Македонската академија на науките и уметностите со жалење ја известува јавноста дека на 6 март 2021 година, во 81 година од животот, почина акад. Момир Харалампие Поленаковиќ, редовен член на МАНУ.
Акад. Момир Харалампие Поленаковиќ е роден на 26 април 1939 година во Скопје. Медицински факултет завршил во Скопје во 1963 година, кога бил прогласен и награден како најдобар студент – првенец на Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје. Специјализација по интерна медицина завршил во 1969 година. Во 1977 година ја одбранил докторската дисертација на тема „Клиничко-имунолошка процена на патолошките настанувања во бубрежните гломерули“. За редовен професор е избран во 1988 година. Работел на Клиниката за нефрологија при Медицинскиот факултет во Скопје, а во периодот 1990 – 1997 година, бил директор на Клиниката за нефрологија. Од 2005 година, во пензија, неуморно продолжил да работи областа на медицината и со своите трудови и научноистражувачката работа да придонесува во оваа област.
Во текот на 1972 и 1973 година, стручно се усовршувал во САД како стипендист на IREX. Најголемиот дел од времето го поминал работејќи на Северозападниот универзитет во Чикаго (Northwestern University, Chicago), на Одделите за ренална и патолошка медицина (Department of Medicine, Renal Unit and Department of Pathology). Како стипендист на Светската здравствена организација (WHO) престојувал на универзитетските нефролошки клиники во Шведска, во Германија и Англија. Беше вонреден професор (Visiting Professor) на програмата „Фулбрајт“ (Fulbright Program) во САД, во 1991/1992 година.
Акад. Поленаковиќ искуствата од светот ги применуваше во нашата средина, а и нашите сознанија и достигнувања ги соопштувал во земјава и во странство во над 550 отпечатени научни и стручни трудови, од кои над 200 труда се на Pub Med, како и во 250 апстракти со кои учествувал на научно-стручните состаноци во земјата и во светот. Редактирал и издал пет книги со реферати од конгреси и научни состаноци. Автор е на книгата со наслов „Исхрана кај болните со бубрежна инсуфициенција и на дијализа“, публикувана во 1997 г., како и коавтор (со акад. И. Дејанов и П. Дејанов) на книгата со наслов „Инфекции, хемостатски нарушувања и антибиотичка терапија кај болни на хемодијализа“, објавена во 2004 г., уредник на книгата со наслов „Renal Failure – The Facts“, InTech, 2012.
Беше уредник и член на уредувачки одбори: главен уредник на периодичното списание „Прилози“ на Одделението за медицински науки на Македонската академија на науките и уметностите (во периодот 2002 – 2019); помошник уредник (Associate editor) на списанието „БАНТАО“; член на уредувачките одбори на: Actual Nephrology: Kidney Foundation, Варна – Бугарија; Aktuality v nefrologii (Current concepts in nephrology), Република Чешка; поранешен член на уредувачкиот одбор на „Македонски медицински преглед“, на списанието Nephrology, Dialysis, Transplantation – NDT (официјално списание на Европската ренална асоцијација) и на списанието JAMA (Journal of American Medical Association) – југословенско издание.
Акад. Поленаковиќ беше активен во изучувањето на: гломерулонефритите, интерстиционефропатиите (Балканска ендемска нефропатија), на уринарните инфекции, инвазивната и неинвазивната нефролошка дијагностика, реналната трансплантација, хемодијализата и плазмаферезата. Акад. Поленаковиќ бил првиот кој во нашата земја вовел добивање на бубрежно ткиво по пат на перкутана бубрежна биопсија и овозможил иследување на свежо добиено бубрежно ткиво со имунохемиски методи. Направил класификација на гломерулонефритите во Република Македонија. Од 1965 година, акад. Поленаковиќ учествува во лекувањето на акутната бубрежна инсуфициенција со хемодијализа, а од 1971 година, во лекувањето на хроничната бубрежна инсуфициенција со интермитeнтна хемодијализа. Прв го вовел лекувањето со рекомбинантeн еритропоетин, на реналната анемија кај пациенти лекувани со дијализа. Во 1977 година учествувал во изведувањето на првата бубрежна трансплантација на Медицинскиот факултет во Скопје.
Акад. Поленаковиќ одржал повеќе предавања од областа на гломерулонефритите, балканската ендемска нефропатија и лекувањето на хроничната бубрежна инсуфициенција, на повеќе институции во земјата и во странство (Лондон, 1977 и 1983 г.; Лајден, 1989 г.; Белград, 1982 и 1983 г.; Загреб, 1983 г.; Љубљана, 1985 г.; Чикаго, 1992 г.; Хјустон, 1992 г.; Лос Анџелес, 1992 г., Вашингтон, 1992 г.; Чарлстон, 1992 г.; Бетезда (NIH), 1992 г.; Дејтон, 1995 г.; Болоња, 1997 г.; Измир, 1999 г.; Ахен, 1999 г.; Солун, 2001 г.; Софија, 2004 г.; Берлин 2005 г.; Сплит, 2006 г.; Опатија, 2006 г.; Кишињев, 2007 г.; Белград, 2007 г.; Брач, 2008 г.; Бриони, 2008 г.; Љубљана, 2008 г.; Милано, 2009 г.).
Акад. Момир Х. Поленаковиќ активно учествуваше во работата на Македонското лекарско друштво. Беше основач и претседател на Македонското здружение за нефрологија, дијализа, трансплантација и вештачки органи (1992 – 2011). Беше иницијатор за создавањето на Балканската нефролошка асоцијација (БАНТАО) во 1993 година. Беше член на повеќе меѓународни асоцијации и здруженија, и тоа: Европската асоцијација за дијализа и трансплантација – Европска ренална асоцијација (European Dialysis Transplant Association – European Renal Association), Меѓународното здружение за нефрологија ( International Society of Nephrology), Меѓународното здружение за вештачки органи (International Society for Artificial Organs) и др. Од 1992 до 2011 година беше претседател на Македонското здружение за нефрологија, дијализа, трансплантација и вештачки органи, а од 2011 година беше негов почесен претседател. Од 2011 до 2019 година беше претседател на Етичкиот поткомитет за медицина на МАНУ. Во 2014 година беше избран за прв претседател на Македонското здружение на медицински уредници, а од 2016 година, за почесен претседател.
Тој е носител на повеќе признанија и награди, меѓу кои: Орден заслуги за народ со сребрена ѕвезда, Повелба „Д-р Трифун Пановски“ (1988 г.), од Националната бубрежна фондација во САД (National Kidney Foundation – NKF, USA) доделено му e признанието Distinguished International Medal за 1997 година, највисокото признание кое им се доделува на истакнати нефролози од Фондацијата, кои не се жители на САД, за извонредни научни достигнувања во нефрологијата и за работата во развивањето на нефрологијата во нивната земја; наградата на Град Скопје – „13 Ноември“, за особени остварувања во здравствената заштита од областа на нефрологијата (2005 г.); Сребрен медал од прв ред „Столен медал на Македонската православна црква“ по повод 50 години од обновувањето на Охридската архиепископија и 40 години од автокефалноста на МПЦ (2008 г.); државната награда на Република Македонија „11 Октомври“, за животно дело во областа на науката и образованието (2009 г.) и други. Во 2013 година е добитник на наградата The 2013 Pioneer Award Eastern & Central Europe Region на Интернационалното здружение за нефрологија (ISN) за постигнувањата од областа на нефрологијата за регионот на Источна и Централна Европа.
Во 1994 година, акад. Поленаковиќ е избран за странски член на Српската академија на науките и уметностите, како и за член на Фондацијата „Бубрег“ во Варна, Бугарија. Во 1996 година е избран за член на Академската асоцијација за медицински интердисциплинарни студии во Романија (Academic Association of Medical Interdisciplinary Studies). За надворешен член на Академијата за медицински науки на Српското лекарско друштво, тој е избран во 1998 година, а во 2002 година е избран за член на Њујоршката академија на науките (САД) и, истата година, за надворешен член на Академијата за медицински науки на Хрватска. Исто така, во 2006 година е избран за член на Светската академија на уметност и наука (Сан Франциско, САД), како и за член на Европската академија на науките (Салцбург, Австрија). Од 2007 година, тој е член на Друштвото за наука во Берлин, „Лајбниц“ (Германија).
За редовен член на Македонската академија на науките и уметностите беше избран на 26 јуни 1997 година, а во периодот 2004 – 2007 г., беше нејзин потпретседател. Во периодот 2011 – 2017 год., Поленаковиќ беше раководител на Истражувачкиот центар за генетско инженерство и биотехнологија „Георги Д. Ефремов“ на МАНУ.
По повод смртта на акад. Момир Х. Поленаковиќ, Македонската академија на науките и уметностите и Медицинскиот факултет при УКИМ ќе одржат Комеморативна седница преку видеоконференциска врска со употреба на интернет-комуникација, за што јавноста ќе биде навремено информирана.