На 10 декември 2018, со почеток од 10.00 часот во работните сали на МАНУ се одржа стручна расправа на тема Предизвици и дилеми во имплементацијата на мерките за обезбедување имот и на мерката конфискација.
Најновите општествени промени ја поттикнаа идејата за одржување на ваков настан на кој учествуваа професори по право, судии, претставници од јавното обвинителство и специјалното јавно обвинителство, претставници на управните одбори на банките, адвокати и извршители.
Настанот го отвори акад. Владо Камбовски, по што воведни излагања имаа проф. д-р Гордана Лажетиќ, г-дин Николче Петкоски, претседател на Управниот одбор на Еуростандард банка и г-ѓа Катица Јанева, специјален јавен обвинител. По воведните излагања секој од присутните имаше свое излагање на темата и ги истакна проблемите со кои се соочуваат во своето работење. Од расправата беа извлечени следните заклучоци:
– Со мерките за обезбедување на имотот се забранува располагање односно отуѓување на имотот од страна на должникот, а доколку се преземат определени дејствија во овој правец по донесување на решението, тие се сметаат за ништовни.
– Bona fide доверителите што полагаат определени прави врз имотот што е предмет на замрзнување, а кои се воспоставени пред започнување на кривичната постапка, не смее да трпат какви било штети додека траат мерките.
– Замрзнувањето на имотот заради подоцнежна конфискација не смее да засега во стварните права за обезбедување што ги имаат bona fide доверителите.
– Јавниот обвинител е должен кон образложениот предлог до судот за определување мерка за обезбедување на имот да приложи и имотен лист од кој ќе биде евидентно дали врз имотот постои определен товар и должен е да го наведе субјектот во чија полза е впишан товарот (хипотеката). Отсуството на ваква практика доведува до оштетување на bona fide доверителите и недоверба во јавните книги.
– Во случај кога јавниот обвинител предлага замрзнување на целокупниот имот, кон предлогот е должен да достави спецификација за секој дел од имотот со цел да се одбегне опасноста од подоцнежни дејствија на должникот во правец на отуѓување на замрзнатиот имот.
– Решенијата за замрзнување на имот или банкарски сметки мора да содржат јасен, прецизен, целосен и детален диспозитив што ќе може да биде предмет на извршување: да се наведе сопственикот, опис на имотот, КП, вредност на имотот, како и број на банкарски сметки, назив на банката и износот на средствата што треба да се замрзнат. Во случај кога решенијата што ќе бидат доставени до банките не содржат доволно податоци или создаваат дилеми во однос на тоа што треба да се преземе за нивно правилно извршување, банките треба да се обратат до судијата што го донел решението во својство на доверител што нема процесно својство, но има интерес.
– Извршителите противзаконито ги ограничуваат правата на банките како bona fide доверители во случај кога одбиваат да постапуваат во извршна постапка заради активирање на хипотеката, а од причини на донесено решение на судот за замрзнување на определен имот врз којшто доверителот имал запишано хипотека. Во ваков случај заинтересираниот доверител треба да го искористи правото на приговор на извршувањето до надлежниот суд.
– Заради зајакната правна сигурност, при определувањето на мерката замрзнување на имот треба да се води сметка за следново:
* Сразмерност/пропорционалност на износот на средствата што се замрзнува наспроти сомневањето за висината на противправно прибавената имотна корист
* Разумно времетраење на мерките
* Известување на засегнатото физичко или правно лице чијшто имот се замрзнува
* Инволвирање во казнената постапката на трети заинтересирани лица (bona fide доверители и други) засегнати од мерките на замрзнување на имотот и конфискација на имот и нивното право на жалба со ограничен опфат – само во однос на имотните права
* Постоење право на жалба на решенијата за замрзнување на имотот до повисока инстанца
* Судско преиспитување на определените мерки на определен временски период со цел да се оцени дали се уште постојат околностите за продолжување на мерките
– Внесување во законодавството на нова функција “привремен управител“ на правно лице спрема кое е определена мерка замрзнување на имотот, којшто ќе има задача да се грижи и да управува со замрзнатиот имот, да ги контролира дејствијата на должникот, да оневозможи осуетување на мерките за замрзнување и на мерката конфискација на имотот, да се грижи за правата на bona fide доверителите.
– Неопходна е меѓуинституционална соработка, известување и координирање со цел:
* органите на прогонот да имаат увид во имотната состојба на лицето и правата на bona fide доверителите (Агенција за катастар на недвижности; Централен регистар; УЈП и сл.)
* одбегнување на следниве ситуации: предмет на конфискација да претставува имот врз којшто е запишана хипотека пред донесување на одлуката на судот; имотот што е конфискуван со одлука на судот да стане дел од стечајната маса; да се дозволи бришење од централниот регистар на правно лице против кое се води кривична постапка и сл.
– Треба да се преиспитаат законските одредби во однос на следниве аспекти:
* Материјалните одредби од КЗ и процесните од ЗКП во однос на замрзнување на имот, конфискација и заштита на правата и интересите на третите лица.
* Процесните одредби од ЗКП во однос на мерките за обезбедување на имотот и мерката конфискација.
* Преиспитување на постапувањето на НБРМ во однос на определување дополнителни резервации што се бараат од банките во случај кога тие се јавуваат како bona fide доверители коишто иако имаат хипотека врз имотот не може истата да ја активираат поради кривична постапка што е во тек.
* Преиспитување на одредбите во однос на основите кога едно право лице може да биде избришано од Централниот регистар со што ја одбегнува кривичната одговорност.
Поканата и агендата за стручната расправа може да ги погледнете: ТУКА.
Фотографии од настанот: