++389 (0)2 32 35 400
Во своето интервју за весникот ВЕЧЕР, акад. Катица Ќулавкова говори за македонскиот јазик, по повод ултимативните изјави на бугарските власти како и ставовите на Бугарската академија на науките – според кои македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот јазик.
Акад. Ќулавкова истакнува дека станува збор за „напади кои се проблематични од научна гледна точка, од политичка гледна точка, од дипломатска гледна точка“, односно дека во таквиот развој на настаните „наша најголема одбрана е научната претстава за македонскиот јазик, неговото потекло, неговиот историски развиток и неговиот современ систем“. Имено, акад. Ќулавкова истакнува:
„Најдобра одбрана на македонскиот јазик е: прво, живата македонска реч, виталноста на македонските народни говори или дијалекти, широката употреба на стандардниот македонски книжевен јазик меѓу Македонците, каде и да живеат во регионот и во светот, како и меѓу севкупното население на Македонија кое го прифатило македонскиот јазик како државен јазик на Р.Македонија и како наследен јазик на разбирање. Второ, науката за јазикот, историјата на македонскиот јазик, дијалектологијата, стилистиката, граматиката, компаративното проучување на македонскиот јазик во време и простор, славистиката, палеославистиката и трето, македонската книжевност и добрите преводи од македонски на други јазици, па и од други јазици на македонски; четврто, солидното образование на сите степени на образованието и соодветно инвестирање во кадри на матичната катедра за македонски јазик и книжевност во Македонија и на лекторатите во светот; поставување на македонскиот јазик и научното проучување на македонскиот јазик како дејност од посебен национален и стратешки интерес на Македонија; промоција на македонскиот јазик и неговата современост и историја на интернет; дигитализација на книги на и за македонскиот јазик; негување на книжевниот македонски јазик на сите масовни медиуми, портали и мрежи, филмот, музиката, театарот.“
Акад. Ќулавкова дополнително појаснува дека постоењето на јазикот не зависи од државните институции, односно дека тоа е научен факт.
„ Нема јазик кој е створен механички со одлука на нечија државна институција. Не можете да кодифицирате јазичен систем кој нема своја жива народна реч, свои говори, свои функционални стилови, своја јазична меморија, свој поглед на свет. Таков квазинаучен и недипломатски политички став на бугарските државни институции и на БАН е израз на еден еклатантен јазичен експанзионизам, втемелен врз начелото на ексклузивниот пристап кон културното наследство, а јазикот е без двоумење една од најважните одлики на културното наследство (и духовно, и материјално). Културното, а особено духовното наследство, не познава државни граници и во таа смисла може да се посматра како „споделено добро“.
Целото интервју на акад. Ќулавкова е достапно ТУКА.