На Меѓународниот саем на книгата 2020, што се одржа од 8 до 14 септември во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, Македонската академија на науките и уметностите се претстави со дел од својата богата продукција на изданија. МАНУ традиционално учествува на оваа манифестација, поддржана од Министерството за култура, каде што изложуваат издавачи од Македонија и од регионот. И покрај специфичните околности под кои се одржа 32. издание на овој значаен културен настан, условени од општата епидемија на корона-вирусот, првпат на отворено под монтажни објекти заради заштита на јавното здравје, МАНУ успешно се претстави пред пошироката јавност со свои изданија од повеќе области од науките и од уметностите. На својот саемски штанд, МАНУ изложи голем број наслови: периодични изданија на одделенијата на МАНУ, изданија на центрите на МАНУ, монографии, зборници на трудови од научни конференции, литературни дела и други изданија на членовите на МАНУ.
Здружението на издавачите и книжарите на Република Македонија, во рамките на книжевните саемски случувања, и оваа година додели награди во четири категории за изданија објавени меѓу двата саема. Македонската академија на науките и уметностите конкурираше со свои изданија и доби две први награди за изданија објавени во 2020 година: прва награда за најдобро оригинално издание од областа на литературата, науката, културата и уметноста за изданието „Лингвистички атлас на македонските дијалекти (според материјалите на Општословенскиот лингвистички атлас – ОЛА)“ на Истражувачкиот центар за ареална лингвистика „Божидар Видоески“ при МАНУ, чиј уредник е доп. член Марјан Марковиќ, и прва награда за најдобро ликовно-графичко обликување и дизајн на книга за монографијата „Живописот на Охридската архиепископија XI – XVII век“ од акад. Цветан Грозданов, издание во соиздаваштво со Книгоиздателство „Матица македонска“.
Софија Чолаковска-Поповска,
раководител на Одделот за издавачка и
за информатичка дејност на МАНУ