Одделение за медицински науки
Во Одделението за медицински науки се застапени следниве научни области: медицина, стоматологија и фармација.
Членови на Одделението се:
- Живко Попов (урологија),
- Владимир Серафимовски (интерна медицина),
- Илија Филипче (оториноларингологија),
- Нада Поп-Јорданова (педијатрија).
- Александар Димовски (биомедицински науки),
- Сашко Кедев (кардиологија).
- Димитар Ефремов (Хематологија)
Област на работа: Урологија
Акад. Живко Попов
Институции: Редовен професор на Медицинскиот факултет во Скопје
Биографија
Акад. Живко Попов е роден на 23 јуни 1950 год. во Кавадарци. Основно училиште и гимназија (Ј.Б.Тито) завршил во Битола, а Медицински факултет во Скопје во 1976 година. На Клиниките за хируршки болести (Клиника за урологија, Доц.др.Иван Влашки) при Медицинскиот факултет во Скопје се вработил во 1977 година. Едногодишната воена обврска ја обавил во 1977/78 год. во 47 класа на Санитетската офицерска школа (СОШ) во Белград и во Осиек (СФРЈ). Универзитетската наобразба ја започнува како специјалист хирург-уролог во 1983 год. кога ја завршил четиригодишната специјализација по урологија на Медицинскиот факултет во Скопје, хирург-трансплантолог е од 1986 год. кога завршил и специјализација по трансплантациона хирургија во Универзитетско-клиничкиот центар Хенри Мондор, XII Париски Универзитет, Франција (проф. Clement-Claude Abbou; проф. Jean Auvert). На 27.11.1990 год. на Медицинскиот факултет при Универзитот Св. Кирил и Методиј во Скопје ја одбранил докторската дисертација од областа на медицинските науки со наслов: “Проценка на реактивноста на локорегионалната туморска лимфаденопатија и улогата на лимфаденектомијата во дијагностиката на урогениталниот канцер” (ментор проф. др. Б. Бадиев).
Акад. Живко Попов своето образование го продолжил во Париз, при што во 1994 год. се здобил со универзитетска диплома за продлабочени студии во хируршки науки (Diplome d’Etudes Approfondies en sciences chirurgicales D.E.A.) на V Париски универзитет Rene Descartes, со писмен испит и јавна одбрана на мемоарот со наслов: “Evaluation de la proliferation et de la surexpression de p53 dans le cancer de la vessie: Valeur pronostique”. (Директор на студиите: проф. Didier Houssin).
На 10 ноември 1998 год. ја одбранил својата втора докторска дисертација во Франција од областа на хируршките науки (опција канцерологија), повторно на престижниот V Париски универзитет Rene Descartes, UFR Cochin Port Royal, теза со наслов: “Marqueurs moleculaires du cancer vesical: valeur pronostique” (ментор: проф. Dominique Chopin). Јавната одбрана на трудот била оценета со највисока оценка од страна на комисијата со која претседавал Претседателот на Француската уролошка асоцијација проф. Francois Richard. Во 2011 год. во рамките на Европската унија на медицински специјалисти (EUMS) се здобил со Европска диплома за трансплантациона хирургија (European Honorary Diploma for Transplantation Surgery) и звање FEBS (Felow of European Board of Surgery).
Клиничкиот тренинг и наобразба ги обавил во повеќе универзитетски институции во Р. Македонија, СФРЈ и странство. Согласно стручните активности предвидени со програмата и планот за специјализација покрај Хируршките клиники при Медицинскиот факултет во Скопје, во 1982 год. престојувал три месеци на Институтот за урологија и нефрологија во Белград и Уролошката клиника при Клиничкиот центар во Љубљана. Пролетта 1985 год. заминал на неколкумесечна специјализација во Mayo Clinic, Mayo Medical School, Rochester, Минесота, САД (проф. W. L. Furlow; проф. Horst Zincke) каде што се запознал со употребата на протези во урологијата, импотенцијата, пенисната хирургија, лимфните дисекции кај урогениталниот канцер, радикалните простатектомии, трансабдоминалниот пристап на урогениталните органи и други големи хируршки процедури во онколошката урологија.
Во текот на 1985/1986 год. бил на едногодишна специјализација по трансплантациона хирургија на XII Париски универзитет во Клиничкиот центар Хенри Мондор, кај реномираните професори Јеаn Auvert, Claude Abbou и Dominique Chopin. Во 1986 год. исто така престојувал четири месеци кај познатиот проф. Maurice Camey во Centre Medico – Chirurgical Foch во Париз, заради едукација во полето на онколошката урологија, посебно радикалните цистопростатектомии кај канцерот на мочниот меур, и неговата супституција, област во која проф.Camey има сопствени процедури.
Од 1992 до 1994 год. повторно престојувал на XII Париски универзитет во Клиничкиот центар и Центарот за хируршки истражувања Хенри Мондор кај професорите Claude Abbou и Dominique Chopin. Во овој период тој извршил двегодишна суплементарна едукација во полето на бубрежната и мултиорганска трансплантација, онколошката урологија, како и научноистражувачка работа во полето на имунологијата на урогениталниот канцер.
Неговата суплементарна едукација е богата со повеќе кратки стручни престои со цел да се перфекционираат постоечките или да се воведат нови хируршки процедури во решавањето на уролошката патологија, од кои се издвојуваат: Cornell University, New York (проф. Neal Bander, 1999); Универзитетскиот клинички центар А.К.Х., Виена, (проф. M. Marberger, 2000 и 2002); Универзитетската Елизабетска болница Линц, Австрија, (проф. Janetchek, 2003); Универзитет во Тел Авив, Израел, Клинички центар Sheeba, (проф. Amram Ayalon, 2003); Универзитет во Берн, Швајцарија, (проф. Urs Studer, 2003 и 2006); Rabin Medical Centre, Beilinson Hospital, Department for Organ Transplantation, Petah Tikva, Izrael (проф. Eytan Mor, 2013) и други.
Своите академски наименувања и наставна дејност ги започнал во 1983 год. кога е избран за асистент по предметот хирургија на Медицинскиот факултет во Скопје; асистент по уролошка хирургија во 1985/1986 год. во Универзитетските болници Hopital Henri Mondor (проф. Jean Auvert) и Hopital Foch (проф. Maurice Camey) во Париз, Франција. Во 1991 год. е избран за доцент, во 1996 год. за вонреден професор, а од 2002 год. е редовен професор со два реизбора по предметите хируршка пропедевтика и општа хирургија со воена хирургија на Медицинскиот факултет во Скопје. Тој одржува постдипломска настава за специјализанти по урологија, општа хирургија и други допирни хируршки специјалности каде се третираат проблеми од хирургијата на урогениталниот систем. Бил ментор на повеќе успешно одбранети докторски дисертации и магистерски трудови и сеуште е активно вклучен со три докторанти во третиот циклус на студии при Медицинскиот факултет во Скопје.
Повеќегодишните стручни и научноистражувачки престои на Клиничките болници во Париз му овозможиле да се здобие и со престижни академски титули на Парискиот универзитет: 1993/94 универзитетски клинички шеф по уролошка хирургија (Chef de Clinique associe aux Universites) при Centre Hospitalier Universitaire (CHU) Henri Mondor, Faculte de Medicine Creteil, Universite Paris XII Val De Marne; во учебните 1997/98; 1998/99; 1999/2000; 2001 и 2003 се стекнал со титула универзитетски поканет професор по уролошка хирургија (Professeur Invite des Universites) при CHU Henri Mondor, Faculte de Medicine Creteil, Universite Paris XII Val De Marne, France, во рамките на францускиот национален контингент на професори од прва класа, со полно работно време по 4 месеци годишно. За време на овие престои на Парискиот универзитет активно е вклучен во изведувањето и менторирањето на студиите за стекнување на универзитетска диплома за продлабочени знаења во хируршките науки (D.E.A.).
Болничките наименувања ги започнал како шеф на отсекот за ендоскопија при Клиниката за урологија, Медицински факултет Скопје (1984–1991). Од 1992 до 1995 год. бил шеф на Одделението по општа урологија, а од 1995 до 1999 год. бил назначен за шеф на Одделот по уролошка онкологија. За директор на Клиниката за урологија бил избран во три мандата (1995–1997; 1999–2002; 2006-2012). Во 1996 год. бил назначен за модератор на Хируршките клиники при Клиничкиот центар Скопје, а нивни координативен директор бил во периодот од 1999 до 2002 година. Акад. Попов е основопложник и раководител на Центарот за трансплантација на бубрези при Унив.Клиника за Урологија, Медицински факултет, УКИМ, Скопје (1996-2012). Раководител на Одделот за уролошка хирургија при Специјалната Болница за хируршки болести “Филип Втори”- Скопје (2012-2014; 2016-), Општа Болница Ремедика- Скопје (2014-2016).
Стручни и научни достигнувања:
Акад. Живко Попов е првиот самостоен македонски трансплантациски хирург, комплетно едуциран и подготвен да ја спроведе оваа комплицирана хируршка методологија во пресадувањето и во решавањето на сите хируршки компликации. Со вкупно направени под негово раководство преку 260 пресадувања на бубрези (кадаверични и од жив дарител), воглавно во периодот од формирањето на хируршкиот центар за трансплантација во 1996 год. па сé до 2012 година. Акад. Попов со својот трансплантациски хируршки тим, нашата држава ја вброи во оние каде оваа дисциплина постои и се извршува на европско ниво.
Резултатите од својата работа акад. Попов ги презентирa на повеќе меѓународни симпозиуми и конгреси и ги публикувa во реномирани стручни списанија. Почнувајќи од крајот на 80-тите години на 20-тиот век, кога Клиничкиот центар во Скопје во тогашната СФРЈ претставува референтен центар за една од првите организирани кадаверични трансплантации на бубрези и кога ширум бившите југословенски простори беа за прв пат испратени десетина презервирани кадаверични бубрези, па сé до денес оваа медицинска дисциплина перманентно се развива следејќи ги современите процедури во полето на трансплантологијата. Така, во 2002 и 2003 год. под раководство на акад. Попов се изведени и првите четири трансплантации на Балканот, при кои е употребена лапароскопска техника при земањето на бубрегот од живиот дарител, во соработка со проф. D. Chopin од XII Париски Универзитет и проф. A. Ayalon од Универзитетот во Тел Авив (Popov et al. Prog.Urol.2005).
Акад. Живко Попов едуциран на повеќе странски универзитети, а пред сé на оние во Париз, се формира во професионалец и научник од високо ниво со широк репертоар на знаења и активности во полето на урогениталната хирургија. Тој е лидер во воведувањето на повеќе тешки хируршки процедури во онколошката урологија, како што се радикалните лимфни дисекции во предел на ретроперитонеумот кај тестикуларните карциноми по што своевремено тој е познат на просторите на СФРЈ. Тој е исто така познат и по многубројните операции од областа на пелвичната хирургија на егзереза со илио-обтураторни лимфни дисекции и уринарна реконструкција. Тој го воведува трансабдоминалниот хируршки пристап при операциите на туморите на ретроперитонеумот, бубрезите и надбубрежните жлезди, и е еден од лидерите во воведувањето на радикалната простатектомија кај канцерот на простата, како и во реализацијата на неовезиката после радикална цистектомија кај мажот и жената при малигните тумори на мочниот меур. Прв во Република Македонија ја изведува трансвагиналната суспензија на вратот на мочниот меур по методата на Raz (UCLA) кај стрес инконтиненцијата кај жената. Лидер е во пенисната хирургија на овие простори, воведувајќи ја Nesbit процедурата и “patch” техниките по Devine кај вродените аномалии на пенисот и Perony-евата болест, како и радикалните пенектомии со перинеостомија кај канцерот на пенисот. Модерните ендоуролошки методи (перкутана нефролитолапаксија, уретерореноскопијата и др.) за лекување на уринарната калкулоза, при крајот на 80-тите години на минатиот век станаа една од неговите главни стручни преокупации. Во првата деценија на 21 век, акад. Попов е лидер во воведувањето на лапароскопијата во урологијата, а посебно неговото внимание е насочено кон лапароскопската хирургија на надбубрежните жлезди која веќе станува рутина на нашите простори (Popov et al. Urology, 2008; Popov et al. Prilozi, 2015). Своето богато клиничко искуство перманентно го презентира на меѓународни и национални Конгреси и несебично го пренесува на другите колеги на хируршките клиники а особено на специјализантите.
Членување во научни асоцијации:
- Интернационално Здружение по Урологија (Societe Internationale d’Urologie – SIU), (1995 -). Национален делегат (1998 – 2012).
- Европска Уролошка Асоцијација – EAU (1998 -).
- Европско Здружение по Уролошка Онкологија (член и претставник за Источна Европа во Бордот на Здружението) (2002 – 2006).
- Член на Американската Уролошка Асоцијација (AUA) (2006-).
- Здружение за трансплантација на франкофонските земји (Societe Fancophone de Transplantation, SFT) (2006-).
- Европско Здружение за трансплантација на органи – ESOT (2010).
- Македонска Уролошка Асоцијација (Претседател 1999-2002, 2010-2015).
- Македонско Здружение за Трансплантација на органи и ткива (2005-), избран Претседател за нареден мандат.
- Претседател и организатор на Првиот Македонски Уролошки Конгрес во соработка со Европската Уролошка Асоцијација –EAU (2002) во Охрид.
- Претседател и органиозатор на 7-от Конгрес на Уролозите на Југоисточна Европа (SEEM/EAU, 2011) во Скопје.
- Копретседател и организатор на 5-иот Евроазиски Зимски Форум одржан во МАНУ- Скопје (2013).
Членување во комисии:
- Член на Федералната Комисија за Трансплантација при Сојузното Министерство за здравство, Белград, Југославија, 1991–1992 (министер Драгиша Гачиќ).
- Национален координатор и шеф на “Македонија трансплант”, (координативно тело за трансплантација на органи и ткива), при Министерството за здравство наM., 2002–2011.
- Член на Одборот за акредитација и евалуација на високото образование во Република Македонија при МОН како претставник на МАНУ, мандат: 2011–
Национални и меѓународни награди:
- 2000, Републичка награда „11 Октомври“ за достигнувања во полето на хирургијата и трансплантацијата на бубрези, Скопје.
- 2002, Орден за придонес на Француската култура и наука: “Академска палма” (Chevalier dans I Ordre des Palmes Academiques) co декрет на Премиерот на Република Франција.
- 2007, Награда „13 Ноември“ на Град Скопје за особен придонес во развојот и меѓународна афирмација во доменот на уролошката хирургија и трансплантацијата на бубрези во градот Скопје.
- 2010, Државна награда „23 Октомври“ за достигнувања во областа на хирургијата и науката.
Грантови и проекти:
- Член на Истражувачката група за Урогенитални тумори (GETU- Groupe d’Etudes de Tumeurs Urologiques) при 12-тиот Париски Универзитет (CHU Henri Mondor), директор: проф. Dominique K. Chopin (1992- 2005), од каде произлегуваат голем број на публикации во научни списанија со висок импакт фактор. Иницира, зема учество и координира повеќе проекти за клинички и фундаментални научни истражувања од областа на урогениталните тумори и нивната имунологија со посебен акцент на молекуларните маркери на канцерот на мочниот меур.
- 2007-2009, Грант од Шестата Рамковна Програма за истражување, технолошки развој и демонстрација на Европската Комисија (Research grant from the 6th Framework Programme on Research, Technological Development and Demonstration of the European Commission-Contract Number: 037739) со работен наслов: Интеграција на ДНК, РНК и протеински маркери во дијагнозата и прогнозата на карциномот на мочниот меур. Во рамките на проектот набавена е опрема за основање банка на ткиво од урогенитален канцер при МАНУ (акад. Попов е главен истражувач за Република Македонија и национален претставник во конзорциумот на проектот).
Публицистичка дејност:
Три мемоари од кои два за докторски дисертации и еден за продлабочени знаења во хируршки науки, повеќе извештаи за научно-истражувачки проекти. Едитор на бројот 5 од 2000 год. на реномираното француско научно списание Annales d’Urologie, посветен на бубрежната трансплантација во Република Македонија. Акад. Живко Попов како автор и коавтор објавил над 200 научно-стручни трудови во домашни и меѓународни научни списанија, од кои над 60 се наоѓаат на PubMed индексирани на Medline, со преку 700 цитирања во Интернационалниот индекс.
За редовен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран на 27 мај 2009 година.
Датум на раѓање::23.06.1950
Место на раѓање::Кавадарци
Членство во МАНУ::Редовен член, 2009
Email::zivkopopov@yahoo.com
Област на работа: Интерна медицина
Акад. Владимир Серафимоски
Институции: Редовен професор на Медицинскиот факултет во Скопје
Биографија
Акад. Владимир Серафимоски е роден на 3 јуни 1948 година во Гостивар, каде што завршил основно и средно образование. Дипломирал на Медицинскиот факултет во Скопје во 1971 год. По завршување на четвртата година од студиите бил испратен во Полска (Варшава), каде што ја изведувал задолжителната практична работа no хирургија на II хируршка клиника. Својот работен век го започнува во Здравствениот дом во Скопје. По приемот на Клиниката за гастроентерохепатологија добил решение за специјализација по интерна медицина и активно се вклучува во научно-истражувачката работа. Во 1977 год. е избран за помлад асистент, а во 1981 година за асистент на Катедрата за интерна медицина на Медицинскиот факултет во Скопје. Редовен професор е по предметот интерна медицина.
Уште како млад асистент од Стручниот колегиум на Клиниката за гастроентерохепатологија добива задача да ја воведе рутинската ехотомографија во абдоминалната дијагностика. Испратен е во Париз, Амстердам, Нирберг и Филаделфија на професионална едукаинја и постдипломско усовршување. Во 1983 година ја брани докторската дисертација на тема „Ехотомографски придонес во дијагностиката и диференцијалната дијагностика на опструктивниот иктерус“. Рутинската ултрасонографија како дијагностичка метода прв ја воведува на просторите на поранешна Југославија и на Балканот. Во оваа област е пионер. Дијагностичката ултрасонографија претставува насочена биопсија водена под ултразвук на црниот дроб, на панкреасот, на слезенката, на ретроперитоенеалните лимфни јазли, на бубрезите и на другите структури во абдоменот. При тоа се биопсираат патолошки структури на овие органи и се добива парче за хистолошка анализа, со што се добива егзактна дијагностика. Клиниката за гастроентерохепатологија на која бил и одреден период и директор, претставувала референтен центар за едуцирање на кадри од оваа област, особено од поранешна Југославија.
Акад. Владимир Серафимоски престојувал во повеќе центри во светот, и тоа: Амстердам, Ротердам, Париз, Нирнберг, Филаделфија, Сан Диего, Копенхаген, Лондон и како резултат на тие престои ја воведува интервентната ултрасонографија во поранешните простори на СФР Југославија и во нашата земја. Со тоа тој ги воведува следниве терапевтски процедури, дренажи на апсцеси на црниот дроб, на панкреасот, на жолчното кесе, на бубрезите и другите органи во абдоменот; дренажи на проширени билијарни патишта; поставување на билијарни протези и многу други манипулации кои го скратуваат времето на дијагностицирање и на лекување на гастроентерохепатолошките болни.
Акад. Серафимоски во нашава земја ја воведува ендосонографијата, која во денешно време е незаменлива за одредување на стадиумот на туморите на хранопроводот, желудникот, колонот и панкреасот. Изведувачот на оваа метода мора многу добро да ги познава ендоскопијата и ехотомографијата, бидејќи методата е синтеза на двете техники. Интерпретацијата на резултатите од оваа метода е многу тешка и одговорна работа, бидејќи со неа се одредува степенот. на операбилноста на болниот. Исто така ги воведува доплер и колор доплер ултрасонографијата и интраоперативната ултрасонографија.
Акад. Серафимоски, кој е во пензија, работел на Клиниката за гастроентерохепатологија и бил редовен професор на Катедрата по интерна медицина на Медицинскиот факултет во Скопје. Под негово менторство се изработени и одбранети 5 магистерски труда и 5 докторски дисертации.
Носител е на бројни научноистражувачки проекти.
- Црнодробен канцер во Република Македонија, 1989-1991,
- Канцерот на желудникот во Република Македонија, 1992-1994,
- ХБВ инфекција кај циротичните болни , 1995-1997,
- The role od H. pylori virulence (Vac A and CagA protein ) in the pathogenesis of chronic gastritis and peptic ulcer disease in correlation with the local and sistemic immune response. Prof. D-r Howard Steer, Sauthempton–General Hospital U.K. and Prof. D-r Vladimir Serafimoski , Departement of Gastroenterohepatology, Clinical centar, Skopje, R. Macedonia,
- Serological markers of Chronic infection with Hepatitis-B virus, Prof. D-r C.H. Schroeder, Dautshes Krebsforschungszentrum im Neuenheimen Feld 280, 69120, Heilderberg, Deutshland and Prof. D-r Vladimir Serafimoski, Departement of Gastroenterohepatology , Clinical centar Skopje, R. Macedonia ,
- Renal impairment in patients with Inflamatori Bowel Disease. Prof. D-r M.E. De Broe University Hospital Antwerpen –Belgium; P. Colombie Lille, France; Reigler-Napoli- Italy, Prof. D-r. V. Serafimoski, Skopje, Macedonia.
- Хепатитис С виртус вклучен сум во пректот кој е под раководство на Академик Ѓ. Ефремов и Академик М. Поленаковиќ.
Во моментов активно е вклучен во три научноистражувачки проекти.
Членува во повеќе научни друштва и асоцијации како:
- World organisation of Gastroenterology,
- European Society of Gastro-Intestinal Endoskopy,
- Assotiation of National European and Mediterranean Societies of Gastroenterology,
- International Gastro-Surgical Club,
- Здружение на Гастроентеролозите на Југославија;
- Здружението за ултразвук и медицина на Југославија;
- Здружение на хепатолозите на Југославија
Бил претседател е на Научното здружение на гастроентерохепатолозите на Македонија и организатор на три научни симпозиуми за ултразвук и на Меѓународниот хепатолошки симпозиум (1966). Од 1978 година на одделот за ултразвук со кој раководел престојувале на студиски престој, на усовршување или изработка на научни трудови над 50-тина специјалисти по интрна медицина, по гастроентерохепатологија, магистри и доктори на науки како од нашата земја, така и од странство. Од Република Македонија едуцирал специјалисти интернисти (30), како и од странство од Белград (5), Ниш (3), Лесковац (2), Врање (5), Тузла (2), Загреб (2), Косово (1) и Софија (1) .
Добитник е на бројни награди и признанија, меѓу кои „Наградата 11 Октомври“, највисоко општествено признание за долгогодишни значајни остварувања во Република Македонија од областа на науката и образованието.
Акад. Серафимоски учествувал на бројни научни собири, конгреси и симпозиуми. Како професор по покана одржал над 40 предавања. Своето богато научно искуство го има презентирано во повеќе од 230 научни и стручни трудови објавени во странски и домашни списанија. Неговите трудови се објавени во реномирани списанија од областа на гастроентерохепатологијата, а особено во областа на ехотомографијата. Автор и коавтор е на повеќе изданија, и тоа: Ехотомографски пристап кон иктеричниот синдром, Гастроентерологија, Етиопатогенетска фармакотерапија на гастроентерохепатолошките заболувања и др. Од особена важност е изданието Пропедевтичка и клиничка гастроентерохепатологија, за која акад. Исак Таџер, меѓу другото, вели „мојата оценка е највисоко можна, посебно поради тоа што авторот научно и со знаење ја изложува материјата усвоена преку своето лично искуство со болниот човек“.
Бил член на Управниот одбор на Македонското лекарско друштво во еден мандат, Преседател на Здружението за ултразвук на Р, Македонија во два мандата, Председател на Научното здружение на гастроентерохепатолозите на Р. Македонија, член во Одборот за доделување на највисоки државни награди, Директор на клиниката за Гастроентерохепатологија. Во два наврати бил секретар на Одделението за медицински науки.
За редовен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран на 10 мај 2000 година.
Датум на раѓање::03.06.1948
Место на раѓање::Гостивар
Членство во МАНУ::Редовен член, 2000
Email::vserafimovski@yahoo.com
Област на работа: Оториноларингологија
Акад. Илија Филипче
Институции: Редовен професор на Медицинскиот факултет во Скопје
Биографија
Акад. Илија Филипче е роден на 28 јули 1946 година во Охрид. Основно и средно образование завршил во родниот град, а Медицински факултет во Скопје во 1971 година. На Клини-ката за уво, нос и грло при Меди-цинскиот факултет се вработил во 1972 година. Специјализацијата од областа на оториноларингологијата ја завршил во 1977 година. Уште како специјализант е избран за помлад асистент, а потоа и за редовен асистент. Во 1987 година ја одбранил својата докторска дисертација под наслов „Споредбени испитувања помеѓу техниките на стапедотомија и стапедектомија во хируршкото лекување на отосклерозата“ под менторство на академик А. Андреевски. Во наредните години следуваат изборите за доцент, вонреден професор и редовен професор по истиот предмет при Медицинскиот факултет во Скопје. Избран наставник е и на Високата школа за логопедија и фонијатрија на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и на Високата школа за медицински сестри при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола.
Престојувал во повеќе познати специјализирани центри за одделни суптилни подрачја во областа на оториноларингологијата: во Клинката во Загреб кај академик акад. Падован, а подоцна и кај акад. Краина посветувајќи се на хирургијата на параназалните синуси, фронтобазалните повреди и фонохирургијата; во Париз, во болницата Ст. Антоин кај акад. C.H. Chouard интензивно работел на проблемот на кохлеарниот имплант (вештачко уво) и хирургијата на внатрешното уво; во детската болница Necker во Париз работел на проблемот на вродените малформации на увото, детската бронхо-скопија и езофагоскопија; во Универзитетската болница E. Heriot во Лион, кај акад. Мартин ја усовршил реконструктивната микрохируршка техника на средното уво; во Безиерс, Франција, во најпризнатата специјализирана отолошка клиника работел на проблемот на хируршкото лекување на глувоста предизвикана од отосклероза; кај акад. Ј. М. Стеркерс во Париз, посебно се усовршува за хируршки пристап преку увото до понтоцеребеларниот агол во мозокот и до внатрешниот слушен канал што е многу важно за отстранувањето на тумори во таа регија; хирургијата на лицевиот нерв уште повеќе ја совладува кај акад. Fish во Цирих; во универзитетската оторинола-ринголошка клиника во Прага интензивно работи на проблемот на вештачкото уво.
Како резултат на овие активности, усвојувањето на нови хируршки техники и знаења и нивното применување акад. Филипче се изградува како исклучителен оператор кој за првпат во Република Македонија воведува нови техники кои дотогаш не се изведувале.
Уште поголем придонес се и воведувањето на негови модификации при интервенциите кои даваат многу поуспешен оперативен резултат, мал број компликации и брза рехабилитација. Во својата досегашна професионална работа извршил над 8.000 операции со ниту еден смртен исход и без сериозни и трајни компликации.
Презентирал и објавил над 100 научни и стручни трудови во домашни и меѓународни научни списанија.
Учесник е на бројни светски, европски и национални конгреси, како и бил поканет предавач исклучително со свои лични трудови. Бил директор на Клиниката за оториноларингологија, како и министер за здравство во Владата на Република Македонија.
За редовен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран на 27 мај 2009 година.
Датум на раѓање::28.07.1946
Место на раѓање::Охрид
Членство во МАНУ::Редовен член, 2009
Email::nino923@hotmail.xom
Област на работа: Педијатрија
Акад. Нада Поп-Јорданова
Институции: Редовен професор во пензија на медицинскиот факултет во Скопје
Биографија
Акад. Нада Кожинкова Поп-Јорданова е родена на 17 март 1947 година во Скопје. Основно училиште и гимназија завршила во Скопје како првенец на генерацијата. Паралелно со гимназијата дипломирала и средно музичко училиште, отсек – виолина. Студиите по медицина ги завршила на Медицинскиот факултет во 1970 година со просечна оценка 9,88. По задолжителниот лекарски стаж и положување на стручниот испит работела една година како волонтер во Заводот за ментално здравје за деца и младинци. На Клиниката за детски болести се вработила во 1972 година, а во 1977 станала лекар-специјалист педијатар. Во 1982 година дипломирала психологија на Филозофскиот факултет во Скопје (просечна оценка 9) со одбранета дипломска работа „Цртежите како проективна техника кај децата со органски болести“.
Во 1983 година го одбранила докторскиот труд „Психолошки фактори кај идиопатската адипозност кај школските деца“ под менторство на проф. Васка Донева, преку кој за првпат во педијатријата го воведува психосоматскиот приод во етиологијата на заболувањата. Работејќи повеќе години на одделот по гастроентерохепатологија под раководство на проф. Ратка Влашки, во 1987 стекнува титула супспецијалист по гастроентерологија.
Меѓутоа, нејзиниот интерес за психолошката медицина и психосоматиката ја мотивира за надградба и усовршување токму во оваа област, поради што остварува куси престои на соодветни институции во Виена (1988), Софија (1988), Загреб (1989, 1990), Нови Сад (1989), Белград (1991), а потоа во Токио (2000) и на Imperial College – Лондон (2003). Сите овие престои го надополнуваат нејзиното знаење од областа на медицинската психологија и детската невропсихијатрија. Една школска година (1992–93), како визитинг-професор престојува во Лозана, Швајцарија, во”Centre Hospitalier Universitaire Vaudois”, главно на одделите за развој и ментални проблеми кај младите. Таму работи со познатите Проф. Ансермет и Проф. Бачард, еминентни стручњаци од областа на детската и адолесцентна психијатрија. Во текот на овој престој се вклучува во тамошните стручни екипи посветени на работата на менталното здравје кај младите.
Во 1995 година го формира Одделението за психофизиологија на чие чело останува сé до заминувањето во пензија (2011).
Работејќи и објавувајќи трудови од областа на менталното здравје и психофизиологијата станува меѓународно препознатливо име за што говори нејзиниот избор за редовен член на International College of Psychosomatic Medicine (1994), European Association for Research in Adolescence (1996), Swiss Society for Child and Adolescent Psychiatry (1996), International Organization of Psychoscoiology (1997), Interantional Society for Neuronal Regulation (2002), Society for Applied Neuroscience (2004), Society for Seflregulation and Biofeedback (2005).
Во 1996 година за првпат во Македонија и во поширокиот регион ја вовела методата компјутеризиран биофидбек како во проценката така и во терапијата на разните психофизиолошки растројства. Притоа, таа соработувала со врвни експерти од оваа област како Lynda Thompson (Торонто), Jury Kropotov (Ст. Петерзбург), Berry Sterman (Калифорнија), Олга Базанова (Новосибирск), Andy Muller (Цирих), John Gruzelier (Лондон), John Roy (Њујорк) и др. Истовремено, за првпат на Балканот ја вовела методата квантитативна електроенцефалографија со мозочно мапирање.
Во наставната активност акад. Кожинкова Поп-Јорданова ги поминала сите фази на напредувањето од асистент (1978–84), доцент (1984–90), вонреден професор (1990–96), редовен професор (1996–2011), а во два мандата ја раководела катедрата по педијатрија како нејзин шеф (1999–2003).
Акад. Кожинкова Поп-Јорданова објавила над 400 научни трудови, а во над 85% од трудовите таа е единствен или прв автор. Поголемиот број од трудовите се објавени во меѓународни научни списанија. Научноистражувачката активност на акад. Кожинкова Поп-Јорданова се состои во реализирањето на 16 меѓународни и шест домашни проекти, како и со учество како член на работни групи во повеќе меѓународни проекти.
Член е на следните странски академии: Њујоршката академија на науките, САД (1997), Светската академија за уметност и наука, САД (2006) и Европската академија на науките и уметностите, Салцбург, Австрија (2012).
За редовен член на Македонската академија на науките и уметностите е избрана на 4 јуни 2012 година.
Датум на раѓање::17.03.1947
Место на раѓање::Скопје
Членство во МАНУ::Редовен член, 2012
Област на работа: Биомедицински науки
Акад. Александар Димовски
Институции: Редовен професор на Фармацевтскиот факултет во Скопје
Биографија
Доп. член Александар Димовски е роден во Скопје на 18 октомври 1962 година. Средното образование го оформил во гимназијата „Ј. Б. Тито“ со одличен успех а високото образование го стекнал на Медицинскиот факултет во Скопје каде дипломирал во 1987 година. Истата година се вработува како помлад асистент во новоформираниот Истражувачки центар за нови технологии при МАНУ во Oдделението за генетско-инженерство и биотехнологија, денес ИЦГИБ „Георги. Д. Ефремов“, како прв соработник на академик Ефремов. Потоа се стекнува со звање виш научен соработник, и станува шеф на лабораторијата на Центарот. За време на неговата работа во Центaрот, доп.член Димовски има бројни студиски престои и специјализации во најреномирани установи во САД и ЕУ вклучително Department for Cell and Molecular Biology, Medical College of Georgia, Augusta, USA, Centre for Genetic Engineering and Biotechnology, Trieste, Italy, Institute for molecular medicine “Sir David Weatherall”,John Ratkliff Hospitall, Oxford, Brigham and Woman’s Hospital Harvard Medical School Boston, Department for Biochemistry and Department for Immunology Stocholm University, Department for molecular medicine Karolinska hospital Stockholm, Department of pharmacologyUniversity of Copenhagen. Во 1993 година докторира на Универзитетот во Мастрихт, Холандија, од областа на молекуларната медицина под коменторство на prof. Dr. THJ Huisman од Аугуста, САД, и prof. dr. P. Brombacher од Мастрихт, Холандија. Во 2002 година е избран за вонреден професор на Фармацевтскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ за предметите молекуларна биологија со генетика, имунологија со имунохемија и фармакогенетика, а од 2007 година до денес е редовен професор по наведените премети. Во текот на неговата 14-годишна работа на Фармацевтскиот факултет, доп.член Димовски ги обавувал и функциите на шеф на Институтот по фармацевтска хемија (2002–2005), продекан (2005–2008), декан (2008–2013) и раководител на Центарот за биомолекуларни фармацевтски анализи (од 2008), учествувал во бројни научни и стручни здруженија како председател на Македонското здружение за биохемија и молекуларна биологија, коосновач и потпредседател на Македонското здружение за хумана генетика, коосновач и потпредседател на Македонското здружение за фармакоекономија и истражување на исходот од терапијата, член на Европското здружение за хумана генетика и член на Европската федерација за биохемија и молекуларна биологија.
Доп.член Димовски учествувал и во меѓународни комисии и работни тела како член на Комитетот за биомедицински и биомолекуларни науки на COST (2004–2014) во Брисел, Liasson officer за Македонија и член на Бордот на гувернери на ICGEB, Trieste (од 2004) и член на Панелот за биомедицина за евалуација на научноистражувачката дејност во Латвија (2013) и во комисии и работни тела во Македонија, и тоа, член на Одборот за акредитација на високото образование (2003–2006), национален координатор за истражувања од областа на медицинските науки при МОН (2005–2007), потпредседател на Советот за наука при МОН (2009–12) и член на Комисијата за лекови при Министерството за здравство (од 2014). Тој, исто така, учествувал во изработката на национални стратешки документи: Програмата за развој на научноистражувачката дејност во Македонија до 2010, Националната програма за научноистражувачка и развојна дејност во Македонија (2012–2016), Стратегијата за превенција, дијагноза, терапија и следење на пациенти со колоректален карцином и Прирачникот за белодробен карцином – водич за дијагноза, терапија и прогноза.
Во рамките на неговата наставно-научна дејност, доп.член Димовски учествувал во практична/теоретска настава за обука во рамки на многубројни курсеви и школи, бил ментор на 5 магистерски теми и 8 докторски теми и учествувал во изведување на експериментален дел и стручен совет за изработка на 6 докторски дисертации од други институции. Доп.член Димовски извршил стручна редакција на шест преведени учебници од областа на генетиката, имунологијата и фармакогенетиката.
Доп.член Димовски учествува во реализацијата на бројни проекти финансирани од домашни и меѓународни извори кои имаа за цел истражувања на молекуларните основи на наследните карциноми, особено на дебелото црево, како и за откривање на прогностички молекуларни маркери кои би се користеле во дијагнозата, прогнозата и терапијата на пациентите со малигни заболувања. За посебно одбележување е неговиот научен придонес во областите од генетиката и молекуларната биологија особено во воведувањето на методологија за молекуларна дијагноза на наследни, инфективни и малигни болести во Македонија, разјаснување на (дел) од механизмите на switching-от во експресијата на феталните во адултни глобински гени и нивна примена во прогнозата и терапијата на хемоглобинопатиите. Тој е еден од пионерите на истражувањата во областа на молекуларната онкологија во Македонија и нивна примена во дијагнозата и третманот на пациентите со различни малигни заболувањаво секојдневата клиничка пракса како и основоположник на фармакогенетиката во Македонија и еден од главните промотори на воведувањето на персонализираната медицина како нов пристап во дијагнозата, прогнозата, изборот на терапија и евалуација на исходот на терапијата на болестите. Неговите истражувања резултираа со откривањето на генетските основи на фамилијарната аденоматозна полипоза и хередитарниот неполипозен колоректален карином кај нашите пациенти, со што се овозможи воспоставување на пресимптоматска дијагноза во фамилиите со ризик за добивање на болеста.
Доп.член Димовски, исто така, беше еден од пионерите во истражувањата на молекуларната субкласификација на колоректалните карциноми кои се извонредно важни за стратификацијата на третаманот на пациентите според специфичниот генетски профил на туморот. Наодите и искуствата од овие истражувања имаат голема апликативна важност и благодарејки на залагањата на кандидатот денес се воведени во рутинската пракса за третман на пациентите со колоректален карцином во нашата држава. Искуствата стеканти во горенаведените истражувања беа од исклучителна важност во воспоставување и на други проекти/програми за молекуларна карактеризација и на останатите малигни заболувања, како миело- и лимфопролиферативните заболувања, карциномот на простатата, карциномот на главата и вратот и карциномот на белите дробови, во што доп.член Димовски има значителен придонес како еден од основачите на молекуларната онкологија во Македонија. Забележиви се неговите пионерски истражувања во областа на фармакогенетиката во нашата држава со што се утврди дистрибуцијата на генетските варијанти одговорни за различниот метаболизам на лековите, и се овозможува соодветен избор на тераписки средства со максимален одговор а минимални несакани ефекти кај поедини пациенти. Неговите пионeрски испитувања во областа на фармакогенетиката претставуваат основа за воведување на нов пристап во медицинската пракса – персонализирана медицина – за чија примена доп.член Димовски е еден од главните промотори.
Резултатите од истражувањата на доп.член Димовски се објавени во 186 трудови со просечен импакт фактор од 3,3 и цитирани 1300 пати во меѓународни научни списанија.
Во 2015 година е избран за дописен член на Македонската академија на науките и уметностите.
За редовен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран во 2022 година.
Датум на раѓање::18.10.1962
Место на раѓање::Скопје
Членство во МАНУ::Дописен член, 2015
Email::adimovski@ff.ukim.edu.mk
Област на работа: Интерна медицина; кардиологија
Акад. Сашко Кедев
Институции: Редовен професор на Медицинскиот факултет во Скопје
Биографија
Доп.член Сашко Кедев е роден на 6 јули 1962 година во Штип, каде завршил основно и средно образование. Студиите на Медицинскиот фалкутет во Скопје ги завршил во 1986 година, а од 1989 година работи на Клиниката за кардиологија. Mагистрирал во 1990 година на тема „Ефекти од рана интравенозна тромболиза при акутен миокарден инфаркт“. Во периодот од септември 1991 до октомври 1993 година престојувал на стручно усовршување во Националните институти за здравје на САД, во Бетезда, (National Heart, Lung and Blood Institute; National Institutes of Health) на проекти од областа на молекуларната кардиологија. За време на престојот во САД ги положил сите нострификациони медицински испити и се стекнал со лиценца за работа во државата Мериленд. Во 1995 година положил специјалистички испит по интерна медицина; во 1999 година е промовиран во Fellow of European Society od Cardiology, а во 2001 година се стекнал со звањето европски кардиолог. Во периодот од 1999 до 2002 година бил директор на Институтот за срцеви заболувања на Клиничкиот центар Скопје.
Во 2001 година е избран за насловен доцент по предметот интерна медицина на Медицински фалкутет Скопје. Vо 2003 е избран за визитинг професор на Универзитетот на Северна Каролина, The Carolinas Heart Institute, NC, USA.
За вонреден професор по предметот интерна медицина е избран во 2008 година, а од 2013 година е избран за редовен професор по интерна медицина на Медицински фалкутет во Скопје.
Од 2006 година е директор на ЈЗУ Универзитетска Клиника за кардиологија. Од неговото вработување во Клиниката за кардиологија активно учествува во воведувањето на современите тераписки пристапи во лекувањето на коронарната артериска болест, посебно акутниот миокарден инфаркт. Главен истражувач е на проектот „Примена на фибринолитичната терапија кај акутниот миокарден инфаркт“, од што произлегува и неговата магистерска тема, одбранета 1990 година. Учествува во работата на Лабораторијата за ангиокардиографија и во Центарот за електростимулација при Клиниката за кардиологија, при што покажува посебен интерес за примената на интервентните процедури (коронарна балон-ангиопластика и стентирање) кај пациенти со коронарна артериска болест на срцето.
Од ноември 1996 до август 1997 година работел во Ospedali Riunidi di Bergamo, Италија, на екстезивна практична програма во интервентната кардиологија, и тоа: интракоронарно стентирање и примена на новите „imaging“ техники: интракоронарна ангиоскопија и интракоронарен ултразвук. Во 1998 година ја одбранил докторската дисертација под наслов Примарна корнонарна ангиопластикапри акутен миокарден инфаркт на Медицински факултет во Скопје, со што се воведува ова живнотно спасувачка процедура во рутинска пракса.
Од 2003 година го има воведено трансрадијалниот пристап во дијагностички и интервенти васкуларни процедури. За првпат има изведено каротидно стентирање во 2002 година по трансфеморален пат, а од 2006 година има воведено рутински трансрадијален пристап при каротидно стентирање, со досега најголема светска серија од над 850 процедури.
Искуствата се публицирани и презентирани на голем број светски собири, со повеќе демострации во живо, како поканет оператор (Tolouse, France; Brussels, Belgium; Ahmedabad, Pune, New Delhi, Lucknow, Cochi, Chenai, Kanpur India; Nanjing, China; Moscow, Rostov, Russia; Colombo, SriLanka; Dakha, Bangladesh; Belgrad, Srbija; Sofia, Bugaria, Esfahan, Iran).
Од 2009 година ги има воведено техниките на интравскуларен ултразвук (IVUS), оптичка кохеретна томографија (OCT) и инвазивно испитување на фракциска резерва на коронарниот проток (FFR). Во 2012 година ги имплатира првите биоресорбтивни васкуларни скафолди (стентови), како и транскатетерска ренална денервација во третманот на малигна артериска хипертензија. Ротациската атеректомија ја вовел во 2013 година. Првата балон валвулопластика на аорталнота валвула, како и првите транскатетерски имплантации на аортлална валвула кај пациенти со тешка aортна стеноза во Македонија ги извел во 2014 година, а година потоа и балон vалвулопластика на пулмоналната стеноза. Во 2015 година ги вовел техниките на имплантирање на TVAR и EVAR протези кај пациенти со дисекција и/или анеуризма на торакална и абдоминална анеуризма.
Доп.член Кедев во својата наставна активност во текот на изминатите 20 години е познат како мошне успешен педагог. Редовно учествува во изведувањето на додипломската настава по предметот интерна медицина за студентите на Медицинскиот и Стоматолошкиот факултет на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје. Учествувал во постдипломстата настава по медицински науки каде предавал одбрани поглавја од кардиологијата. Тој одржува постдипломска настава за специјализанти по интерна медицина и по кардиологија на Медицинскиот факултет во Скопје. Успешно ја води континуираната едукација на интервентни кардиолози од Клиниката за Кардиологија, од останатите центри во Р. Македонија, како и од странство (Словенија, Хрватска, Романија, Србија, Индонезија, Австрија, Канада, Костарика, Јужна Африка).
Доп.член Кедев редовно учествува во испитните комисии за специјалистички, субспецијалистички испити, одбрана на докторати и магистериуми. Бил ментор на три успешно одбранети магистерски труда и еден докторат. Моментално раководи со изработка на 3 докторати од областа на кардиологијата. Уште во почетокот на неговата работа на Клиниката за кардиологија се вклучува во изработка на научни и стручни трудови. Неговата стручна и научна и публицистичка дејност може да се види од списокот на објавени научно-стручни трудови, поглавја во книги и публикации.
Автор и коавтор е во изработката на над 200 научни и стручни трудови, објавени во релевантни списанија од областа на кардиологијата. Голем дел ги има реферирано на еминентни меѓународни конгреси и симпозиуми како поканет предавач. Автор е на поглавја во 7 меѓународни книги по интервентна кардиологија, каде се презентирани иновативни техники и методи: трансрадијален и трансулнарен пристап кај акутен коронарен синдром и при каротидно стентирање.
Од 2010 е избран за FACC – Fellow of the American College of Cardiology, а во 2016 за FSCAI – Fellow of the Society of Cardiac Angiography and Intervention.
Како поканет Reviewer учествува во изработката на официјалните препораки: 2014 ESC/EACTS Guidelines on myocardial revascularization: The Task Force on Myocardial Revascularization of the European Society of Cardiology (ESC) and the European Association for Cardio-Thoracic Surgery (EACTS); 2015 European Society of Cardiology (ESC) Guidelines for the management of acute coronary syndromes in patients presenting without persistent ST-segment elevation, како и на 2016 ESC/EAS Guidelines for the management of dyslipidaemias.
Доп.член Сашко Кедев раководи повеќе проекти од областа на кардиологијата, учествува во повеќе интернационални клинички студии и активно членува во многубројни меѓународни стручни асоцијации.
За дописен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран во 2015 година.
За редовен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран во 2022 година.
Датум на раѓање::06.07.1962
Место на раѓање::Штип
Членство во МАНУ::Дописен член, 2015
Email::skedev@mt.net.mk
Област на работа: Хематологија
Акад. Димитар Ефремов
Институции: Одделението за молекуларна хематологија, ИЦГИБ, Трст, Италија.
Биографија
Д-р. Димитар Ефремов е роден на 26 декември 1960 година во Скопје. Во 1986 година дипломирал на Медицинскиот факултет на Универзитетот Св. “Кирил и Методиј”-Скопје, каде во 2000 завршил специјализација по интерна медицина. Дополнително се едуцирал и обавил студиски престој на Медицинскиот факултет на Џорџија во Августа, САД (1987 и 1993 година), и во Меѓународниот центар за генетски инженеринг и биотехнологија во Трст, Италија (1992 година). Во 1994 година се стекнал со звањето доктор на медицински науки на Медицинскиот факултет на Универзитетот во Мастрихт, Холандија, а во 2013 година се стекнал со национална хабилитација за вонреден професор по хематологија во Италија.
Во 1990 се вработил на Клиниката за Хематологија во Скопје како помлад асистент, а во 2001 година е избран за насловен доцент по предметот интерна медицина на Медицинскиот факултет во Скопје. Во периодот од 1994 до 1997 година работел како научен соработник во Меѓународниот центар за генетски инженеринг и биотехнологија во Трст, Италија. Во 2003 година повторно се вработува во истиот центар и го основа Одделот за Молекуларна хематологија во филијалата на центарот во Рим, а во 2015 го трансферира Одделот за Молекуларна хематологија во централата на Меѓународниот центар за генетски инженеринг и биотехнологија во Трст, каде продолжува да раководи со истиот. Од април 2020 повторно активно се вклучува во работата на Универзитетската Клиника за Хематологија-Скопје, најпрво како соработник на научно-истражувачки проекти, а потоа и како Визитинг Професор на Медицинскиот факулет во Скопје.
Др. Димитар Ефремов е еден од водечките истражувачи и експерти за хронична лимфоцитна леукемија во светот. Меѓу неговите позначајни достигнувања се првите преклинички студии со инхибиторите на Б клеточниот рецептор и студиите кои го идентификуваат механизмот преку кој Б клеточниот рецептор допринесува во патогенезата на хроничната лимфоцитна леукемија. Спровел и бројни истражувања кај други малигни и бенигни хематолошки и имунолошки болести. Неговите бројни научни достигнувања се публикувани во најпознатите светски списанија од подрачјето на хематологијата, онкологијата и молекуларната медицина. Објавил 127 трудови во водечки меѓународни списанија со вкупен импакт фактор од 1200. Со над 6000 цитати и h-индекс 41 се вбројува меѓу најцитираните македонски научници од областа на медицинските науки. Бил член на уредувачките одбори на повеќе меѓународни списанија од областа на хематологијата и онкологијата, меѓу кои и официјалното списание на Европската хематолошка асоцијација Haematologica, а моментално е асоциран уредник на списанието Frontiers in Oncology и академски уредник на списанието Cancers. За неговите истражувања добил бројни признанија и награди, вклучувајќи престижни проекти од Американската асоцијација за леукемии и лимфоми (Leukemia & Lymphoma Society), Италијанската асоцијација за истражување на ракот (Fondazione AIRC per la Ricerca sul Cancro) и Европската Унија.
Професор е на докторските студии на Меѓународниот центар за генетски инженеринг и биотехнологија во Трст и член на Collegio dei docenti на докторските студии на Универзитетите во Трст и Тренто, а од 2016 до 2019 година бил и надворешен предавач на катедрата за хематологија на Медицинскиот факултет “A. Gemelli”, Università Cattolica, во Рим, Италија. Исто така предавал или членувал во комисиии за одбрана на докторат на бројни водечки универзитети во Европа и САД, меѓу кои Università Cattolica del Sacro Cuore и Sapienza Università во Рим, Università Vita-Salute San Raffaele во Милано, универзитетите во Падова, Тренто, Амстердам, Саутхемптон, Улм, Упсала, Линкопинг, Осло, Њујорк (Columbia University), и др. Учествувал во улога на поканет предавач или модератор на најзначајните конгреси во неговата област, како што се конгресот на American Society of Hematology, European Hematology Association, International Workshop on Chronic Lymphocytic Leukemia, European Research Initiative on CLL и European School of Haematology.
Иако поголемиот дел од својата кариера го поминал во странство, дал значаен придонес и во развојот на научната и здравствената дејност во Македонија преку воведување на повеќе нови дијагностички и терапевтски процедури. Меѓу другото, во 1987год ја вовел PCR методата во Центарот за Нови Технологии на МАНУ, во 1998 год ја формирал првата лабораторија за молекуларна дијагностика на Медицинскиот факултет во Скопје, а во 2000 бил дел на тимот кој за прв пат во Македонија го вовел методот на трансплантација на матични хематопоетски клетки. Исто така, преку грантови за научно-истражувачки проекти и стипендии овозможил едукацијата на бројни истражувачки кадри од Македонија.
Во 2015 година е избран за член на Македонската Академија на Науките и Уметностите надвор од работниот состав во Одделението за медицинските науки. Во 2016 година е избран за член на Европската Академија на Науките и Уметностите. Покрај тоа, член е на American Society of Hematology, European Hematology Association, Henry Kunkel Society и Royal Society of Medicine.
Избран е за член на Македонската академија на науките и уметностите во Одделението за медицински науки.
Датум на раѓање::26.12.1960
Место на раѓање::Скопје
Членство во МАНУ::За редовен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран во 2022 година.
Email::efremov@icgeb.org
Дописни членови на Одделението се:
- Дијана Плашеска-Каранфилска
Област на работа: Молекуларна медицина, хумана генетика
проф. д-р Дијана Плашеска-Каранфилска
Институции: Истражувачки центар за генетско инженерство и биотехнологија „Георги Д. Ефремов“, МАНУ
Биографија
Проф. д-р Дијана Плашеска Каранфилска дипломирала на Медицинскиот факултет во Скопје во 1987, со просечен успех 9.88, а во 1994 година докторирала на Универзитетот во Мастрихт, Холандија во областа на медицинските науки.
Од 1988 година е вработена во Истражувачкиот центар за генетско инженерство и биотехнологија (ИЦГИБ) „Георги. Д. Ефремов“, како асистент, научен соработник, виш научен соработник и научен советник (од 2005 година). Од 2001 година е раководител на лабораториите, односно секторите за молекуларна дијагностика и геномика во ИЦГИБ. Од 2010 година е насловен вонреден професор на Фармацевтскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во наставно-научната област фармакогенетика.
Била главен истражувач на шест меѓународни и осум национални проекти, а како истражувач учествувала во 14 национални и 13 меѓународни проекти. Истражувањата раководени од проф. д-р Дијана Плашеска-Каранфилска имаат посебен допринос за разјаснување на генетските основи на машкиот инфертилитет, карциномот на дојка, спонтаните прекини на бременоста како и повеќе ретки наследни болести. Во рамките на овие истражувања објавени се забележителни резултати во најпрестижни научни списанија кои допринесоа не само за препознатливост на ИЦГИБ, МАНУ како една од водечките институции во регионот и пошироко, туку и генерално, за издигнување и промоција на македонската наука во областа на биомолекуларните дисциплини.
Во рамките на инфраструктурниот проект “National Reference Centre for Genomics and Proteomics – MACPROGEN”, раководен од проф. д-р Дијана Плашеска-Каранфилска, кој се изведувал од април 2009 до јуни 2012 година, а бил финансиран од Европската комисија во рамки на REGPOT програмата, набавена е најсовремена опрема од областа на геномиката и протеомиката која овозможи за прв пат во нашата земја да се воведат технологии како микроарејната, секвенционирање од втора генерација, дводимензионална диференцијална гел електрофореза и MALDI-TOF-TOF масената спектрометрија. Овој проект овозможи едукација на бројни истражувачки кадри, како и вработување на млади истражувачи во ИЦГИБ. Проектот имаше извонреден придонес за зајакнување на националните капацитети во современите и престижни биомолекуларни области.
Проф д-р Дијана Плашеска-Каранфилска има објавено 152 научни публикации, од кои 126 публикации во списанија со фактор на влијание (просечен импакт фактор од 3.62), кои се цитирани 3300 пати (до март 2022). Композитниот h фактор на проф. Плашеска-Каранфилска изнесува 20. Таа е уредник на една книга од областа на генетиката, и коавтор на три поглавја во книги. Активно учествува на бројни научни и стручни меѓународни и национални конференции, симпозиуми, конгреси и работилници (со предавања, презентации и учество во организациски и/или научни комитети).
Забележителен е нејзиниот придонес во практичната примена на новите технологии од областа на современите биомолекуларни науки. Заедно со соработниците, таа вовела голем број на нови
молекуларни методи и протоколи за детекција на бројни наследни, малигни и инфективни болести. Сите овие методи се објавени во релевантни научни списанија, валидирани се и акредитирани и долги години се во рутинска употреба како во ИЦГИБ, така и во многу други лаборатории.
Учествува во додипломската, постдипломската настава и докторските студии на Фармацевтскиот факултет и Природно-математичкиот факултет при Универзитетот Св. Кирил и Методиј, Скопје. Била ментор на осум докторанти, 12 магистранти и осум дипломци, а учествува и во едукација на специјализанти од Медицинскиот и Фармацевтскиот факултет во рамки на специјализациите по клиничка и лабораториска генетика.
Проф д-р Дијана Плашеска-Каранфилска е уредник на меѓународното списание Balkan Journal of Medical Genetics (од 2011-), заменик уредник на Македонски медицински преглед (од 2016-), секторски уредник на The EuroBiotech Journal (од 2016-) и член на Уредувачкиот одбор на списанието Genetics and Applications (2017-денес).
Била член на повеќе експертски групи и советодавни тела од областа на науките, и тоа: работната група на UNESCO-ROSTE за истражувачки инфраструктури (2001-2004), експертската група на НАТО од областа на хемија, физика и биологија (2004-2006), советот за научноистражувачка дејност при Министерството за образование и наука (2005-2007), комисијата за ретки болести при Министерството за здравство (2009-2010, 2022-), стручната комисија од областа на науката и образованието за доделување на државната награда „23 октомври“ (2013), Управниот одбор на Европското здружение за хумана генетика (European Society of Human Genetics- ESHG) (2014-2019), научниот комитет на COST (2015-2021), експертскиот тим на EMQN (2019-) и Управувачкиот одбор на ORPHANET (2020-). Таа е претседател на Македонското здружение за хумана генетика, избран иден претседател на Македонското здружение на медицински уредници, член на Европското здружение за хумана генетика и член и координатор за Македонија во European Biotechnology Thematic Network Association.
Во 2021 година проф д-р Дијана Плашеска-Каранфилска е избрана за член на Academia Europaea, а во 2022 за дописен член на Македонската академија на науките и уметностите.
Библиографија
Датум на раѓање::21.05.1963
Место на раѓање::Скопје
Членство во МАНУ::Дописен член, 2022
Email::dijana@manu.edu.mk
Списанија на Одделението за медицински науки:
- Прилози – Одделение за медицински науки (XXXVIII, 1, 2017 г.)
- Прилози – Одделение за медицински науки (XXXVII, 2-3, 2016 г.)
- Прилози – Одделение за медицински науки (XXXVII, 1, 2016 г.)
Веб страница на списанието Прилози – Одделение за медицински науки
Веб страница на списанието Balkan Journal of Medical Genetics