На 4 април, посета на Македонската академија на науките и уметностите оствари Н.Е. Јин Ликсијан, новоназначаена на функцијата амбасадорот на НР Кина, каде што беше пречекана од претседателот на МАНУ акад. Таки Фити и раководителот на Центарот за стратегиски истражувања, акад. Камбовски. На едночасовната средба беше воден опширен разговор на повеќе теми во однос на можностите за соработка на научна и уметничка основа, како и за општите тековни политички, економски и општествени состојби на домашно, регионално и меѓународно ниво. Во своето обраќање акад. Фити ја запозна Н.Е. амбасадор Ликсијан дека МАНУ и Кинеската академија за општествени науки имаат потпишано меморандум за соработка уште во 1998 година, а по неодамнешната посета и средба со Делегацијата од Институтот за Европски студии при Кинеската академија за општествени науки веќе се преземаат активности за конкретизирање и продлабочување на соработката за што постои навистина голема желба од македонска страна и тоа во однос на размена на искуства и заеднички научно-истражувачки активности во сите науки. Во тој однос, акад. Камбовски опширно ги изнесе плановите и активностите околу обнова на постојниот Меморандум за соработка меѓу двете академии и потпишување на нов протокол за соработка меѓу Центарот за стратегиски истражувања при МАНУ и Институтот за европски студии при КАОН со програма на конкретни активности во однос на научната соработка. Кинескиот амбасадор Н.Е. Ликсијан, го искажа своето задоволство од веќе воспоставените контакти и желбата за продлабочување и интензивирање на соработката, при што ја истакна својата увереност дека досегашните технички пречки ќе се надминат и во скоро време Македонија и МАНУ ќе бидат домаќини на годишната конференција на кинеската иницијатива за научно-истражувачка и економска соработка и мрежа на think-thank организации „16+1“, за што кинеската амбасада стои непречено на располагање за поддршка. Разговорот на средбата продолжи околу структурата и активностите на МАНУ, како и за тековните состојби во државата, на што Кинескиот амбасадор забележа дека недостасува македонска научна литература во Кина од каде би се информирала и запознавала кинеската научна, стручна и поширока јавност, на што акад. Фити покрај подарувањето на неколку изданија на МАНУ на англиски навести дека Македонската академија на науките и уметностите во најскоро време ќе направи избор на свои изданија од областа на македонската историја, кулутра, уметност, општествени и природни науки кои ќе бидат доставени до кинеската амбасада и кинеските колеги, со можност и за нивно преведување и објавување во Кина. Средбата заврши со заеднички заклучок дека постои добра тенденција за соработка и дефинитивно научните заедници треба да ја дадат вистинската насока за нејзино конкретизирање, поради фактот што научниот пристап е најцелисходниот начин за соработка кој најлесно ги надминува и сообразува сите јазични, културни, општествено-економски разлики меѓу Македонија и Кина и воедно отвора простор за проширување на меѓусебните врски и соработка на сите други полиња на општественото живеење.
Фотографии од настанот: