На 20 и 21 јуни во Охрид се одржа трилатерална средба помеѓу претседателите на Македонската академија на науките и уметностите, на Бугарската академија на науките и на Српската академија на науките и уметностите – академиците Таки Фити, Јулијан Ревалски и Владимир Костиќ. Претседателите изразија задоволство од досегашната успешна соработка меѓу академиите, којашто покрај реализација на заеднички научноистражувачки проекти и публикација на резултатите од истражувањата во трите земји и во престижни меѓународни списанија во други земји, студиски престои на акдемици и научни работници надвор од академиите во трите земји, учество на академиците на меѓународни научни конференции организирани во МАНУ, БАН и САНУ, изложби на еминентни сликари од трите земји во Скопје, Софија и Белград, преводи на делата на проминентни писатели и поети на македонски, бугарски и српски јазик итн.
Годинава, првпат е договорена и реализација на трилатерални научноистражувачки проекти во областа на математиката, археологијата и медицината, како и организирање на регионална научна конференција посветена на климатските промени и на заштитата на животната средина, којашто ќе се одржи во првата половина на 2018 година во Република Србија. Договорено беше вакви конференции, на значајни теми, сукцесивно да се организираат секоја година во трите земји.