година, Видоески престојува на 9-месечна специјализација во Полска, а во учебната 1967/1968 престојува како visiting professor во Келн. Во 1964 година, Божидар Видоески е избран за вонреден професор, а во 1970 година за редовен професор. Во тој период, Видоески на Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици при Филолошкиот факултет во Скопје ги држи предметите Македонска дијалектологија и Современ македонски јазик. При изборот на Божидар Видоески за редовен професор, рецензентите Блаже Конески, Крум Тошев и Васо Томановиќ ќе напишат:
„Проф. Видоески, којшто има зад себе дваесетгодишна плодна научна дејност, особено во областа на македонската дијалектологија, стекна убава афирмација во славистичкиот свет. Само еден израз на тоа е што тој, по покана од соодветните академии и универзитети, има настапувано со предавања на универзитетите во Лублин, Варшава, Краков, Познањ, Прага и Братислава.
…
Со сета своја дејност проф. Видоески има придонесено многу, македонската дијалектологија да влезе во една нова фаза на темелни, осовремени научни испитувања.“
Во 1969 година, Божидар Видоески е избран за дописен член на МАНУ, а во 1974 година е избран за редовен член на МАНУ. Видоески беше долгогодишен член на повеќето Комисии на Меѓународниот Славистички Комитет (МКС): за Општословенски Лингвистички Атлас (ОЛА), за фонологија и фонетика, за терминологија, за ономастика…, член на меѓународните комисии за Европски лингвистички атлас (АЛЕ) и за Карпатски дијалектен атлас (ОКДА); во годините 1973-1996 беше одговорен уредник на списанието „Македонски јазик“; беше носител на многу награди, меѓу другото: Октомвриската награда, Орден на трудот со златен венец, висока полска награда Polonia Restituta…
***
Времето кога младиот Божо Видоески како професија си го избра истражувањето на македонскиот јазик беше поволно за науката. Тукушто заврши војната која речиси ги прекина повеќето научни проекти низ цела Европа, посебно во доменот на општествените, хуманистички дисциплини; новите текстови, новите теории, ако се раѓале, се раѓале „за фиоки“, а не за публикација, што не значи дека креативните научници престанале да мислат и да планираат. Кога се отворија можности за работа во нормални услови, сите тие планови полека излегуваа на видело и почнаа да се остваруваат. Ситуацијата веќе особено динамична во Македонија каде што научниците, покрај реализација на своите лични веќе осмислени проекти, застанаа пред задачата за градење цела нова научна инфраструктура во новосоздадената република.
Во лингвистиката, европска, американска, доминирале различни варијанти на структуралистичките теории, се откриваа функционални, дистинктивни способности на одделните единици на јазичниот систем и системските врски меѓу нив… Истовремено, масовите миграции и принудни преселувања на населените, новопоставените политички и административни граници наложувале обврска на широки теренски истражувања за да се утврди, анализира и опише новонастанатата ситуација во дијалектите.
За широката, зрела визија на сите тие задачи и приоритети кај младиот Видоески сведочи неговата прва сериозна публикација, објавена од страна на Институтот за македонски јазик, како прв број во серијата „посебни изданија“, само три години по дипломската работа; се работи за книшка под наслов Прилог кон библиографијата на македонскиот јазик, Скопје 1953, која претставува анотирана библиографија на сè што ‒ според знаењето на авторот ‒ од дваесеттите години на 19-от век, а вклучително со 1952 година ‒ беше објавено за македонскиот јазик. За помош во прибирање материјали младиот автор им се заблагодарува на професорите Блаже Конески и Харалампие Поленаковиќ. ‒ Прави впечаток дека тукушто дипломиран, Видоески беше свесен ‒ за што сведочи краткиот вовед во неговиот Прилог ‒ дека историјата на македонските дијалекти значи историја на македонскиот јазик, што за жал до ден денешен не им е јасно на бројни македонски лингвисти. За своја среќа тој се најде во раце на еминентни лингвисти како Конески и Поленаковиќ, а за време на краткиот период на студиите во Белград во раце на често и топло од него споменуван Р. Бошковиќ и знаеше да учи од своите професори.
Во 19-от и во првата половина на 20-от век македонската проблематика привлекуваше многу автори ‒ присуството на македонските Словени длабоко на денешната грчка територија, старословенските споменици од македонска редакција, почетоците на оригинална литература, богат фолклор, полиетничка и полилингвална средина ‒ сето тоа побудуваше интерес во широките кругови на славистите. Сепак, отсуството на државност, на некаква политичка и/или административна автономија оневозможувало македонската јазична територија да се сфати и да се опишува целосно, во целата нејзина сложеност и дијалектната диференцијација. Токму таква амбициозна задача си поставил младиот доктор Видоески и ‒ мора да признаеме ‒ брилијантно ја оствари.
Кон крајот на педесеттите години на минатиот век во Македонија престојуваше познатиот полски лингвист ‒ славист, Зѓислав Штибер. Полска тогаш беше позната меѓу словенските земји по своите постигнувања во доменот на лингвистичката географија, а Штибер беше токму специјалист во тој домен. Како придружник и водич за време на неговиот престој во Македонија му беше доделен д-р Божо Видоески. На Штибер многу му се допадна младиот колега, неговата интелигенција, научната пасија и големите планови. Како резултат на нивното меѓусебно разбирање и пријателство на Видоески му беше доделена 9-месечна стипендија за специјализација во Полска.
Видоески се појави во Полска пред почетокот на новата 1959 година и бргу ги придоби срцата на своите полски колеги. Беше многу активен: на Варшавскиот универзитет, под патронат на Штибер, одржа еден курс по македонски јазик, се запозна со работата на двете дијалектолошки одделенија на Полската академија на науките (ПАН), водени соодветно од професорите Штибер и Дорошевски, учествуваше во теренските истражувања, воспостави пријателски односи со полските колеги од својата генерација, Зволињски, Караш, Шимчак, зеде учество во летен курс по полски јазик за странци, организиран од Polonicum ‒ ќелија на Варшавскиот Универзитет чија задача е ширење и афирмација на полскиот јазик надвор од границите на Полска ‒ и темелно се запозна со работата на таа организација, што ќе му се најде во иднина, кога ќе стане директор на македонскиот летен семинар во Охрид… Еднаш воспоставените контакти со Полска и полските лингвисти ќе продолжат низ целата научна кариера на Видоески и ќе отворат повеќе линии на меѓусебна соработка.
Првата лингвистичка студија на Видоески е неговата дипломска работа посветена на Поречкиот говор; ја објави Филозофскиот факултет на Универзитетот во Скопје, Катедра за јужнословенски јазици, во 1950 година, како прва книга во серијата „Дипломски работи“. Тука наоѓаме краток географски и демографски опис на територијата на поречкиот говор со приклучена детална карта, класична за ова време анализа на фонетските и морфолошките формални единици карактеристични за тој говор со забелешки за нивната употреба и позициона варијација, краток речник на лексеми специфични за опишуваниот говор и мала збирка текстови врз кои е вршена анализата; има дури авторска errata. За жал, такви дипломски работи одамна не сме виделе. Забелешката дека текстот е карактеристичен „за она време“ се однесува пред сè на фактот дека во студијата нема опис на синтаксата на говорот. Претставената шема на монографски опис на еден дијалектен јазичен код, Видоески ќе ја реализира во сите свои подоцнежни трудови од тој тип, со една релевантна разлика дека по престојот во Полска, шемата ќе се збогати со опис на дистинкции на релација: фоне-тика ~ фонологија како и со скромен број синтаксички коментари. Се множат, исто така, забелешки за функциите и прагматичките контексти на употреба на опишуваните морфолошки форми.
Во 1962 година како трета книга во серијата „посебни изданија“, ИМЈ ја објавува докторската монографија на Видоески, Кумановскиот говор. Во Поговорот авторот објаснува дека книгата била предадена за печат веќе во 1958 година, но печатењето било прекинато. Му се заблагодарува на ИМЈ кој го овозможи објавувањето на книгата. ‒ Книгата брои над 300 страници; покрај сестран синхрониски опис и анализа донесува ‒ посебно во фонолошкиот дел ‒ многу екскурзии во историјата со цел реконструк-ција на еволуцијата на фонолошкиот систем на говорот.
За да ја покаже дијалектната диференцираност на македонската јазична територија во цела нејзина динамика, Видоески состави посебен прашалник (веќе со идеја за идниот македонски дијалектен атлас) и со негова помош го следи патот на главните фонолошки и морфолошки изоглоси, правци на нивното поместување, утврдува локации на главните жаришта на експанзија на одредени системи и потсистеми, како и присуство и експанзија на резултати од меѓујазичните контакти на ареали кои покрај Македонци ги населуваат и Албанци, Власи, Срби, Турци… Се разбира, тој располага со комплетни материјали единствено од Вардарска Македонија, но сепак успева да ги претстави во општите црти и да ги вклучи во целосната слика и говорите во Егејска и Пиринска Македонија. Во подоцнежните години му помагаат школувани од него помошници, најчесто Аритон Попоски и Коста Пеев.
Треба да памтиме дека „во она време“ не беше лесно да се спроведе солидно теренско истражување ‒ патиштата беа лоши, немаше регуларна комуникација, магнетофони од стар тип, неопходни за снимање текстови, експлораторот ги носел на сопствен грб… Сето тоа не го спречи Божо Видоески да ја создаде својата слика за географијата, внатрешната диференцијација и меѓусебните врски меѓу одделни македонски дијалектни комплекси, што му овозможи кон крајот на животот да почне да ја остварува замислата таа слика да ја прикаже во една сеопфатна монографија и ‒ со помош на младите колеги од Институт за македонски јазик ‒ во форма на македонскиот дијалектен атлас. Монографијата прецизно ја осмисли, практично речиси целосно ја подготви, така што по неговата смрт можевме да ја составиме од неговите ракописи и да ја објавиме во првите два тома на изданието Дијалекти на македонскиот јазик (МАНУ, 1998-1999). Проектот на атласот, иако скоро доведен до крај, до ден денешен чека конечна доработка. Со залагањето на покојната д-р Убавка Гајдова, тогашен раководител на Одделението за дијалектологија на Институт за македонски јазик, и со помош на вработените во Истражувачкиот центар за лингвистика при МАНУ, излезе само том Македонски дијалектен атлас. Пролегомена (ИМЈ 2008), додека собраниот материјал од неколку стотини македонски села чека на ливчиња во картотеката на ИМЈ; можеме само да се надеваме дека ќе биде дигитализиран пред ливчињата да станат нечитки; а се работи за верна слика на македонските дијалекти од пред 50-70 години, неповратно уништена со бројните миграции на населението и природната еволуција на дијалектните системи.
Двајцата харизматични македонски лингвисти, Конески и Видоески, колку и да беа различни по научните профили, сепак добро соработуваа. Појдовниот однос професор ~ студент со значајни научни постигнувања и брзото авансирање на Видоески бргу се претворил во односот на колегијална соработка. Ги поврзуваше, иако гледан од разни аспекти, интересот за историскиот развоен пат на македонскиот јазик. Во 1965 година Конески ја објавува Историја на македонскиот јазик. Во наши раце е примерокот на Историјата со бројни маргинални забелешки на Видоески, дел од нив со плусеви и извичници на апробата, дел со критични додатоци; во нашите раце е писмото во кое Конески му се заблагодарува на Видоески за неговите забелешки; голем дел од тие критичните беа искористени во наредните изданија на Историја. ‒ Во втората половина на минатиот век еминентен украински лингвист, професор на Универзитетот Колумбија (Columbia University) во САД, Г. Ј. Шевелов, голем фан на фонологијата, реализираше еден од првите општословенски лингвистички проекти ‒ имено, ги наговараше своите колеги фонолози од различните словенски средини да пишуваат, а тој ќе им ги објавува, монографии за фонолошкиот развиток на одделни словенски јазици. Со таа серија изданија до ден денешен се служи светската славистика. Со молба за обработка на македонската проблематика Шевелов му се обрати на Видоески, кого го познаваше од средбите на разни конференции и од неговата работа во Комисијата за фонетика и фонологија на МКС. Видоески, свесен дека Конески ја има обработено соодветната пробле-матика во својата Историја, му одговори на Шевелов дека би требало да му се обрати на Конески. Како резултат на натамошната преписка во 1983 година во Хајделберг излезе A Historical Phonology of the Macedonian Language by Blaže Koneski with a survey of the Macedonian dialects and a map by Božidar Vidoeski. Текстот го преведе на англиски Виктор А. Фридман. Нешто подоцна беше објавен во Скопје и оригиналниот македонски текст на Конески.
Освен споменатата општа монографија на македонските дијалекти, објавена во првите два тома на изданието Дијалектите на македонскиот јазик, Видоески е автор и на низа монографии на одделни јазични процеси и појави специфични за македонските дијалекти. Повеќето од нив ‒ според селекција и редослед направени од самиот автор ‒ се објавени во третиот том на споменатото издание; авторската селекција беше потребна, бидејќи Видоески на некои појави и проблеми се навраќаше по неколку пати и на крај не секогаш последната варијанта ја оценуваше како најуспешна. Поднасловот на целиот трет том гласи Монографии на структурните особини релевантни за диференцијација на македонските дијалекти; монографските студии се поделени во два дела: 1. Фонологија, и 2. Морфологија. Во фонолошкиот дел наоѓаме 13 текстови. Првиот е посветен на општиот преглед на дијалектните вокални системи во јужнословенски и балкански контекст, следуваат монографски описи на фонетските карактеристики и географската дистрибуција на избрани вокални и консонантски фонеми, како и увид во нивната историја. ‒ Во морфолошкиот дел меѓу деветте текстови привлекуваат внимание оние два кои се посветени на shifters, т.е. експоненти на референција карактеристични за номиналните морфолошки системи на македонските дијалекти, конкретно заменките и членот. Видоески со безгрешна интуиција го оцени значењето на тие два потсистема, кои содржат цел комплекс иновативни појави релевантни за идентитетот на македонските јазични кодови и нивното место во јужнословенскиот и балкански контекст. Останатите морфолошки студии се однесуваат на формални иновации во инвентарот на номинални и вербални категоријални маркери.
На крајот на овој преглед на содржината и значењето на трудовите опфатени во изданието Дијалектите на македонскиот јазик, I-III, треба да се подвлече дека низ целата своја длабока, сестрана анализа авторот ја следи нишката која ја документира доминантната улога на централниот дијалектен комплекс на западното наречје како извор на типично македонски иновации и природна база на стандардниот јазик.
Теоретските славистички перспективи на Видоески особено се проширија откога по московскиот IV Меѓународен конгрес на слависти активно се вклучи во работата на специјалистичките комисии на Меѓународниот славистички комитет (МКС). Имено, на Московскиот конгрес падна одлука за започнување на повеќе општословенски научни проекти и таа задача им беше поверена на стручни комисии составени од претставници на сите словенски јазици. Македонски претставник во praesidium на МКС беше Блаже Конески, кој лично се вклучи во Комисија за изучување на граматичката структура на словенските јазици, додека Видоески по негова препорака се најде во Комисијата за фонетика и фонологија, Комисијата за словенска ономастика и Комисијата за општословенски лингвистички атлас (ОЛА). За неговиот голем и ценет влог во работата на тие комисии ќе стане збор во една од наредните глави на овој текст; тука сакам да подвлечам дека регуларните средби на работните седници на Комисиите на МКС на македонскиот лингвист му донесоа основи за практично и теоретско познавање на сите словенски јазици, а истовремено значајно ги проширија неговите научни контакти во словенските лингвистички кругови. Неговата лична харизма, висока интелигенција, научна пасија бргу му осигурија популарност и широк круг пријатели во повеќе славистички средини, а истовремено му помогнаа да ги догради и продлабочи концепциите на личните македонистички проекти кои тематски во голема мера се преклопувале со проектите на соодветните комисии.
Работата врз ОЛА и контактот со дијалектниот материјал од целата словенска јазична територија му дозволија да го доопредели местото на македонскиот јазик меѓу неговите јужнословенски соседи и пошироко, во целата словенска заедница, му дозволија и да го догради прашалникот за планираниот иден македонски дијалектен атлас.
Работата во ономастичката комисија убаво се надоврза на неговиот стар жив интерес за дијалектната географска терминологија; низ долгите години на теренска експлорација во Македонија, Видоески редовно ги собираше дијалектните географски називи. Импозантната збирка од 2.251 називи со соодветна географска, етимолошка и библиографска информација, подготвена за печат од колешките од ИМЈ под раководство на д-р Олга Иванова, е објавена посмртно во 1999 година во издание на МАНУ под наслов Географска терминологија во дијалектите на македонскиот јазик.
Најпосле, на работата на Видоески во Комисијата за фонетика и фонологија посредно ѝ го должиме томот Фонолошки бази на говорите на македонскиот јазик, МАНУ 2000, кој донесува фонолошки монографии (актуелна состојба + историски извод) на 33 села репрезентативни за говори кои од своја страна се репрезентативни за соодветни дијалектни комплекси распоредени низ целата македонска јазична територија.
***
Заедно со проф. Штибер го дочекавме Божо Видоески кога се појави во Варшава во последните денови од 1958 година. Проф. Штибер мене ми ја повери задачата да го запознам гостинот со градот, со полските колеги, со нашата работа врз атласот на кашупските говори… На градот не му посветивме многу време. Бргу откривме дека нашите научни интереси во голема мера се поклопуваат и почнавме да размислуваме за идна соработка; јас тукушто се вратив од мојот прв престој во Југославија на летен семинар за странски слависти каде што се запознав со Блаже Конески и одлучив да одберам македонистика како моја потесна славистичка специјализација, Божо беше заинтересиран за дијалектолошките проекти во Полска која во тој домен беше најнапредна во словенскиот свет; сме имале заеднички јазик во наука, но не сме имале заеднички јазик за секојдневна комуникација ‒ со оглед дека македонски и полски структурно максимално се разликуваат во рамките на словенскиот јазичен свет, решивме да се занимаваме со систематска граматичка конфронтација на нашите два јазика и на тој начин да создадеме некој вид рамка за словенска граматичка типологија. Се разбира, ова не се случи од ден на ден, нашите планови полека се кристализираа. На почетокот замислувавме нешто налик на конфронтативна граматика, но бргу сфативме дека во таквата граматика мора да постои хиерархија на двата разгледувани јазици, а ние сакавме македонскиот и полскиот да ги третираме al pari. Првата наша заедничка авторска книшка, објавена во 1984 година од страна на Институтот за полски јазик на ПАН, носи уште наслов: POLSKI~MACEDOŃSKI. Gramatyka konfrontatywna (zarys problematyki) со поднаслов: Zeszyt 1. Wprowadzenie. Покрај пристапните забелешки книшката содржи три дела: а. дијалектна диференцијација на полскиот и македонскиот јазик, б. услови за формирање и степен на кодификација на општиот полски и македонски јазик, и в. социјална диференцијација на полскиот и македонски јазик; карактер и динамика на интегративните процеси. ‒ Паралелно се разгледуваат полската и македонската ситуација во трите аспекти, па се формулираат заклучоци: паралели и разлики меѓу разгледуваните јазици. ‒ Сите наредни томови на нашата серија (а стигнавме веќе до десетти) носат наслов ПОЛСКИ ~ МАКЕДОНСКИ. Граматичка конфронтација. и сите, за жал, излегоа по смртта на Божо во 1998 година. Втората тетратка, објавена од МАНУ во 1999 година, носи поднаслов Прозодија и содржи уште оригинален авторски влог на Божо. Покрај него, авторите се проф. Ирена Савицка, позната по своите трудови за словенска и балканска фонетика и фонологија, и Зузана Тополињска. Една од наредните тетратки, четвртата, објавена од МАНУ во 2001 година, е авторство на д-р Казимјера Марија Солецка и посветена е на методологијата на описот и примери на описот на македонските и полските глаголи и перифрастичните глаголски конструкции.
Наредна авторска книга, заедничка моја и на Божо, се однесува на „доработката“ на материјалите објавени во фонетските томови на Општословенскиот лингвистички атлас. Имено, на картите кои ги претставуваат звучните системи на словенските говори предмет на картографирање е фонетскиот запис на експлораторот, а недостасува информација за статусот на соодветниот глас во системот на говорот; со други зборови: недостасува фонолошката информација. Во Комисијата на ОЛА се роди иницијатива да се обработат фонолошките системи на одделните говори претставени во ОЛА вклучително со историскиот извод, т.е. нивната претпоставена историја од прасловенскиот период до денешната состојба; членовите на националните комисии од словенскиот запад и југ ја поддржаа таа иницијатива и над половина описи од тие територии беа веќе готови кога шефот на Меѓународната комисија, Рубен И. Аванесов ја стопира подготовката на описите. ‒ Македонските и полските описи беа веќе готови, во наши раце беа комплетните југословенски описи, лужички, дел од чешките и словачките и богат теренски материјал од целата територија на ОЛА, располагавме и со постојната предметна литература ‒ во таа ситуација решивме со Божо да се потрудиме да составиме фонолошки карти кои би ја прикажувале историјата барем на тие претпоставени прасловенски вокални фонеми кои во текот на еволуција се претопиле во други функционални единици. Така се роди книгата Од историјата на словенскиот вокализам којашто ја објави МАНУ во 2006 година; книгата содржи четири карти со коментари, картографската обработка е на проф. Марјан Марковиќ. Како што пишувам во предговорот „во моментот на смртта на мојот коавтор во 1998 год. првата верзија на оваа книга беше веќе готова. Готови беа и црнописите на картите. Сепак, нашата дискусија околу одделни ставови, хипотези, формулации сè уште беше во тек. Следствено, чувствувам потреба да кажам дека евентуалните грешки во оваа дефинитивна верзија ме оптоваруваат само мене.“
Во 2013 година, во издание на МАНУ беше објавена книгата на Видоески Прилози за развојот на македонистичката лингвистика, којашто беше приредена од проф. Димитар Пандев. Првиот дел е насловен Македонска лингвистика и опфаќа текстови поврзани со развојот на македонската лингвистика, додека вториот дел е насловен Странска македонистика и во него се поместени текстови поврзани со местото на македонскиот јазик во светската славистика како и текстови за работата на странските слависти кои се занимавале со македонскиот јазик.
***
Претставениот овде научен пат и постигнувања на Божидар Видоески водат кон неминовен заклучок дека имаме работа со научник на којшто му ги должиме темелите на нашите денешни знаења за македонскиот јазик, неговата географска диференцијација и патиштата на неговата еволуција од далечната прасловенска заедница, па сè до заслужената, а задоцнета кодификација во 20-от век.
(Текстот е објавен во Зборник на трудови од Меѓународната научна манифестација Македонистички денови во МАНУ, Тополињска З., Марковиќ М., „Божидар Видоески и науката за македонскиот јазик“, Скопје: МАНУ, 2018, 21-30)