Одделение за технички науки
Во Одделението за технички науки се застапени следниве научни области: електротехника, машинство, градежништво, архитектура, компјутерски науки, информатички технологии и други технички науки.
Членови на Одделението се:
- Алајдин Абази (електротехнички науки),
- Леонид Грчев (електротехнички науки),
- Глигор Каневче (термодинамика),
- Љупчо Коцарев (компјутерски науки и компјутерско инженерство),
- Јордан Поп-Јорданов (електротехнички науки).
Област на работа: Електротехнички науки
Акад. Алајдин Абази
Институции: Универзитетот на Југоисточна Европа; осовската академија на науките и уметностите
Биографија
Академик Алајдин Абази е роден на 1 ноември 1942 година во Тетово. Во 1965 година дипломирал на Електротехничкиот факултет во Загреб. Како дипломиран електроинжењер се вработува прво во “XEK Југохром” а потоа во “Електростопанство на Македонија” (1965-1969).
Во 1969 година е избран за асистент на Техничкиот факултет во Приштина. Во 1970 продолжува со постдипломски студии на Електротехничкиот факултет во Загреб и во 1973 година магистрира на тема ,,Novi izolacioni materijali i njihova uloga u elektrotehnici“. Во текот на академската 1974/75 година престојува во Велика Британија, на Универзитетот на Северен Велс, Бангор, како визитинг-истражувач. Докторира во 1977 година на Електротехничкиот факултет во Загреб на тема “Storiranje i neutraliziranje elektrostatičkog naboja u tankim izolacionim filmovima”. Во период од 1979–1981 година бил декан на Техничкиот факултет во Приштина. Во текот на 1981 година, како визитинг-професор престојува во НР Кина, на Академијата на науките, каде што држи предавања во подрачјето на Теорија на електромагнетско поле. Потоа во академската 1981/82 година престојува во САД, како визитинг-професор на Универзитетот Вест Вирџинија, на катедрата за физика и електротехника (Фулбрајтова програма), каде што ги продолжува своите истражувања во областа на апликативна електростатика и електрети. Од 1982–1990 година, паралелно со својата работа на универзитетот, е назначен за претседател на Одборот на институтот „Инкос“, за научноистражувачка работа на „Електростопанство на Косово“ и за потпретседател на Одборот за научноистражувачка соработка YU-USA, како и за член на Одборот за развој на ,,Електростопанство на Југославија“. Во 1985 год. е избран за редовен професор за предметот „Електромагнетика” на Електротехничкиот факултет во Приштина.
Академик Алајдин Абази е еден од основачите на Универзитетот на Југоисточна Европа (УЈИЕ) во Тетово, кој претставува нов модел на високообразовна институција во Република Македонија и во регионот. Во 2001 година е именуван за директор на Фондацијата на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово, потоа и за Ректор на Универзитетот на Југоисточна Европа (УЈИЕ). Во 2004 година е избран за претседател на Интеруниверзитетската конференција на Република Македонија (ИУКМ).
Како професор и ректор, држи предавања и презнтации на голем број универзитети во Европа (Германија, Австрија, Белгија, Турска, Албанија), во САД и Јапонија.
Академик Абази е автор и коавтор на значаен број на научно истражувачки и стручни трудови (преку 100), универзитетски учебници (Технологија на електротехнички материјали, Електромагнетика…), водел и соработувал во реализација на бројни регинални и меѓународни проекти. Објавените научни и стручни трудови во регионот и во светот во разни списанија, презентациите на конференции, како и проектите реализирани од 1973 година до крајот на деведесеттите и во почетокот на двеилјадитата година, се од областа на електротехнички материјали, теоретска електротехника и мерења, и од областа на енергетика и заштита на животната средина. Позначани трудови се:
- „TSC Spectrum Obtained from Electron Beam Charged PET films”, Buletinul Institutuliu Politehnik Din Iasi,Tomul XXIII(XXVII), Fasc.1-2,1977,
- „Analytical and Numerical Approach to the Calculation of Field and Potential for Calculable Standard of Capacitance”, Publishing House of the Hungarian Academy of Science (separatum) 1980,
- „Forces and Torques on Plane and Cylindrical Electrets in Slot Effect Transducers”, American Institute of Physics,54,4076,1983.
Од 2001 година објавувува трудови од областа на високото образование, на енергетика и одржлив развој, теорија на електрична моќност, квалитет на електрична енергија, како и информатичка технологија за одржлив развој. Позначајни трудови се:
- „SEEU-New Model of Higher Education Institution in the Region”, SEEU Review, Volume 1/No1/ISSN1409-7001, 2005,
- „Calibration of a Virtual Instrument for Power Quality Monitoring”, RE&PQJ-10 ISSN 2172-038X Renewable Energy & Power Quality Journal, No.10, April 2012,
- „Квалитет на доставената електична енергија и Европски стандарди”, Прилози, Оделение на технички науки (МАНУ), ISSN 1857-6656, XXXIV, бр.1-2,2014.
За редовен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран на 10 мај 2006 година, а за секретар на Оделението за технички науки во 2016 година.
Од 2011 година е член-оснивач на Албанската академија на уметностите и науките а потоа во 2012 година е избран за надворешен член на Академијата на науките и уметностите на Косово.
На Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово во 2010 година Академик Алајдин Абази е избран за почесен доктор ( doctor honoris causa) и именован за Ректор емеритус.
Академик Алајдин Абази е член на Уредувачкиот одбор на списанието „Прилози“, Оделение на технички науки (МАНУ) Скопје 2015 (ISSN 1857-6656), член на Националната комисија за УНЕСКО на Република Македонија при Владата на РМ од 2015, член на Македонскиот национален комитет на Светскиот совет за енергија (Macedonian National Committee for the World Energy Council) од 2015, член на Одборот на Универзитетот „Хасан Приштина“, Приштина, Косово (Anëtar i Bordit të Universitetit “Hasan Prishtina”, Prishtinë, Kosovë) од 2015 и член (Member) на Уредувачки одбор (Editorial Board) на списанието Academicus: international scientific journal, Vlorë: Academicus shpk Albania (P-ISSN 2079-3715, E-ISSN 2309-1088).
Академик Алајдин Абази е добитник на значаен број на награди и признанија.
Датум на раѓање::01.11.1942
Место на раѓање::Тетово
Членство во МАНУ::Редовен член, 2006
Email::a.abazi@seeu.edu.mk
Област на работа: Електротехнички науки
Акад. Леонид Грчев
Институции: Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Факултет за елекротехника и информациски технологии, редовен професор, 1988–
Биографија
Акад. Леонид Грчев е роден на 28 април 1951 година во Скопје.
Во 1978 година дипломирал на Електротехничкиот факултет на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје. Во 1982 година ги завршил постдипломските студии на Електротехничкиот факултет на Универзитетот во Загреб, каде во 1986 година ги завршил и докторските студии и ја одбранил докторската дисертација.
Во периодот од 1978 до 1988 година бил вработен во „Електростопанство на Македонија“ во Скопје, како инженер за телекомуникации. Во 1988 година акад. Леонид Грчев бил избран за доцент на Електротехничкиот факултет на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје, во 1993 за вонреден професор и во 1997 година за редовен професор. Од 1997 до 2002 година и од 2009 до 2016 година бил раководител на Институтот за електротермија и од 2003 година е раководител на Центарот за електромагнетна компатибилност. Од 1989 до 1991 бил соработник и советник во водечката светска консултантска и софтверска фирма за безбедност во електроенергетски системи Safe Engineering Services and Technologies во Монтреал, Канада. Бил гостин-професор на Техничкиот универзитет во Ахен, Германија (во мај–јуни 1993 и јули 1995), на Универзитетот во Упсала, Шведска (во јуни 1995) и на Федералниот технички универзитет во Лозана, Швајцарија (во периодот јуни–јули 2002 и јули 2005 година). Во академската 2002–2003 година бил гостин-професор на Техничкиот универзитет во Ајндховен, Холандија.
Акад. Леонид Грчев е автор и коавтор на над 300 научни и стручни трудови, при што на повеќето од половината од трудовите е прв автор. Неговите научни трудови според третираните проблеми можат да се класифицираат во следниве групи: развој на нов теоретски модел, негова практична примена и верификација со експерименти, во областите на анализата на брзите промени (транзиети) во големи и комплексни електрични системи со посебен акцент на влијанието на земјата, подобрување на заштитата од ефектите на атмосферските празнења, електромагнетна компатибилност и моделирање на атмосферски празнења. Трудовите се цитирани повеќе од 1750 пати (според Google Scholar 06.2016).
Еден од главните научни придонеси на акад. Леонид Грчев е развојот на досега најточниот модел за анализа на транзиентно електромагнетно однесување на комплексни системи во слоевити електрично спроводни средини. Оваа област на истражување станува сé поактуелна и поважна за понатамошниот развој на новите технологии, поради сè поголемата чувствителност на електронските системи на влијанијата од брзо променливото електромагнетно поле. Потребата од заштита на овие системи, кои се во основа на модерниот развој на информатичко комуникациската технологија, бараат сè поточни постапки за пресметка. Акад. Леонид Грчев го развил овој модел во сите елементи кои се потребни тој да биде широко применет во светот: ги поставил теоретските основи, развил ефикасни нумерички постапки, го верифицирал моделот по пат на споредба со експерименти, го проширил моделот за да опфати различни елементи на системите, го поврзал со постоечки стандарден софтвер за анализа на големи електрични системи и развил софтвер за интерактивна анализа. По долгогодишната работа на ова поле, акад. Леонид Грчев денес е прифатен во светската професионална научна заедница како основоположник на нова методологија и еден од лидерите во областа. Научните придонеси на акад. Леонид Грчев во научниот свет се прифатени како основна референца во областа, а нивното влијание е во постојан пораст – за што сведочи сè поголемиот број истражувачки групи во светот кои го применуваат и развиваат неговиот метод.
Меѓународна активност на акад. Грчев во наставната, научната, стручната и публицистичката област, која накусо резимирана ја дава следнава слика: организирал и одржувал настава на 5 постдипломски и напредни курсеви и бил коментор на докторски студии на реномирани универзитети во Европа; бил автор, коавтор и коуредник на 5 меѓународни монографии, автор на труд кој е вклучен во книгата на избрани трудови на IЕЕЕ, има објавено 43 трудови во меѓународни списанија (до јуни 2016 година), има презентирани 204 труда на меѓународни референцирани конференции, уредник е на 2 меѓународни научни списанија, бил претседател и организатор на повеќе меѓународни научни собири, бил претседател и член на научни комитети на повеќе меѓнародни конференции; рецензент е на трудови за врвни научни списанија; бил главен истражувач и учесник во над 20 меѓународни и странски научноистражувачки проекти, и гостин-истражувач во 6 реномирани институти и лаборатории во странство; член е на 7 комитети и меѓународни работни групи на CIGRE и CIRED – Париз и коавтор на 3 меѓународни препораки во областа на заштитата на електричните системи од електромагнетните влијанија, автор е на инженерски софтвер кој денес се применува во големи фирми во светот, какви што се, на пример, германскиот Siemens и францускиот EDF, како и реномирани универзитети во Европа, автор е на практични решенија за заштита од електромагнетни влијанија во Македонија, Германија и Холандија. Во 2013 година e избран за Fellow на IEEE (што претставува врвно признание на престижното најголемо светско техничко професионално здружение: Institute of Electrical and Electronics Engineers – IEEE), а во 2015 именуван е за IEEE PES Distinguished Lecturer (истакнат предавач во Здружението за електроенергетика на IEEE).
Акад. Леонид Грчев бил раководител на повеќе од 50 стручно-апликативни проекти за решавање на практични проблеми на заштита од електромагнетни влијанија во телекомуникациски, електроенергетски и постројки за пригоден гас и нафта во Република Македонија.
За редовен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран на 27 мај 2009 година.
Област на работа: Информатички науки
Акад. Љупчо Коцарев
Институции: Факултетот за електротехника и информациски технологии – Скопје; Институтот за нелинеарни науки при Универзитетот на Калифорнија во Сан Диего, САД.
Биографија
Академик Љупчо Коцарев е роден на 25 февруари 1955 година во Скопје. Основно, средно и високо образование (Електротехнички факултет) завршил во родниот град. Магистрирал на Електротехничкиот факултет во Белград, а докторирал на Институтот за физика на Природно-математичкиот факултет во Скопје.
Во периодите од 1985 до 1999 година и од 2007 до денес e вработен на Електротехничкиот факултет и Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство при Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје. Од 1999 до 2016 година бил вработен на Универзитетот Калифорнија во Сан Диего, САД. Остварил студиски престои во САД, Германија, Италија, Унгарија, Шпанија и Јапонија. Во 2006 година е избран за fellow на IEEE (член на Друштвото на електроинженерите во САД).
Научниот интерес на Академик Љупчо Коцарев е широк, опфаќајќи повеќе подрачја од физика, техничките науки, и компјутерските науки: нелинеарна физика, комплексни системи и мрежи, електрични кола и системи, теорија на информации и криптографија, машинско учење, обработка на податоци и наука за податоци. Во период од 1986 година до денес Академик Љупчо Коцарев публикувал повеќе од 140 публикации во часописи со фактор на влијание, повеќе од 10 публикации во (меѓународни и домашни) часописи без фактор на влијание, и повеќе од 150 публикации во зборници на рецензирани трудови од (меѓународни и домашни) конференции. Тој бил едитор на 6 книги и автор на 6 патенти (одобрени во САД и/или Европа). Неговите публикации се цитирани според Web of Sceince (Science Citation Index) 6384 (6133 без само цитирање) пати додека според Google Scholar тие се цитирани 11248 пати (податоците од 25-10-2015 година). Според статистиката што ја води издавачот Elsevier статиите публикувани во Elsevier се видени/пристапени преку порталот на издавачот 18946 пати (податоци до Септември 2015 година). Според статистиката што ја води издавачот Springer, вкупниот број на превземени (dowload) текстови од книгите кои ги едитирал Акад. Коцарев е 36500 (податоци заклучно со 2014 година). Академик Коцарев соработувал со истражувачи од многу земји вклучувајќи ги САД, Русија, Кина, Јапонија, Германија, Италија, Шпанија, Полска, Унгарија, Велика Британија, Австралија, Данска, Холандија, Франција, Канада, Мексико и многу други. Академик Љупчо Коцарев бил раководител на повеќе проекти финансирани од ЕУ (програмите ТЕМПУС, ФП6, ФП7 и Хоризон2020), САД (NSF, ONR, NIH), Германија (DFG), НАТО, компанијата ST Microelctronics и Универзитетот на Калифорнија во Сан Диего и Министерството за образование и наука на Република Македонија.
За член на Македонската академија на науките и уметностите надвор од работниот состав е избран на 27 мај 2003, а за редовен член на 1 мај 2007 година.
Датум на раѓање::25.02.1955
Место на раѓање::Скопје
Членство во МАНУ::Редовен член, 2007
Email::lkocarev@manu.edu.mk
Дописен член на одделението е:
Зоран Хаџи-Велков
Област на работа: Телекомуникации / телекомуникациско инженерство
проф. д-р Зоран Хаџи-Велков
Институции: Факултет за електротехника и информациски технологии при Универзитет Св. Кирил и Методиј во Скопје
Биографија
Зоран Хаџи-Велков е роден на 24 јули 1972 година во Скопје.
Дипломирал (1996 год.), магистрирал (со награда за најдобра теза, 2000 год.) и докторирал (2003 год.) на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје. Со научен степен доктор на технички науки се стекнал со одбрана на докторската дисертација со наслов „Придонес кон анализата на перформансите и дефинирањето на оптималните работни параметри на безжични локални мрежи“. Се вработил на ФЕИТ/УКИМ веднаш по дипломирањето како помлад асистент, потоа е унапреден во асистент (2001 год.), доцент (2003 год.), вонреден професор (2008 год.), а од 2013 година до денес е редовен професор во наставно-научната област телекомуникации (телекомуникациско инженерство) на истиот факултет.
Од октомври 2012 до јануари 2014 година бил визитинг-професор на Универзитетот „Фридрих Александар“ во Ерланген/Нирнберг, Германија.
Oд 2012 до 2016 година бил Уредник во едно од најпрестижните меѓународни списанија од телекомуникации, IEEE Communications Letters. Бил член во технички и програмски одбори на голем број меѓународни конференции од телекомуникации, вклучувајќи ги и водечките светки конференции IEEE ICC и IEEE GLOBECOM.
Проф. Хаџи-Велков е добитник на Хумболтовата стипендија за искусни истражувачи, доделена од страна на германската државна научна фондација „Александар фон Хумболт“ како признание за важен придонес во науката. Добитник е на наградата „Најдобар научник на УКИМ“ за 2013 година. По препорака на Германската национална академија на науки „Леополдина“, од 2014 година д-р Хаџи-Велков е претставник на Македонија од редот на истакнати научници во научниот сегмент на Берлинскиот процес, кој подготвува препораки за хармонизација на високото образование и науката во државите од Западен Балкан со Европската Унија.
Во текот на својата академска кариера, д-р Хаџи-Велков се усовршувал преку научни и студиски престои на повеќе познати универзитети и истражувачки центри: Политехнички универзитет во Торино, Италија (1998 год.); Универзитет во Лил, Франција (1999 год.); Институт за телекомуникации во Еври – Париз, Франција (2000 год.); ИБМ истражувачки центар „Ватсон“, Њујорк, САД (2001 – 2002 год.); Универзитет во Модена, Италија (2005 год.); Универзитет „Аристотел“ во Солун, Грција (2010, 2011, 2016 год.); Универзитет во Ерланген/Нирнберг, Германија (2017, 2018, 2019 год.); Универзитет во Белфаст, Велика Британија (2015, 2016 год.); Универзитет „Жеџијанг“, Хангџо, НР Кина (2017 год.); Институт за акустика при Австриската академија за науки, Виена, Австрија (2017, 2018 год.); Универзитет „Џао Тонг“, Шангај, НР Кина (2017, 2019 год.).
Проф. Хаџи-Велков се бави со научни истражувања во научното поле телекомуникации (телекомуникациско инженерство), со потесна специјалност во областите: теорија на телекомуникации, безжични и мобилни комуникации, и безжичен пренос на енергија и информација.
Проф. д-р Зоран Хаџи-Велков е избран за дописен член на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) на 20-тото Изборното собрание на МАНУ одржано на 30 март 2022 година.
Датум на раѓање::24.07.1972
Место на раѓање::Skopje
Членство во МАНУ::дописен член, 30.03.2022