Д-р Пјанка покажал научен интерес за повеќе области на лингвистичката и славистичката наука. Неговиот докторски и хабилитационен труд претставуваат формална и семантичка обработка и теоретска интерпретација на македонскиот ономастичен и антропонимичен материјал. Тие се трудовите: „Macedonskie imiona osobowe kotliny Azot и „Топономастика на Охридско-преспанскиот базен“, како посебно издание (бр. 7) на „Институтот за македонски јазик Крсте Мисирков”.
Во областа на конфронтативната и споредбената граматика на словенските јазици, д-р Пјанка е автор на околу 40 студии во кои се занимава со одделни проблеми на словенската фонологија, зборообразување и синтакса. Тринаесет од тие студии се посветени на македонската проблематика. Посебно внимание заслужуваат серијата расправи посветени на степенувањето на придавките и прилозите.
Во областа на лексикографијата значајно дело претставува „Македонско-полски и полско-македонски речник” чиј коавтор е д-р Пјанка заедно со акад. Божидар Видоески и акад. Зузана Тополињска.
Како професор по македонски јазик на Варшавскиот, Шлонскиот и Виенскиот универзитет, како автор на бројни трудови од областа на македонистиката и како ментор на млади македонисти, д-р Пјанка многу придонесе за афирмација на македонскиот јазик.