споменикКирилИМетодијНа чинот на официјалното основање на оваа врвна македонска институција на науките и уметностите му претходеше период од 150 години, исполнети со силен размав на хуманистичките научни дисциплини: лингвистиката, книжевната наука, историографијата, етнологијата и фолклористиката, но и на природните, техничките и општествените науки, како и на уметностите, особено на поезијата, музиката, живописот и градителството. Повеќемина македонски интелектуaлци, научници и уметници се вградија со личен влог во развојот на македонската култура во XIX и XX век. Така течеа духовните континуитети во македонската културна историја и сите тие величествени градби на духот, низ еден природен историски процес, доведоа до основањето на Македонската академија на науките и уметностите.

Охридскиот книжевен центар на св. Климент и св. Наум, кон крајот на IX и почетокот на X век, создаде почва за богата писмена активност и научно­литературна, образовна и уметничка дејност во Македонија. На овие простори се роди првото словенско писмо, кое од Македонија се ширеше и се распространуваше низ целиот словенски свет. Овде опстојуваше нашата македонско­словенска цивилизација, со високи естетски вредности во областа на книжевното творештво, ликовната, музичката и архитектонската уметност.Screenshot at Nov 04 20-01-36

 

партенијаЗографскиВо средината на XIX век архимандритот Партенија Зографски (Галичник, 1818 – Цариград, 1876), воспитаник на Солун, Атина, Киев, Москва и Санкт Петербург, објавува два учебника на „македонското наречие“ (Кратка священна исторiя на Ветхо-и-Новозаветната Цьрковь, 1857, и Началное ученiе за дѣца, 1858), како и една прирачна Кратка славянска грамматика (1859). Со проучувањето на принципите за изградбата на еден литературен јазик и посебно на граматичката структура на западно македонскиот народен говор (Пьрва часть на Граматиката за членовыте, 1857), Партенија Зографски ги постави основите на современата македонска  филологија.

Димитрија Миладинов (Струга, 1810 – Цариград, 1862) е најистакнатиот будител на словенската свест во Македонија во половината на XIX век за воведување на родниот јазик и словенското писмо во македонските училишта. Прв македонски собирач на народното творештво и главен составувач на антологискиот зборник со народни песни што го издаде брат му Константин во Загреб (1861).

 

коснтатинМиладиновКoнстантин Миладинов (Струга, 1830 – Цариград, 1862) e основоположник на македонската поезија во XIX век, брат на преродбенскиот деец Димитрија Миладинов. По Атина, студирал словенска филологија на Московскиот универзитет. Освен по својата лирика, тој е познат, заедно со својот брат, и по собирањето, редактирањето и објавувањето на ненадминатиот антологиски Зборник на народни песни (1861).

Рајко Жинзифов (Велес, 1839 – Mосква, 1877) е автор на најобемниот поетски опус на родниот јазик во XIX век и плоден публицист и преведувач.

 

 

 

григорПрличев

Григор Прличев (Охрид, 1830– 1893) зазема врвно место сред плејадата македонски творци од таа епоха (К. Петкович, Р. Жинзифов, J. Хаџи Константинов – Џинот, А. Петкович, Ѓ. Динката и др.) и претставува најголем литературен талент на нашиот XIX век. Се прослави со своите поеми на изворни македонски теми Сeрдарот и Скендербег, со Автобиографијата, како уникатно прозно дело, како и со препевите на еповите Илијада и Одисеја на Хомер. Пишувајќи на повеќе јазици, Прличев остана славен автор во три литератури.

Андреја Дамјанов (Папрадиште, околу 1813 – Велес, 1878) е еден од најпознатите мајстори­градители на Балканот. Има изградено над 40 објекти, главно цркви. Негови позначајни дела ce: црквата ,,Св. Пантелејмон“ во Велес (1840), црквата во манастирот ,,Св. Јоаким Осоговски“, кај Крива Паланка (1845), црквата ,,Св. Богородица“ во штипското Ново Село (1850), црквата ,,Св. Никола“ во Куманово (1851), како и цркви во Ниш, Нова Црква, Мостар, Сараево и др.

Ѓорѓија М. Пулевски (Галичник, 1817 – Софија, 1895) создаде опус што означи меѓа во македонската историја. Ја објави првата стихозбирка на македонски јазик Македонска песнарка (I и II, 1879) и првата сепаратно објавена револуционерна поема Самовила Македонска (1878). Редок балкански полиглот, учебникар и лексикограф. Тој e автор на Речникъ отъ четири језика, 1873 и Речник од три језика, 1873, автор на првата пeчaтeнa граматика на мaкeдoнcкиoт јазик (Слогница peчовска, 1880) и на првата Славјанскомаќедонска општа историја на македонски јазик (завршена во 1892 год.).

Марко K. Цепенков (Прилeп, 1829 – Софија, 1920), покрај поетското, прозното и драмското дело, со своите eтнoгрaфcкo­фoлклoриcтички и филолошки записи e најбогатиот и најзначаен собирач на македонски народни умотворби од втората половина на XIX и почетокот на XX век (Македонски народни умотворби, I–X, 1972).

маркоЦепенов

Кузман Шапкарев (Охрид, 1834 – Софија, 1908) е народен учител и еден од првите и најплоден македонски учебникар во XIX век, собирач и издавач на македонското народно творештво, етнограф и преродбенски деец.

Атанас Бадев (Прилеп, 1860 – Софија, 1908) е македонски композитор и музички педагог. Студиите по музика ги учел во Москва и во Санкт Петербург, каде што, меѓу другите, му предаваат истакнатите руски композитори М. Балакирјев и Н. Римски­Корсаков. Бадев е еден од првите музички образовани композитори во Македонија. Покрај низа хорски обработки на народни теми и детски песни, тој е автор на Литургијата според Јован Златоуст, едно од најзначајните дела од овој жанр во јужнословенските земји кон крајот на XIX век, печатено во Лајпциг во 1898 година.

Војдан Чернодрински (Селце, 1875 – Софија, 1951) е најплодниот драмски писател на македонски јазик до крајот на Втората светска војна и основоположник на современиот македонски театар, автор на најпопуларната македонска драма Македонска крвава свадба (1900) и на првата драмска творба во стихови Срешта (1903). Основач е и раководител на драмскиот кружок Македонски згoвор (1894) и на првата Македонска драмска трупа Скрб и утеха (1901).

Во историјата на македонската наука и уметност посебно место и знaчeњe имаат бројни културни и научнo­литeрaтурни институции што се формираа во Македонија и особено во странство. Тука треба да се споменат Младата македонска книжовна дружина (1890–1892), со нејзиниот печатен орган Лоза (1892), во чии пазуви се родија и дејствуваа голем број македонски интелектуалци; Ученичката дружина Вардар во Белград (1893–1894), во која доаѓа до првата средба на двете најмаркантни македонски интелектуални фигури Крсте Мисирков и Димитрија Чуповски; Македонскиот клуб со читалиште во Белград што го издаваше весникот Балкански гласник (1902) и ги постави основите на Новото движење.

Меѓутоа, најзначајно место зазема Македонското научно-литературно другарство во Санкт Петербург (28. X 1902), под претседателство на Димитрија Чуповски, кое основа свои филијали и сред македонската емиграција во Софија (1903) и во Одеса (1905), како и свои јадра во Битола и Солун (1910–1913). Со својата богата научна и литературна дејност, со јасно формулираната македонска национална програма: првпат го воведува македонскиот јазик и официјално во службена употреба (чл. 12 од Уставот од 16. XII 1903); ја објавува првата книга на современиот македонски литературен јазик (За македонцките работи, 1903), го издава првото научно­литературно списание (Вардар, 1905) на тој јазик и правопис и првата Карта на Македонија (1913); ги објавува историските меморандуми и други официјални акти со јасна македонска национална идеологија и ослободителна програма за зачувување на целоста и извојување на слободата најзначајната периодична публикација (на руски и на македонски јазик) Македонскiй голосъ (Македонски глас) (1913–1914); го изработува македонското национално знаме (1914) и ја публикува Програмата за Балканска демократска федеративна република (1917).

Со богатата научно­литературна и културно­национална дејност, оваа институција претставува фундамент на Македонската академија на науки­ те и уметностите и со неа, всушност, почнува нејзината историја.

Двете централни интелектуални фигури на Македонското научно-литeратурно другарство во Санкт Петербург се:

димитријаЧуповскиДимитрија Чуповски (Папрадиште, 1878 – Ленинград, 1940) e еден од основачите и претседател на Другарството (1902–1917), автор на голем број статии и официјални акти, издавач на печатениот орган на Македонската колонија, организатор на повеќе македонски национални асоцијации, автор на стихови на руски и на македонски јазик, изработи прв македонско­руски речник и скицира македонска граматика и опфатна енциклопедиски конципирана монографија за Македонија и Македонците.

крстеМисирковКрсте П. Мисирков (Постол, 1874 – Софија, 1926) е најистакнатиот македонски славист – лингвист, фолклорист и историчар од европски формат и идеолог на новото македонско национално ослободително движење. Автор е на познатата основоположничка книга од фундаментално значење за развојот на современиот македонски литературен јазик и правопис За македонцките работи (1903) и уредник, издавач и автор на списанието Вардар (1905).

По Првата светска војна, следбеници на оваа активност станаа: Културно­просветното  друштво  Вардар во Загреб, Белград и Скопје (1935– 1938), Публицистичкиот кружок Нација и култура во Софија (1937–1938) на Коста Веселинов и, пред сè, Македонскиот литературен кружок (1936–1942) на Никола Ј. Вапцаров.

кочоРацинКочо Рацин (Велес, 1908 – Лопушник, 1943) е најистакнатиот поет, прозаист, критичар, историски миcлитeл, нaциoнaлeн дeeц и најпознат мaкeдoнcки интeлeктуaлeц мeѓу двeтe cвeтcки војни. Нeгoвaтa книга Бели мугри (Самобор, 1939) прeтcтaвува eднo од нajзнaчajнитe пoeтcки дeлa во мaкeдoнcкaтa coврeмeнa литeрaтурa. УНЕСКО, во својата позната eдициja Éminentés personalites de la culture slave, објави книга за Кочо Рацин (Kočo Racin, UNESCO, Paris 1986).

Кочо Рацин, Венко Марковски, Коле Неделковски и Волче Наумчески, со своите стихозбирки на македонски јазик, и драмските писатели Војдан Чернодрински, Никола Киров-Мајски, Васил Иљоски, Ристо Крле и Антон Панов со своите драмски дела ги поставија темелите на новата македонска книжевност меѓу двете светски војни. Во истиот период Никола Мартиноски, Лазар Личеноски, Димитар Аврамовски-Пандилов, Вангел Коџоман, Томо Владимирски и Димо Тодоровски ја втемелија македонската современа ликовна уметност, додека композиторите Живко Фирфов, Стефан Гајдов, Трајко Прокопиев и Тодор Скаловски, пак, современата македонска музичка уметност.

војданЧернодрински

Исто така, во периодот меѓу двете светски војни повеќемина македонски научни творци, меѓу кои: Сотир Томоски, Кирил Жерновски, Петар Серафимов, во областа на техничките науки; Михаил Д. Петрушевски, Харалампие Поленаковиќ, Ѓорѓи Шоптрајанов во филолошките науки; Димитар Арсов и Харалампие Манчев во медицинските науки; Лазар Бабамов во земјоделските науки; Тодор Мировски, Борислав Благоев, Лазар Соколов и Борис Арсов во економските и правните науки дадоа значаен придонес во втемелувањето и развитокот на природните и хуманистичките науки во Македонија.

Во конституирањето на МАНУ исклучително значајна улога имаше Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ со својата прва факултетска институција – Филозофскиот факултет (1946), како и самостојните научноистражувачки институти во Македонија, од чиишто најистакнати професори и научници беа избрани и се избираат членовите на Македонската академија на науките и уметностите.

Големото дело на македонските филолози, фолклористи, историографи, научни творци од областа на природните, техничките и општествените науки, писатели, сликари, композитори и скулптори е вградено во темелите на Македонската академија на науките и уметностите.