Меѓународната асоцијација за источно – европски студии (L’Association internationale d’études du Sud-Est européen – AIESEE) е проминентно меѓународно здружение кое се занимава со изучување на цивилизациите и културата на просторите на Балканот и на Источна Европа, формирано во Букурешт во далечната 1963 година, под покровителество на UNESCO. Република Mакедонија е членка на оваа Асоцијација од 1993 година кога во рамките на МАНУ е формиран Македонскиот национален комитет на AIESEE. Нашиот национален комитет има седиште во МАНУ, секогаш е раководен од член на МАНУ и редовно добива финансиска и организациска помош од Академијата.
На 12 Конгрес на AIESEE, на тема: Политичките, општествените и религиозните промени во Југоисточна Европа, се одржа во Букурешт, во периодот од 2.09 до 6.09 2019 година.
На 12 Конгрес на AIESEE, со свои реферати учествуваа:
– проф. д-р Драги Ѓоргиев, дописен член на МАНУ, со реферат на тема: Миграциите од македонските градови во регионот на Црно Море во 19 век (според отомански извори);
– д-р Александра Николоска, виш научен соработник (Истражувачки центар за културно наследство “Цветан Грозданов“ при МАНУ, со реферат на тема: Религиски динамизам зад слика: Развој на иконографијатa на Кибела.
– м-р Марица Антовска – Митев и проф. д-р Таки Фити (Центар за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“), при МАНУ со реферат на тема: Претприемничката култура и иновациите – состојби и перспективи во земјите на Југоисточна Европа
Рефератите беа презентирани на англиски јазик и предизвикаа значаен интерес меѓу учесниците на Конгресот.
Членовите на МАНУ, академиците Вера Битракова – Грозданова, Луан Старова и Катица Ќулавкова, од здравствени причини, не допатуваа во Букурешт, но апстрактите на нивните трудови се објавени во книгата на Апстракти на Конгресот и тие, во финална форма, ќе бидат доставени до нашиот Национален комитет, за понатамошна постапка.
Од македонска страна на 12 Конгрес учествуваа и двајца претставници надвор од МАНУ: Билјана Ристоска (Институт за национална историја – Скопје и Снежана Филипова од УКИМ – Филозофски факултет – Скопје).
На отворањето на Конгресот, присуствуваа видни научни работници и гости, меѓу кои и поранешниот претседател на Романија, г. Константинеску, амбасадорот на Република Северна Македонија во Романија г. Габриел Атанасов, амбасадорот на Република Грција во Романија и др, Македонскиот национален комитет на AIESEE, беше посебно апострофиран и пофален за својот придонес во работата на AIESEE меѓу двата конгреса – особено за успешната организација на Меѓународниот колоквиум на AIESEE на тема: Традициите во комуникациите и духовната култура на Југоисточна Европа – право, економија, природни науки, уметност, литература, јазици (Tradition dans la communication et dans la culture spirituelle de l’Europe du Sud-Est – droit, économie, sciences naturelles, art, littérature, langue) , одржан минатата година во Охрид, и за објавениот зборник на трудови од Колоквиумот од страна на МАНУ (нашиот Национален комитет) и AIESEE.
Македонскиот национален комитет на AIESEE, во Букурешт организираше Изложба на избрани дела (книги, монографии, студии) на членови на Македонскиот национален комитет на AIESEE и презентација на Зборникот на трудови од Меѓународниот колоквиум на AIESEE, одржан во Охрид минатата година. Изложбата, со пригодна реч, ја отвори претседателот на МАНУ, акад. Таки Фити, а Зборникот на трудови Традициите во комуникациите и духовната култура на Југоисточна Европа – право, економија, природни науки, уметност, литература, јазици, го промовираше д-р Александра Николоска, вработена во Истражувачки центар на МАНУ за културно наследство “Цветан Грозданов“. На отворањето на Изложбата и на презентацијата на Зборникот присуствуваа и акад. Разван Теодореску, потпретседател на Романската академија на науките, генерален секретар на AIESEE и член на МАНУ надвор од работниот состав, г. Константинеску, поранешен претседател на Романија и амбасадорот на Република Северна Македонија во Романија г. Габриел Атанасов.
Присуството на 12 Конгрес на AIESEE, беше искористено и за средба на претседателот на МАНУ, акад. Таки Фити и на дописниот член на МАНУ проф. д-р Драги Ѓоргиев, со претседателот на Романската академија на науките акад. Јон – Аурел Поп и потпретседателот на Романската академија на науките акад. Разван Теодереску (за оваа средба е поднесен посебен Извештај).
На 12 Конгрес во Букурешт како нови членки на AIESEE беа примени, Словенија, Кина и Шведска, што говори за високата репутација на Меѓународната асоцијација за источно – европски студии (L’Association internationale d’études du Sud-Est européen – AIESEE) и за зголемениот интерес, во меѓународни рамки, за темите и проблематиката кои се дискутираат во рамките на Асоцијацијата и кои се дел од нејзината мисија.
На Конгресот, со акламација, беше прифатен предлогот на раководството на AIESEE. идниот, 13 Конгрес на Меѓународната асоцијација за источно – европски студии – AIESEE, во 2024 година да се одржи во Република Северна Македонија. Ова е голема чест за нашиот Национален комитет и виоско признание за активната партиципација на научниците од нашата земја во работата на оваа респектабилна меѓународна асоцијација.
Фотографии од настанот: