По повод стогодишнината од раѓањето на акад. Божидар Видоески го приложуваме текстот во кој се претставува огромниот влог на акад. Божидар Видоески во истражувањето и афирмацијата на македонскиот јазик ширум светот.

Божидар Видоески
и науката за македонскиот јазик

Божидар Видоески е роден на 8 ноември 1920 година во земјоделско семејство во селото Звечан, општина Самоков, во Поречкиот Регион. Ос­новно училиште заврши во Самоков, гимназија учеше во Прилеп, Кра­гуевац, Скопје и Чачак, каде што матурира во јуни 1941 година. Во 1945 го­дина се запишува на славистичката група на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Белград. По отворањето на Филозофскиот факултет во Скопје, во 1946 година се префрла на тој факултет, Историско-фило­лошки оддел, Катедра за јужнословенски јазици, група македонски јазик. За вре­ме на студиите во Скопје бил стипендист на Владата на НРМ, а дипло­мира во јуни 1949 година. Во септември истата година е избран за асис­тент при Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици. Како соработник, тој ги води вежбите по старословенски јазик и по македонска дија­лек­тологија. Во учебната 1950/51 бил и хонорарен наставник по маке­донски јазик на Вишата педагошка школа во Скопје. Во јуни 1957 година ја одбранил својата докторска дисертација „Кумановскиот говор“ на Фило­зофскиот факултет во Скопје, а во ноември 1958 година е избран за доцент по предметот Македонска дијалектологија. Во 1959 година, Ви­доески пре­стојува на 9-месечна специјализација во Полска, а во учебната 1967/1968 престојува како visiting professor во Келн. Во 1964 година, Бо­жи­дар Видоески е избран за вонреден професор, а во 1970 година за ре­до­вен про­фесор. Во тој период, Видоески на Катедрата за македонски јазик и јужно­словенски јазици при Филолошкиот факултет во Скопје ги држи пред­метите Македонска дијалектологија и Современ македонски јазик. При изборот на Божидар Видоески за редовен професор, рецензентите Блаже Конески, Крум Тошев и Васо Томановиќ ќе напишат:

„Проф. Видоески, којшто има зад себе дваесетгодишна плодна научна дејност, особено во областа на македонската дијалекто­ло­гија, стекна убава афирмација во славистичкиот свет. Само еден израз на тоа е што тој, по покана од соодветните академии и уни­вер­­зитети, има нас­та­пувано со предавања на универзитетите во Лублин, Варшава, Краков, Познањ, Прага и Братислава.

Со сета своја дејност проф. Видоески има придонесено многу, ма­ке­­­­дон­ската дијалектологија да влезе во една нова фаза на темел­ни, осовремени научни испитувања.“

Во 1969 година, Божидар Видоески е избран за дописен член на МАНУ, а во 1974 година е избран за редовен член на МАНУ. Видоески беше дол­го­­годишен член на повеќето Комисии на Меѓународниот Славис­тички Ко­ми­тет (МКС): за Општословенски Лингвистички Атлас (ОЛА), за фоно­ло­гија и фонетика, за терминологија, за ономастика…, член на меѓуна­род­ните комисии за Европски лингвистички атлас (АЛЕ) и за Карпатски дија­лектен атлас (ОКДА); во годините 1973-1996 беше одговорен уредник на спи­са­нието „Македонски јазик“; беше носител на многу награди, меѓу дру­гото: Октомвриската награда, Орден на трудот со златен венец, висока полска награда Polonia Restituta

***

Времето кога младиот Божо Видоески како професија си го избра истра­жу­вањето на македонскиот јазик беше поволно за науката. Тукушто заврши војната која речиси ги прекина повеќето научни проекти низ цела Европа, посебно во доменот на општествените, хуманистички дисци­плини; новите текстови, новите теории, ако се раѓале, се раѓале „за фиоки“, а не за публи­кација, што не значи дека креативните научници престанале да мис­лат и да планираат. Кога се отворија можности за работа во нормални услови, сите тие планови полека излегуваа на видело и почнаа да се оства­руваат. Ситуацијата веќе особено динамична во Македонија каде што научниците, покрај реализација на своите лични веќе осмислени проекти, застанаа пред задачата за градење цела нова научна инфраструктура во новосоздадената република.

Во лингвистиката, европска, американска, доминирале различни вари­јанти на структуралистичките теории, се откриваа функционални, дистин­ктивни способности на одделните единици на јазичниот систем и систем­ските врски меѓу нив… Истовремено, масовите миграции и принудни пре­се­лувања на населените, новопоставените политички и администра­тивни граници наложувале обврска на широки теренски истражувања за да се утврди, анализира и опише новонастанатата ситуација во дијалектите.

За широката, зрела визија на сите тие задачи и приоритети кај младиот Видоески сведочи неговата прва сериозна публикација, објавена од страна на Институтот за македонски јазик, како прв број во серијата „посебни изданија“, само три години по дипломската работа; се работи за книшка под наслов Прилог кон библиографијата на македонскиот јазик, Скопје 1953, која претставува анотирана библиографија на сè што ‒ според знае­њето на авторот ‒ од дваесеттите години на 19-от век, а вклучително со 1952 година ‒ беше објавено за македонскиот јазик. За помош во при­бирање материјали младиот автор им се заблагодарува на професорите Блаже Конески и Харалампие Поленаковиќ. ‒ Прави впечаток дека туку­што дипломиран, Видоески беше свесен ‒ за што сведочи краткиот вовед во неговиот Прилог ‒ дека историјата на македонските дијалекти значи историја на македонскиот јазик, што за жал до ден денешен не им е јасно на бројни македонски лингвисти. За своја среќа тој се најде во раце на еми­нентни лингвисти како Конески и Поленаковиќ, а за време на краткиот период на студиите во Белград во раце на често и топло од него споме­нуван Р. Бошковиќ и знаеше да учи од своите професори.

Во 19-от и во првата половина на 20-от век македонската проблематика привлекуваше многу автори ‒ присуството на македонските Словени дла­боко на денешната грчка територија, старословенските споменици од маке­донска редакција, почетоците на оригинална литература, богат фолк­лор, полиетничка и полилингвална средина ‒ сето тоа побудуваше интерес во широките кругови на славистите. Сепак, отсуството на државност, на некаква политичка и/или административна автономија оневозможувало маке­донската јазична територија да се сфати и да се опишува целосно, во целата нејзина сложеност и дијалектната диференцијација. Токму таква ам­би­циозна задача си поставил младиот доктор Видоески и ‒ мора да приз­наеме ‒ брилијантно ја оствари.

Кон крајот на педесеттите години на минатиот век во Македонија прес­тојуваше познатиот полски лингвист ‒ славист, Зѓислав Штибер. Пол­ска тогаш беше позната меѓу словенските земји по своите постигнувања во доменот на лингвистичката географија, а Штибер беше токму специјалист во тој домен. Како придружник и водич за време на неговиот престој во Македонија му беше доделен д-р Божо Видоески. На Штибер многу му се допадна младиот колега, неговата интелигенција, научната пасија и голе­мите планови. Како резултат на нивното меѓусебно разбирање и прија­телство на Видоески му беше доделена 9-месечна стипендија за специја­лизација во Полска.

Видоески се појави во Полска пред почетокот на новата 1959 година и бргу ги придоби срцата на своите полски колеги. Беше многу активен: на Варшавскиот универзитет, под патронат на Штибер, одржа еден курс по македонски јазик, се запозна со работата на двете дијалектолошки одде­ленија на Полската академија на науките (ПАН), водени соодветно од профе­сорите Штибер и Дорошевски, учествуваше во теренските истра­жу­вања, воспостави пријателски односи со полските колеги од својата гене­рација, Зволињски, Караш, Шимчак, зеде учество во летен курс по полски јазик за странци, организиран од Polonicum ‒ ќелија на Варшавскиот Уни­верзитет чија задача е ширење и афирмација на полскиот јазик надвор од гра­ниците на Полска ‒ и темелно се запозна со работата на таа органи­зација, што ќе му се најде во иднина, кога ќе стане директор на македон­скиот летен семинар во Охрид… Еднаш воспоставените контакти со Полска и полските лингвисти ќе продолжат низ целата научна кариера на Видоески и ќе отворат повеќе линии на меѓусебна соработка.

Првата лингвистичка студија на Видоески е неговата дипломска работа посветена на Поречкиот говор; ја објави Филозофскиот факултет на Уни­вер­зитетот во Скопје, Катедра за јужнословенски јазици, во 1950 година, како прва книга во серијата „Дипломски работи“. Тука наоѓаме краток географски и демографски опис на територијата на поречкиот говор со приклучена детална карта, класична за ова време анализа на фонетските и морфолошките формални единици карактеристични за тој говор со забе­лешки за нивната употреба и позициона варијација, краток речник на лек­семи специфични за опишуваниот говор и мала збирка текстови врз кои е вршена анализата; има дури авторска errata. За жал, такви дипломски работи одамна не сме виделе. Забелешката дека текстот е карактеристичен „за она време“ се однесува пред сè на фактот дека во студијата нема опис на синтаксата на говорот. Претставената шема на монографски опис на еден дијалектен јазичен код, Видоески ќе ја реализира во сите свои подоц­нежни трудови од тој тип, со една релевантна разлика дека по престојот во Полска, шемата ќе се збогати со опис на дистинкции на релација: фоне-тика ~ фонологија како и со скромен број синтаксички коментари. Се множат, исто така, забелешки за функциите и прагматичките контексти на упо­треба на опишуваните морфолошки форми.

Во 1962 година како трета книга во серијата „посебни изданија“, ИМЈ ја објавува докторската монографија на Видоески, Кумановскиот говор. Во Поговорот авторот објаснува дека книгата била предадена за печат веќе во 1958 година, но печатењето било прекинато. Му се заблагодарува на ИМЈ кој го овозможи објавувањето на книгата. ‒ Книгата брои над 300 страници; покрај сестран синхрониски опис и анализа донесува ‒ посебно во фоно­лошкиот дел ‒ многу екскурзии во историјата со цел реконструк-ција на еволуцијата на фонолошкиот систем на говорот.

За да ја покаже дијалектната диференцираност на македонската јазична територија во цела нејзина динамика, Видоески состави посебен прашал­ник (веќе со идеја за идниот македонски дијалектен атлас) и со негова помош го следи патот на главните фонолошки и морфолошки изоглоси, правци на нивното поместување, утврдува локации на главните жаришта на експанзија на одредени системи и потсистеми, како и присуство и екс­панзија на резултати од меѓујазичните контакти на ареали кои покрај Македонци ги населуваат и Албанци, Власи, Срби, Турци… Се разбира, тој располага со комплетни материјали единствено од Вардарска Македонија, но сепак успева да ги претстави во општите црти и да ги вклучи во целос­ната слика и говорите во Егејска и Пиринска Македонија. Во подоц­неж­ните години му помагаат школувани од него помошници, најчесто Аритон Попоски и Коста Пеев.

Треба да памтиме дека „во она време“ не беше лесно да се спроведе солидно теренско истражување ‒ патиштата беа лоши, немаше регуларна комуникација, магнетофони од стар тип, неопходни за снимање текстови, експлораторот ги носел на сопствен грб… Сето тоа не го спречи Божо Ви­доески да ја создаде својата слика за географијата, внатрешната диферен­ци­јација и меѓусебните врски меѓу одделни македонски дијалектни ком­плекси, што му овозможи кон крајот на животот да почне да ја остварува замислата таа слика да ја прикаже во една сеопфатна монографија и ‒ со помош на младите колеги од Институт за македонски јазик ‒ во форма на македонскиот дијалектен атлас. Монографијата прецизно ја осмисли, прак­­тично речиси целосно ја подготви, така што по неговата смрт можевме да ја составиме од неговите ракописи и да ја објавиме во првите два тома на изданието Дијалекти на македонскиот јазик (МАНУ, 1998-1999). Проектот на атласот, иако скоро доведен до крај, до ден денешен чека конечна дора­ботка. Со залагањето на покојната д-р Убавка Гајдова, тогашен раково­дител на Одделението за дијалектологија на Институт за македонски јазик, и со помош на вработените во Истражувачкиот центар за лингвистика при МАНУ, излезе само том Македонски дијалектен атлас. Пролегомена (ИМЈ 2008), додека собраниот материјал од неколку стотини македонски села чека на ливчиња во картотеката на ИМЈ; можеме само да се надеваме дека ќе биде дигитализиран пред ливчињата да станат нечитки; а се работи за верна слика на македонските дијалекти од пред 50-70 години, непо­вратно уништена со бројните миграции на населението и природната ево­луција на дијалектните системи.

Двајцата харизматични македонски лингвисти, Конески и Видоески, колку и да беа различни по научните профили, сепак добро соработуваа. Појдовниот однос професор ~ студент со значајни научни постигнувања и брзото авансирање на Видоески бргу се претворил во односот на коле­ги­јална соработка. Ги поврзуваше, иако гледан од разни аспекти, интересот за историскиот развоен пат на македонскиот јазик. Во 1965 година Ко­нески ја објавува Историја на македонскиот јазик. Во наши раце е при­мерокот на Историјата со бројни маргинални забелешки на Видоески, дел од нив со плусеви и извичници на апробата, дел со критични додатоци; во нашите раце е писмото во кое Конески му се заблагодарува на Видоески за неговите забелешки; голем дел од тие критичните беа искористени во наредните изданија на Историја. ‒ Во втората половина на минатиот век еминентен украински лингвист, професор на Уни­вер­зитетот Колумбија (Columbia University) во САД, Г. Ј. Шевелов, голем фан на фонологијата, реа­лизираше еден од првите општословенски лин­гвистички проекти ‒ имено, ги наговараше своите колеги фонолози од различните словенски средини да пишуваат, а тој ќе им ги објавува, моно­графии за фонолошкиот развиток на одделни словенски јазици. Со таа серија изданија до ден дене­шен се служи светската славистика. Со молба за обработка на македон­ската проблематика Шевелов му се обрати на Ви­доески, кого го познаваше од средбите на разни конференции и од него­вата работа во Комисијата за фонетика и фонологија на МКС. Видоески, свесен дека Конески ја има обра­ботено соодветната пробле-матика во својата Историја, му одговори на Шевелов дека би требало да му се обрати на Конески. Како резултат на натамошната преписка во 1983 година во Хајделберг излезе A Historical Phonology of the Macedonian Language by Blaže Koneski with a survey of the Macedonian dialects and a map by Božidar Vidoeski. Текстот го преведе на англиски Виктор А. Фрид­ман. Нешто подоцна беше објавен во Скопје и оригиналниот македонски текст на Конески.

Освен споменатата општа монографија на македонските дијалекти, обја­вена во првите два тома на изданието Дијалектите на македонскиот јазик, Видоески е автор и на низа монографии на одделни јазични процеси и појави специфични за македонските дијалекти. Повеќето од нив ‒ според селекција и редослед направени од самиот автор ‒ се објавени во третиот том на споменатото издание; авторската селекција беше потребна, бидејќи Видоески на некои појави и проблеми се навраќаше по неколку пати и на крај не секогаш последната варијанта ја оценуваше како најуспешна. Под­насловот на целиот трет том гласи Монографии на структурните осо­бини реле­вантни за диференцијација на македонските дијалекти; моно­граф­ските студии се поделени во два дела: 1. Фонологија, и 2. Морфо­логија. Во фонолошкиот дел наоѓаме 13 текстови. Првиот е посветен на општиот прег­лед на дијалектните вокални системи во јужнословенски и балкански контекст, следуваат монографски описи на фонетските карактеристики и географската дистрибуција на избрани вокални и консонантски фонеми, како и увид во нивната историја. ‒ Во морфолошкиот дел меѓу деветте текстови привлекуваат внимание оние два кои се посветени на shifters, т.е. експоненти на референција карактеристични за номиналните морфолошки системи на македонските дијалекти, конкретно заменките и членот. Ви­доески со безгрешна интуиција го оцени значењето на тие два потсистема, кои содржат цел комплекс иновативни појави релевантни за идентитетот на македонските јазични кодови и нивното место во јужнословенскиот и бал­кански контекст. Останатите морфолошки студии се однесуваат на фор­­мал­ни иновации во инвентарот на номинални и вербални кате­го­ри­јални маркери.

На крајот на овој преглед на содржината и значењето на трудовите опфа­­тени во изданието Дијалектите на македонскиот јазик, I-III, треба да се подвлече дека низ целата своја длабока, сестрана анализа авторот ја сле­ди нишката која ја документира доминантната улога на централниот дија­лектен комплекс на западното наречје како извор на типично маке­донски иновации и природна база на стандардниот јазик.

Теоретските славистички перспективи на Видоески особено се проши­рија откога по московскиот IV Меѓународен конгрес на слависти активно се вклучи во работата на специјалистичките комисии на Меѓуна­родниот славистички комитет (МКС). Имено, на Московскиот конгрес падна одлу­ка за започнување на повеќе општословенски научни проекти и таа задача им беше поверена на стручни комисии составени од претставници на сите словенски јазици. Македонски претставник во praesidium на МКС беше Блаже Конески, кој лично се вклучи во Комисија за изучување на грама­тичката структура на словенските јазици, додека Видоески по негова пре­по­рака се најде во Комисијата за фонетика и фонологија, Комисијата за сло­венска ономастика и Комисијата за општословенски лингвистички ат­лас (ОЛА). За неговиот голем и ценет влог во работата на тие комисии ќе стане збор во една од наредните глави на овој текст; тука сакам да подвле­чам дека регуларните средби на работните седници на Комисиите на МКС на македонскиот лингвист му донесоа основи за практично и теоретско познавање на сите словенски јазици, а истовремено значајно ги проширија неговите научни контакти во словенските лингвистички кругови. Неговата лична харизма, висока интелигенција, научна пасија бргу му осигурија попу­ларност и широк круг пријатели во повеќе славистички средини, а истовремено му помогнаа да ги догради и продлабочи концепциите на лич­ните македонистички проекти кои тематски во голема мера се прекло­пувале со проектите на соодветните комисии.

Работата врз ОЛА и контактот со дијалектниот материјал од целата сло­венска јазична територија му дозволија да го доопредели местото на маке­донскиот јазик меѓу неговите јужнословенски соседи и пошироко, во це­лата словенска заедница, му дозволија и да го догради прашалникот за пла­ни­раниот иден македонски дијалектен атлас.

Работата во ономастичката комисија убаво се надоврза на неговиот стар жив интерес за дијалектната географска терминологија; низ долгите го­дини на теренска експлорација во Македонија, Видоески редовно ги соби­раше дијалектните географски називи. Импозантната збирка од 2.251 нази­ви со соодветна географска, етимолошка и библиографска инфор­ма­ција, подготвена за печат од колешките од ИМЈ под раководство на д-р Олга Иванова, е објавена посмртно во 1999 година во издание на МАНУ под нас­лов Географска терминологија во дијалектите на македонскиот јазик.

Најпосле, на работата на Видоески во Комисијата за фонетика и фоно­логија посредно ѝ го должиме томот Фонолошки бази на говорите на маке­­­донскиот јазик, МАНУ 2000, кој донесува фонолошки монографии (акту­елна состојба + историски извод) на 33 села репрезентативни за говори кои од своја страна се репрезентативни за соодветни дијалектни комплекси распоредени низ целата македонска јазична територија.

***

Заедно со проф. Штибер го дочекавме Божо Видоески кога се појави во Варшава во последните денови од 1958 година. Проф. Штибер мене ми ја повери задачата да го запознам гостинот со градот, со полските колеги, со нашата работа врз атласот на кашупските говори… На градот не му пос­ветивме многу време. Бргу откривме дека нашите научни интереси во го­лема мера се поклопуваат и почнавме да размислуваме за идна соработка; јас тукушто се вратив од мојот прв престој во Југославија на летен семи­нар за странски слависти каде што се запознав со Блаже Конески и одлу­чив да одберам македонистика како моја потесна славистичка специ­ја­лизација, Божо беше заинтересиран за дијалектолошките проекти во Пол­ска која во тој домен беше најнапредна во словенскиот свет; сме имале заеднички јазик во наука, но не сме имале заеднички јазик за секојдневна комуникација ‒ со оглед дека македонски и полски структурно макси­мално се разликуваат во рамките на словенскиот јазичен свет, решивме да се занимаваме со систематска граматичка конфронтација на нашите два јазика и на тој начин да создадеме некој вид рамка за словенска грама­тичка типологија. Се разбира, ова не се случи од ден на ден, нашите пла­нови полека се кристализираа. На почетокот замислувавме нешто налик на конфронтативна граматика, но бргу сфативме дека во таквата граматика мора да постои хиерархија на двата разгледувани јазици, а ние сакавме македонскиот и полскиот да ги третираме al pari. Првата наша заедничка авторска книшка, објавена во 1984 година од страна на Институтот за пол­ски јазик на ПАН, носи уште наслов: POLSKI~MACEDOŃSKI. Grama­tyka konfrontatywna (zarys problematyki) со поднаслов: Zeszyt 1. Wprowa­dzenie. Покрај пристапните забелешки книшката содржи три дела: а. дијалектна дифе­ренцијација на полскиот и македонскиот јазик, б. услови за форми­ра­ње и степен на кодификација на општиот полски и македонски јазик, и в. со­ци­јална диференцијација на полскиот и македонски јазик; карактер и ди­на­мика на интегративните процеси. ‒ Паралелно се разгледуваат пол­ската и македонската ситуација во трите аспекти, па се формулираат зак­лу­­чоци: паралели и разлики меѓу разгледуваните јазици. ‒ Сите наредни то­мови на нашата серија (а стигнавме веќе до десетти) носат наслов ПОЛСКИ ~ МА­КЕ­ДОНСКИ. Граматичка конфронтација. и сите, за жал, излегоа по смртта на Божо во 1998 година. Втората тетратка, објавена од МАНУ во 1999 го­дина, носи поднаслов Прозодија и содржи уште оригинален автор­ски влог на Божо. Покрај него, авторите се проф. Ирена Савицка, позната по своите трудови за словенска и балканска фонетика и фонологија, и Зу­зана Топо­лињска. Една од наредните тетратки, четвртата, објавена од МАНУ во 2001 година, е авторство на д-р Казимјера Марија Солецка и пос­ве­­тена е на методологијата на описот и примери на описот на македон­ските и полските глаголи и перифрастичните глаголски конструкции.

Наредна авторска книга, заедничка моја и на Божо, се однесува на „дора­­­ботката“ на материјалите објавени во фонетските томови на Општо­сло­­венскиот лингвистички атлас. Имено, на картите кои ги претставуваат звучните системи на словенските говори предмет на картографирање е фонетскиот запис на експлораторот, а недостасува информација за ста­ту­сот на соодветниот глас во системот на говорот; со други зборови: недо­ста­сува фонолошката информација. Во Комисијата на ОЛА се роди ини­ци­ја­тива да се обработат фонолошките системи на одделните говори прет­ставени во ОЛА вклучително со историскиот извод, т.е. нивната прет­по­ставена историја од прасловенскиот период до денешната состојба; чле­новите на националните комисии од словенскиот запад и југ ја поддржаа таа иницијатива и над половина описи од тие територии беа веќе готови кога шефот на Меѓународната комисија, Рубен И. Аванесов ја стопира подготовката на описите. ‒ Македонските и полските описи беа веќе го­тови, во наши раце беа комплетните југословенски описи, лужички, дел од чешките и словачките и богат теренски материјал од целата територија на ОЛА, располагавме и со постојната предметна литература ‒ во таа си­ту­ација решивме со Божо да се потрудиме да составиме фонолошки карти кои би ја прикажувале историјата барем на тие претпоставени прасло­венски вокални фонеми кои во текот на еволуција се претопиле во други функционални единици. Така се роди книгата Од историјата на словен­скиот вокализам којашто ја објави МАНУ во 2006 година; книгата содржи четири карти со коментари, картографската обработка е на проф. Марјан Марковиќ. Како што пишувам во предговорот „во моментот на смртта на мојот коавтор во 1998 год. првата верзија на оваа книга беше веќе готова. Готови беа и црнописите на картите. Сепак, нашата дискусија околу од­дел­ни ставови, хипотези, формулации сè уште беше во тек. Следствено, чув­ству­вам потреба да кажам дека евентуалните грешки во оваа дефини­тивна верзија ме оптоваруваат само мене.“

Во 2013 година, во издание на МАНУ беше објавена книгата на Ви­доески Прилози за развојот на македонистичката лингвистика, којашто беше приредена од проф. Димитар Пандев. Првиот дел е насловен Маке­донска лингвистика и опфаќа текстови поврзани со развојот на маке­дон­ската лингвистика, додека вториот дел е насловен Странска македо­ни­стика и во него се поместени текстови поврзани со местото на македо­н­скиот јазик во светската славистика како и текстови за работата на стран­ските слависти кои се занимавале со македонскиот јазик.

***

Претставениот овде научен пат и постигнувања на Божидар Видоески водат кон неминовен заклучок дека имаме работа со научник на којшто му ги должиме темелите на нашите денешни знаења за македонскиот јазик, неговата географска диференцијација и патиштата на неговата еволуција од далечната прасловенска заедница, па сè до заслужената, а задоцнета кодификација во 20-от век.

(Текстот е објавен во Зборник на трудови од Меѓународната научна манифестација Македонистички денови во МАНУ, Тополињска З., Марковиќ М., „Божидар Видоески и науката за македонскиот јазик“, Скопје: МАНУ, 2018, 21-30)

Библиографија на Божидар Видоески