Во организација на Центарот за стратегиски истражувања при Македонската академија на науките и уметностите на 8 јуни 2017 година се одржа научната расправа на тема: ПОЛИТИЧКИ ПАРТИИ, ДЕПАРТИЗАЦИЈА НА ИНСТИТУЦИИТЕ И ВЛАДЕЕЊЕ НА ПРАВОТО. Организирањето на оваа научна расправа е предвидено со Програмата на Центарот за стратегиски истражувања при Ману за 2017 година, во рамките на проектот „Правна држава, владеење на правото и човекови слободи и права“, со главна цел на: преглед на научната мисла кај нас за политичките партии и проблемот на партизација на државата и нејзините институции; поттикнување на научното истражување за политичките партии во светлината на основната човекова слобода на здружување, и нивната положба и улога во македонскиот политички систем.
На расправата активно учество земаа повеќе истакнати професори, стручњаци и истражувачи, а беа присутни и магистранти и докторанти, студенти на правните и политолошките студии на факултетите во државата, кои ќе партиципираат на Охридската школа за кои оваа расправа ќе претставува прв колоквиум.
Првиот панел со свој говор го отвори акад. Камбовски кој се осврна на тековните состојби на политичкиот и партискиот систем и владеењето на правото, по што со свои излагања настапија, претседателот на МАНУ акад. Таки Фити кој се осврна на значењето на владеењето на правото и улогата на политичките партии во однос на економскиот раст, акад. Георги Старделов кој зборуваше за потребата на суштинската промена на парадигмите на кои делуваат политичките партии и своевидна нивна де-болшевизација. Во првиот панел свое учество остварија и првиот претседател на Собранието на независна Република Македонија, Стојан Андов кој ги изнесе своите искуства и согледби за иднината и претстојниот период на реформи, како и проф. д-р Ветон Љатифи кој преку синтеза на најновите гледишта на американските и европски истражувачи на политичката наука даде осврт на актуелниот систем и дејствување на политичките партии во Македонија.
Вториот панел на научната расправа беше повеќе насочен кон правните последици и одговорност на политичките партии каде под модераторство и воведен збор на проф. д-р Светомир Шкариќ со осврт на уставноправната и законската заснованост за дејствувањето и санкционирањето на политичките партии, учество со свои излагања земаа и: проф. д-р Ана Павловска – Данева изнесувајќи синтеза на административно-правните гледишта, проф. д-р Беса Арифи која преку своето излагање за департизацијата на институциите ја отвори проблематиката на одговорноста на политичките партии како правни лица и даде насоки и препораки за надминување на актуелната неповолна состојба со политичките партии во Република Македонија; проф. д-р Гордан Георгиев кој претстави симбиотски поглед на соврмените европски теоретски становишта за политичките партии и движења и македонски состојби, а панелот се затвори со настапот и презентацијата на проф. д-р Александар Маршавелски од Хрватска кој се осврна на кривично-казнената одговорност на политичките партии претставувајќи го конкретниот случај на судските процеси и одлуки против злоупотребите и проневерите на политичката партија ХДЗ во Хрватска.
По завршувањето на двата панели, се отвори широка дискусија на која учество земаа обвинителката Ленче Ристоска од Специјалното јавно обвинителство, како и претставници од новата политичка партија „Левица“ кои го претставија своето искуство во делувањето како политичко движење и новоформирана политичка партија која учествуваше на последните парламентарни избори.
Одржувањето на расправата, претходи на претстојното одржување на Охридска школа на природното право на тема Демократија и владеење на правото, што ќе се одржи од 19 до 25 јуни 2017 година, во Научниот и уметнички центар „Уранија“ во Охрид, во организација на Центарот за стратегиски истражувања при МАНУ и Амбасадата на САД во Скопје, Македонија.
Агендата и програмата за научната расправа може да ја погледнете: ТУКА.
Фотографии од настанот: