На 23.03.2017 година во Македонската академија на науките и уметностите беше одбележана 70-годишнината од раѓањето на акад. Нада Поп-Јорданова.
Нада Поп-Јорданова е проминентен универзитетски професор по педијатрија и клинички психолог. Во 2012 година е избрана за редовен член на МАНУ. Нејзините научни придонеси се во доменот на психосоматските заболувања кај најмладата популација – децата, а во поново време овие истражувања се поместени и на ризични групи на возрасната популација. Во последниве 10 години акад. Нада Поп-Јорданова истражува и во доменот на невронауката.
Целиот свој работен век акад. Поп-Јорданова го посветила на лекување на децата во Република Македонија. Објавила повеќе од 400 научни и стручни трудови – учебници, книги, научни статии и сл.
Таа дала особен придонес во развојот на нови методологии во невронауката – поврзани со примена на нови технологии, т.е. со т.н. неврофидбек со пресметување на brain – rate што претставува показател за општата ментална возбуденост на личноста и сл. со што се стекнала со висока меѓународна репутација во областа на нејзиниот научен интерес.
За постигнатите резултати акад. Нада Поп-Јорданова се здобила со високи признанија. Таа е член на три академии со висока репутација – на Њујоршката, на Европската и на Светската академија.
На одбележувањето на нејзиниот 70-ти роденден, поздравна беседа одржа претседателот на МАНУ, акад. Таки Фити. За нејзиното дело и за нејзините научни придонеси говореше акад. Момир Поленаковиќ. Нејзините Собрани дела (во 4 тома) ги промовираше проф. д-р Зоран Гучев, а нејзината најнова книга “Музиката и емоциите”, ја промовираше акад. Катица Ќулавкова.
На крајот на свечениот собир беше прикажан филмот на ТВ Телма „Мојот пат“.
Фотографии од настанот: