Област на работа: Средновековна македонска книжевност, библистика, херменевтика, црковна химнографија
Акад. Ѓорги Поп-Атанасов
Институции: Православниот богословски факултет во Скопје
Биографија
Акад. Ѓорги Поп-Атанасов е роден на 8 ноември 1940 година во село Елешница, Разлошко, Пиринска Македонија. Основно образование завршил во родното село, а гимназија во градот Разлог. Високото образование го оформува на Богословскиот факултет во Софија, каде што дипломира во 1967 година. Од 1972 година живее во Република Македонија. Постдипломски студии завршува на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, каде што магистрира на тема „Кичевскиот октоих од XIII век“ и докторира на тема „Октоихот во македонската писмена традиција“. Работел во Македонската архиепископија, Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата, Ракописното одделение при Народната и универзитетска библиотека во Скопје и во Институтот за македонска литература, каде што бил научен советник и раководител на Одделението за средновековна македонска литература. Од 1990 година на Богословскиот факултет ги предава предметите од областа на Стариот завет: староеврејски јазик, вовед во Светото писмо на Стариот завет, старозаветна историја со библиска археологија и старозаветна егзегетика со библиска херменевтика.
Во својата научна активност, пак, акад. Поп-Атанасов е ориентиран кон повеќе научни богословски дисциплини – македонска црковна книжевност, историја на македонското правoславно богослужение, хагиографија, библистика, црковна химнологија и др. Македонската црковна книжевност ја проучува од повеќе аспекти, почнувајќи од книжевните дела на светите браќа Кирил и Методиј и нивните најблиски ученици и соработници светите Климент и Наум Охридски, одделните духовни школи и манастирски книжевни центри, па сè до одделните црковници – монаси и свештеници, кои преку црковната книжнина ја ширеле духовната просвета меѓу православното македонско население. Посебно внимание им посветува и на книжевните творци од подоцнежниот период, особено на оние што работеле во кругот на Слепченскиот и на Кратовскиот црковно-книжевен центар. Од областа на црковната химнологија и хеортологија се и научните прилози на акад. Поп-Атанасов посветени на словенскиот превод на октоихот и неговото ширење во македонската писмена традиција.
Научниот интерес на акад. Поп-Атанасов е насочен и кон врските на Македонската православна црква и нејзините претставници со светогорската монашка заедница и светогорските манастири. Битен елемент од научното дело на Акад. Поп-Атанасов се и неговите истражувања во врска со Кирилометодиевскиот превод на Библијата и ширењето на одделните библиски книги во македонската писмена традиција. Го проучувал односот на старословенскиот библиски превод со глаголската писмена традиција во Македонија, се задржува на одделни периоди од македонското Средновековие, во коишто библиската традиција е особено продуктивна итн. Повеќе поими од сферата на библиската теологија и македонската литургиска книжнина тој разјаснува во својот труд „Речник на старата македонска литература“, во „Македонскиот историски речник“, „Книжевно-теорискиот поимник“ и во „Македонската енциклопедија“.
Акад. Ѓорги Поп-Атанасов раководи или учествува со свои прилози во бројни научноистражувачки проекти на Македонската академија на науките и уметностите, Институтот за македонска литература, Институтот за македонски јазик, Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Богословскиот факултет „Свети Климент Охридски“, Институтот за проучување на старословенската култура и др. Тој, исто така, учествува на научни собири во земјата и во странство, уредува или членува во редакцијата на периодични изданија, во коишто се обработуваат теми од областа на црковната книжевност, библистиката, библиската теологија и херменевтика („Спектар“, „Кирилометодиевистика“, „Годишен зборник на ПБФ“ и др.).
Акад. Ѓорги Поп-Атанасов досега има објавено над 20 книги и повеќе од 150 статии што јасно укажува на неговата творечка активност во областа на научно-истражувачката дејност. Позначајни негови објавени дела се: „Ракописни текстови на македонски народен говор“, Мисла, Скопје 1985; „Речник на старата македонска литература“, Македонска книга, Скопје 1989; „Кичевскиот октоих, македонски книжевен споменик од XIII век, Менора, Скопје 2000; „Средновековна македонска химнографија (IX-XIII век), Институт за македонска литература, Скопје 2007; „Македонската глаголица, МАНУ, Скопје 2015 и др. Ги приредил Избраните дела на акад. Владимир Мошин во 10 томови (Менора, 2002-2013) и Црковната поезија на св. Климент Охридски (Менора, Скопје 2008).
За редовен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран на 4 јуни 2012 година.
Датум на раѓање::10.11.1940
Место на раѓање::с. Елешница
Членство во МАНУ::Редовен член, 2012
Email::popatanasov@yahoo.com
Област на работа: Правни науки (казнено право и криминологија)
Акад. Владо Камбовски
Институции: Редовен професор на Правниот факултет во Скопје
Биографија
Акад. Владо Камбовски е роден на 5 јануари 1948 година во Битола, каде што го завршил основното и средното образование. Дипломирал на Правниот факултет во Скопје во учебната 1969/70 година, како најдобар дипломиран студент во повеќе генерации. На 15 ноември 1970 година бил примен за приправник-стажант, а на 1 март 1971 година бил избран за асистент на Катедрата за кривично право на Правниот факултет во Скопје.
Во текот на 1971 и 1972 г. бил испратен на практика во Општинскиот и во Окружниот суд во Скопје, а во учебната 1972/73 година се запишал на постдипломските студии по казнено право (насока за научно усовршување) на Правниот факултет во Загреб. Студиите ги завршил со одличен успех и во мај 1975 година ја одбранил магистерската работа на тема: „Доброволно откажување од извршување кривично дело“.
Во 1977 година бил избран за предавач и држел предавања по предметот кривично право на правните факултети во Скопје и Битола, како и на Факултетот за безбедност во Скопје. Во 1980 година на Правниот факултет во Скопје ја одбранил докторската дисертација под наслов: „Проблематиката на пропуштањето во кривичното право“. Истата година бил избран за доцент по предметот кривично право, а потоа и за декан на Факултетот за безбедност, која должност ја вршел се до 1984 година.
Од 1984 до 1986 година бил директор на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања во Скопје. Во 1986 година бил избран за потпретседател на Извршниот совет на Собранието на СРМ, а од 1989 до почетокот на 1992 година бил избран за член на Сојузниот извршен совет и сојузен секретар за правосудство и управа. Од декември 1998 до декември 1999 година ја вршел функцијата министер за правда во Владата на Република Македонија.
За сето време на вршењето на овие должности акад. Камбовски редовно ги извршувал и своите професорски обврски на Правниот факултет во Скопје. За редовен професор на Правниот факултет бил избран во 1992 година, а реизбран во 1999 година.
Покрај предавањата на редовните студии, акад. Камбовски држи предавања и на постдипломските студии по казнено право и криминологија на Правниот факултет во Скопје, бил и е ментор на повеќе кандидати за одбрана на магистерски тези и докторски дисертации. Раководел или учествувал во повеќе научно-истражувачки проекти на Правниот факултет, Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања и МАНУ. Раководел со мега-проектот на Правниот факултет „Евроинтеграција на општествениот, политичкиот и правниот систем на Република Македонија“. Учествувал со свои реферати на повеќе домашни и меѓународни научни собири. Како професор на Правниот факултет, започнувајќи од 1995 година раководел со работните групи што ги подготвиле: Кривичниот законик, Законот за прекршоците, Законот за судовите, Законот за спречување на корупцијата, и учествувал во работата врз други закони. Ангажиран бил во повеќе активности на Советот на Европа, посебно како член на експертската група која работи врз статистиката на движењата на криминалот во европските држави.
Бил претседател на Форумот за евроатлантска интеграција на Република Македонија и на Републичкото здружение за казнено право и криминологија.
Основната научна преокупација на акад. Камбовски е казненото право и филозофија на правото. Најзначајните резултати на неговиот научен ангажман е целокупниот систем на казнено-правната наука претставен во неговото капитално дело Казнено право – општ дел, најволуменозен и најсодржаен научен труд во македонската казнено-правна литература. Второто негово значајно дело Казнено право – посебен дел, пак, претставува единствена целосна научна обработка на системот на инкриминациите во македонската казнено-правна литература. Филозофско-правното учење на акад. Камбовски е интегрално изнесено во неговото дело „Филозофија на правото“, објавено во 2010 година како прв и досега единствен филозофско-правен систем кај нас, како и во други статии и реферати на домашни и меѓународни научни собири на филозофско-правни теми.
Покрај овие значајни дела, издал и околу 40 книги, објавил повеќе од 350 научни трудови, а и учествувал со реферати на повеќе од 40 собири во Македонија и во странство. Автор е на неколку учебници од областа на кривичното право, објавени на повеќе јазици.
За странски член на Aкадемијата на науките и уметностите na Република Српска, Бања Лука (Босна и Херцеговина) е избран во 2013 година. Во 2012 година е избран за член на Европската академија на науките во Салцбург и за член на Светската академија на уметност и наука во САД, а за странски член на Бугарската академија на науките е избран во 2015 година.
За редовен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран на 10 мај 2006 година. Во периодот од 2008 до 2011 година бил потпретседател, а во периодот од 2012 до 2015 година бил претседател на Македонската академија на науките и уметностите. Во моментов е раководител во Центарот за стратегиски истражувања на МАНУ.
Датум на раѓање::05.01.1948
Место на раѓање::Битола
Членство во МАНУ::Редовен член, 2006
Email::vlado@manu.edu.mk
Област на работа: Педијатрија
Акад. Нада Поп-Јорданова
Институции: Редовен професор во пензија на медицинскиот факултет во Скопје
Биографија
Акад. Нада Кожинкова Поп-Јорданова е родена на 17 март 1947 година во Скопје. Основно училиште и гимназија завршила во Скопје како првенец на генерацијата. Паралелно со гимназијата дипломирала и средно музичко училиште, отсек – виолина. Студиите по медицина ги завршила на Медицинскиот факултет во 1970 година со просечна оценка 9,88. По задолжителниот лекарски стаж и положување на стручниот испит работела една година како волонтер во Заводот за ментално здравје за деца и младинци. На Клиниката за детски болести се вработила во 1972 година, а во 1977 станала лекар-специјалист педијатар. Во 1982 година дипломирала психологија на Филозофскиот факултет во Скопје (просечна оценка 9) со одбранета дипломска работа „Цртежите како проективна техника кај децата со органски болести“.
Во 1983 година го одбранила докторскиот труд „Психолошки фактори кај идиопатската адипозност кај школските деца“ под менторство на проф. Васка Донева, преку кој за првпат во педијатријата го воведува психосоматскиот приод во етиологијата на заболувањата. Работејќи повеќе години на одделот по гастроентерохепатологија под раководство на проф. Ратка Влашки, во 1987 стекнува титула супспецијалист по гастроентерологија.
Меѓутоа, нејзиниот интерес за психолошката медицина и психосоматиката ја мотивира за надградба и усовршување токму во оваа област, поради што остварува куси престои на соодветни институции во Виена (1988), Софија (1988), Загреб (1989, 1990), Нови Сад (1989), Белград (1991), а потоа во Токио (2000) и на Imperial College – Лондон (2003). Сите овие престои го надополнуваат нејзиното знаење од областа на медицинската психологија и детската невропсихијатрија. Една школска година (1992–93), како визитинг-професор престојува во Лозана, Швајцарија, во”Centre Hospitalier Universitaire Vaudois”, главно на одделите за развој и ментални проблеми кај младите. Таму работи со познатите Проф. Ансермет и Проф. Бачард, еминентни стручњаци од областа на детската и адолесцентна психијатрија. Во текот на овој престој се вклучува во тамошните стручни екипи посветени на работата на менталното здравје кај младите.
Во 1995 година го формира Одделението за психофизиологија на чие чело останува сé до заминувањето во пензија (2011).
Работејќи и објавувајќи трудови од областа на менталното здравје и психофизиологијата станува меѓународно препознатливо име за што говори нејзиниот избор за редовен член на International College of Psychosomatic Medicine (1994), European Association for Research in Adolescence (1996), Swiss Society for Child and Adolescent Psychiatry (1996), International Organization of Psychoscoiology (1997), Interantional Society for Neuronal Regulation (2002), Society for Applied Neuroscience (2004), Society for Seflregulation and Biofeedback (2005).
Во 1996 година за првпат во Македонија и во поширокиот регион ја вовела методата компјутеризиран биофидбек како во проценката така и во терапијата на разните психофизиолошки растројства. Притоа, таа соработувала со врвни експерти од оваа област како Lynda Thompson (Торонто), Jury Kropotov (Ст. Петерзбург), Berry Sterman (Калифорнија), Олга Базанова (Новосибирск), Andy Muller (Цирих), John Gruzelier (Лондон), John Roy (Њујорк) и др. Истовремено, за првпат на Балканот ја вовела методата квантитативна електроенцефалографија со мозочно мапирање.
Во наставната активност акад. Кожинкова Поп-Јорданова ги поминала сите фази на напредувањето од асистент (1978–84), доцент (1984–90), вонреден професор (1990–96), редовен професор (1996–2011), а во два мандата ја раководела катедрата по педијатрија како нејзин шеф (1999–2003).
Акад. Кожинкова Поп-Јорданова објавила над 400 научни трудови, а во над 85% од трудовите таа е единствен или прв автор. Поголемиот број од трудовите се објавени во меѓународни научни списанија. Научноистражувачката активност на акад. Кожинкова Поп-Јорданова се состои во реализирањето на 16 меѓународни и шест домашни проекти, како и со учество како член на работни групи во повеќе меѓународни проекти.
Член е на следните странски академии: Њујоршката академија на науките, САД (1997), Светската академија за уметност и наука, САД (2006) и Европската академија на науките и уметностите, Салцбург, Австрија (2012).
За редовен член на Македонската академија на науките и уметностите е избрана на 4 јуни 2012 година.
Датум на раѓање::17.03.1947
Место на раѓање::Скопје
Членство во МАНУ::Редовен член, 2012
Област на работа: Информатички науки
Акад. Љупчо Коцарев
Институции: Факултетот за електротехника и информациски технологии – Скопје; Институтот за нелинеарни науки при Универзитетот на Калифорнија во Сан Диего, САД.
Биографија
Академик Љупчо Коцарев е роден на 25 февруари 1955 година во Скопје. Основно, средно и високо образование (Електротехнички факултет) завршил во родниот град. Магистрирал на Електротехничкиот факултет во Белград, а докторирал на Институтот за физика на Природно-математичкиот факултет во Скопје.
Во периодите од 1985 до 1999 година и од 2007 до денес e вработен на Електротехничкиот факултет и Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство при Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје. Од 1999 до 2016 година бил вработен на Универзитетот Калифорнија во Сан Диего, САД. Остварил студиски престои во САД, Германија, Италија, Унгарија, Шпанија и Јапонија. Во 2006 година е избран за fellow на IEEE (член на Друштвото на електроинженерите во САД).
Научниот интерес на Академик Љупчо Коцарев е широк, опфаќајќи повеќе подрачја од физика, техничките науки, и компјутерските науки: нелинеарна физика, комплексни системи и мрежи, електрични кола и системи, теорија на информации и криптографија, машинско учење, обработка на податоци и наука за податоци. Во период од 1986 година до денес Академик Љупчо Коцарев публикувал повеќе од 140 публикации во часописи со фактор на влијание, повеќе од 10 публикации во (меѓународни и домашни) часописи без фактор на влијание, и повеќе од 150 публикации во зборници на рецензирани трудови од (меѓународни и домашни) конференции. Тој бил едитор на 6 книги и автор на 6 патенти (одобрени во САД и/или Европа). Неговите публикации се цитирани според Web of Sceince (Science Citation Index) 6384 (6133 без само цитирање) пати додека според Google Scholar тие се цитирани 11248 пати (податоците од 25-10-2015 година). Според статистиката што ја води издавачот Elsevier статиите публикувани во Elsevier се видени/пристапени преку порталот на издавачот 18946 пати (податоци до Септември 2015 година). Според статистиката што ја води издавачот Springer, вкупниот број на превземени (dowload) текстови од книгите кои ги едитирал Акад. Коцарев е 36500 (податоци заклучно со 2014 година). Академик Коцарев соработувал со истражувачи од многу земји вклучувајќи ги САД, Русија, Кина, Јапонија, Германија, Италија, Шпанија, Полска, Унгарија, Велика Британија, Австралија, Данска, Холандија, Франција, Канада, Мексико и многу други. Академик Љупчо Коцарев бил раководител на повеќе проекти финансирани од ЕУ (програмите ТЕМПУС, ФП6, ФП7 и Хоризон2020), САД (NSF, ONR, NIH), Германија (DFG), НАТО, компанијата ST Microelctronics и Универзитетот на Калифорнија во Сан Диего и Министерството за образование и наука на Република Македонија.
За член на Македонската академија на науките и уметностите надвор од работниот состав е избран на 27 мај 2003, а за редовен член на 1 мај 2007 година.
Датум на раѓање::25.02.1955
Место на раѓање::Скопје
Членство во МАНУ::Редовен член, 2007
Email::lkocarev@manu.edu.mk
Област на работа: Математика (алгебра, геометриско-комбинаторна топологија)
Акад. Дончо Димовски
Институции: Редовен професор на Природно-математичкиот факултет, Институт за математика во Скопје
Биографија
Академик д-р Дончо Димовски е роден на 1 октомври 1954 г. во Битола, каде што го завршува основното и средното образование. Во учебната 1973/74 г. се запишува на Математичката група на Природно-математичкиот факултет во Скопје. Дипломира во јуни 1976 г., за помалку од три години, со успех 9,48, со дипломска работа “Адитивни полугрупи на цели броеви”, под менторство на проф. Ѓорѓи Чупона, објавена во Прилози на МАНУ во 1977 година. Во 1979 година ги завршува магистерските студии на Математичкиот факултет во Скопје, со одбрана на магистерската работа „P-локализација на 1-сврзани CW-комплекси“, под менторство на проф. Смилка Здравковска. Во септември 1980 г. се запишува на докторски студии на Државниот универзитет на Њујорк во Бингамтон, САД, а докторира во мај 1983 г. со одбрана на докторската дисертација “Non-simply connected Casson Handles”, под менторство на проф. Ros Gegen, а неговата дисертација е наградена како најдобра во таа година н Универзитетот.
Од 1976 до 1977 година работи како стручен соработник на Математичкиот институт со нумерички центар во Скопје. Од 1977 до 1980 работи како асистент на Математичкиот факултет во Скопје. Од 1980 до 1983 година е студент на докторски студии во САД. Од 1984 до 1989 година работи како доцент, од 1989 до 1994 година како вонреден професор и од 1994 година до денес работи како професор на Природно-математичкиот факултет во Скопје. Во летниот семестар во 1990 година е визитинг-професор на Универзитетот Корнел во САД. Исто така, во досегашната 40-годишна наставна дејност изведувал настава на додипломските и постдипломските студии и на универзитетите во: Битола, Приштина и Штип.
Студиски престои реализирал на: Универзитетот во Мичиген, Ан Арбор, САД; Универзитетот на Тенеси, Ноксвил, САД; Истражувачкиот институт за математички науки, (МСРИ) Беркли, САД; Математичкиот центар Стефан Банах, Варшава, Полска; Универзитетот во Бингамтон, САД; Математичкиот центар во Оберволфах, Германија; Универзитот Карлетон, Канада; Математичкиот институт, Љубљана, Словенија; Универзитетот во Софија, Бугарија; Универзитетот во Варшава, Полска; Универзитетот Хајделберг, Германија; Универзитетот Бангор, Велс.
Неговата научна дејност опфаќа: геометриско-комбинаторна топологија (специјално: 4-многуобразија, јазли и сплетови); еднопараметарска теорија на фиксни точки; хомогени компакти; динамички системи; и алгебарски, тополошки и комбинаторни векторско вредносни структури, со соодветни примени во физика, статистика и информатика. Акад. Дончо Димовски е автор на повеќе од 85 научни и 20 стручни трудови, како и на две монографии. Добитник е на наградата „Гоце Делчев” за 1989 г., за резултатите добиени од областа на векторско вредносните алгебарски, тополошки и комбинаторни структури. Во 2014 година, прогласен е за еден од дестетте најдобри научници на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје за научни достигнувања во 2013 година.
Одржал предавања по покана на повеќе универзитети во Европа и САД. Остварил учество на повеќе од 80 меѓународни научни математички собири, а на повеќе од 20 од нив по покана на организаторот. Ментор на 11 докторски дисертации, од кои 9 од Македонија, една од Србија и една од Косово. Ментор на 30 магистерски работи. Член во комисии за 20 докторски дисертации и 18 магистерски работи.
Соработувал во научно-истражувачки проекти (некои од кои работени при МАНУ). Раководител бил на неколку научно-истражувачки проекти, од кои еден меѓународен (со Словенија), финансирани од Министерството за наука. Соработник бил во работата на проектот „Улогата на природните науки во образовниот процес”, финансиран од UNESKO. Координатор за Македонија на ДААД проектот Center of Excelence for application of Mathematics (1990 до 2016) и на ТЕМПУС проектот: „Докторски студии по математика во Југоисточна Европа“ (2008-2011).
Член на: Сојузот на математичарите на Македонија и на неговиот управен одбор (СММ); Американското математичко друштво (АМЅ); Балканскиот математички сојуз и на неговиот извршен одбор (МАССЕЕ).
Акад. Дончо Димовски бил референт на списанието Mathematical Reviews; главен и одговорен уредник на Математика Македоника; уредник на Математички билтен; уредник и главен уредник на списанијата Сигма и Нумерус. Рецензент е на статии од кои во некои се цитирани негови трудови, во Fixed point theory and its applications, Topology, Pac. J. Math, Algebraic and geometric topology, Forum Math., Semigroup Forum.
За редовен член на Македонската академија на науките и уметносите е избран на 27 мај 2009 година.
Датум на раѓање::01.10.1954
Место на раѓање::Битола
Членство во МАНУ::Редовен член, 2009
Email.:donco@iunona.pfm.ukim.mk
Област на работа: Филолошки науки
Акад. Влада Урошевиќ
Институции: Филолошкиот факултет во Скопје; Српската академија на науките и уметностите; Европската академија на науките и уметностите, Салцбург, Австрија.
Биографија
Акад. Влада Урошевиќ е роден во Скопје, во 1934 година. Дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје, на групата Историја на книжевностите на народите на СФРЈ, во 1957 година. Докторирал на истиот факултет со тезата „Фантастика и научна фантастика – сличности, разлики и области на интерференцијата“, во 1987 година.
Акад. Урошевиќ е редовен професор во пензија на Филолошкиот факултет во Скопје, којшто со забележлив успех се занимава со повеќе дејности, како на полето на литературата, така и на полето на книжевната наукa.
Со поезија во македонската литература акад. Урошевиќ се јавува во 1954 година. Ги објавил следниве поетски збирки: Еден друг град (1959), Невиделица (1962), Летен дожд (1967), Ѕвездена терезија (1973), Нуркачко ѕвоно (1975), Сонувачот и празнината (1979), Хипнополис (1986), Ризиците на занаетот (1993), Мане, текел, фарес (2002), Тајно злато (2016). Уште од своите почетоци поезијата на акад. Влада Урошевиќ се одделува со своите оригинални акценти и со својата свртеност кон пределите во кои владеат законите на ирационалното и нестварното, поради што критиката ќе го определи сонот како негов домен и белег и ќе го вброи во ретките поети, истражувачи и визионери во македонската литература. Како поет акад. Влада Урошевиќ е застапен во сите антологии на македонската поезија објавени по 1960 година во земјата и странство, како и во „Антологија на светската поезија“ (Турција, 1987), „Златната книга на сонетот“ (Унгарија, 1991) и др.
Во областа на прозата акад. Урошевиќ е автор на шест збирки раскази: Знаци (1969), Ноќниот пајтон (1972), Лов на еднорози (1983), Седмата страна на коцката (2010), Размена на пораки (заедно со Тања Урошевиќ, 2013), Тајна мисија (2013) и пет романи: Вкусот на праските (1965), Мојата роднина Емилија (1994), Дворскиот поет во апарат за летање (1996), Дива лига (2000), Невестата на змејот (2007), како и на книгите прозни записи Алдебаран (1991) и Париски приказни (1998) . Прозните остварувања на Урошевиќ внесуваат во македонската литература не само тематска новост туку и еден нов вид сензибилитет и една нова поетика.
Особен интерес акад. Урошевиќ пројавува за фантастиката, како во литературата, така и во ликовните уметности. За фантастиката во литературата зборуваат неговите книги Подземна палата (1987) и Демони и галаксии (1988), а за фантастиката во сликарството Чуда и чудовишта (2001) и Измислени светови (2003).
Во доменот на книжевниот есеј и книжевната критика Урошевиќ објавил повеќе книги посветени на дела и творци од македонската книжевност. Покрај објавувањето на одделни преводи од српската, словенечката и руската поезија акад. Урошевиќ преведува и од модерната француска поезија, и тоа: целокупното поетско дело на Шарл Бодлер, како и избори од поезијата на Артур Рембо, Гијом Аполинер, Анри Мишо, Пол Елијар, Андре Бретон, Жак Превер, Ален Боске, Лионел Ре. Урошевиќ е исто така составувач на пет обемни антологии на француската поезија, излезени во негов препев. Акад. Урошевиќ за некогашните југословенски простори ги преведувал на српски јазик поетските и прозни книги на Кочо Рацин, акад. Славко Јаневски, акад. Блаже Конески, акад. Матеја Матевски и други.
Опусот на акад. Влада Урошевиќ се состои од над 30 авторски книги, над 40 книги преводи, како и од поголем број антологии и избори. Учествувал, во својство на писател и на научен работник, на повеќе собири и симпозиуми во земјата и во странство.
Книгите на акад. Урошевиќ се преведени на повеќе јазици – англиски, бугарски, германски, дански, полски, руски, словенечки, српски, француски и шпански.
Интересот за ликовните уметности кај акад. Урошевиќ се манифестира низ изработка на дигитални колажи. Во ноември 2013 една голема изложба на овие дела, под наслов „Laterna magica“, е одржана во ликовниот салон на МАНУ.
Добитник е на повеќе награди и признанија, наградата „Младост“, „Нолит“, „Рациново признание“, „Браќа Миладиновци” (трипати), „Григор Прличев“ (двапати) и други. За својот книжевен опус, како и за своите заслуги во преведувањето и афирмирањето на француската литература, прогласен е од владата на Република Франција прво за витез на Редот на уметноста и литературата а потоа и за офицер на истиот Ред.
Редовен член е на Европската поетска академија (Луксембург) и дописен член е на Академијата Маларме (Париз). Член е на македонскиот ПЕН-центар и Друштвото на писателите на Македонија (од 1961). За странски член на Српската академија на науките и уметностите е избран во 2006 год., за член на Словенската литературна и уметничка академија во Варна, Бугарија е избран во 2013 год., а во 2014 год. за член на Европската академија на науките и уметностите во Салцбург, Австрија.
За редовен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран на 26 јуни 1997 година.
Датум на раѓање::17.10.1934
Место на раѓање::Скопје
Членство во МАНУ::Редовен член, 1997