Македонската академија на науките и уметностите со жалење ја известува јавноста дека на 10 август 2024 година, во 87. година од животот, почина акад. Бојан Шоптрајанов, редовен член на МАНУ.

Бојан ШОПТРАЈАНОВ е роден на 26 јануари 1937 година, во Чачак, Србија. Основно и средно образование завршил во Скопје, Велес и во Белград. Во 1955 година се запишал на Групата за хемија, на тогашниот Природно-математички оддел на Филозофскиот факултет во Скопје. Студиите по хемија ги завршил во 1960 година, на Природно-математичкиот факултет во Скопје како најдобар дипломиран студент од својата генерација на Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје.

По дипломирањето е избран за асистент на тогашниот Технолошки оддел на Техничкиот факултет во Скопје, а во 1962 г. е избран за асистент на Природно-математичкиот факултет. Во 1964 година се запишал на постдипломски студии на Универзитетот „Индијана“ во Блумингтон, Индијана, во САД, а во 1965 година магистрирал со одбрана на магистерската теза од областа на спектроскопијата.  

По враќањето од САД продолжува да работи на полето на инфрацрвената спектроскопија, и во 1973 година ја одбранил докторската дисертација на тема „Спектроскопско испитување на кристалохидрати со посебен осврт на спектарот на водата. Системи со мошне ниски НОН-фреквенции“. Во 1969 година е избран за доцент, во 1975 година за вонреден професор, а во 1981 година за редовен професор на Природно-математичкиот факултет на Универзитетот во Скопје. Бил продекан за настава и наука на Хемискиот факултет и проректор за настава и наука на Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје.

Академик Шоптрајанов држеше извонредно квалитетна и модерна настава по физичка хемија, но и по многу други предмети како: Радиохемија, Историја на хемијата, Спектроскопски примени на теоријата на групи, Спектроскопски методи за определување на молекулски структури и Методологија на научноистражувачката работа по хемија.

Исклучително плодна и богата е научноистражувачката работа на акад. Бојан Шоптрајанов. Има објавено повеќе од 200 статии во научни списанија (од кои две третини надвор од Македонија), а на научни манифестации презентирал повеќе од 350 пленарни и секциски предавања и други соопштенија (близу половината надвор од нашата земја). Има објавено и три монографии со научно-стручен карактер, пет монографски изданија со системски карактер, а автор е на четири универзитетски учебници, односно учебни помагала. Особено значајни се неговите дваесетина учебници/учебни помагала за средното образование, со кои ги постави основите на модерната настава по хемија во овој степен на образованието.

Неговите позначајни трудови се однесуваат на спектроскопското изучување на кристалохидратите и за спектроскопските и термодинамичките својства на петчлените хетероциклични молекули, како и на проблемите во областа на образованието. Иако резултатите од истражувањата на акад. Бојан Шоптрајанов во областа на структурната хемија, според својот карактер се, главно, фундаментални и придонесуваат за збогатување на светскиот фонд на знаења, дел од нив имаат и конкретна примена, особено во медицината.

Академик Шоптрајанов беше раководител на голем број научноистражувачки проекти во Македонија и во поранешна Југославија, како и на заеднички проекти со колеги од Упсала (Шведска), Лондон (Велика Британија), Москва (Русија), Софија (Бугарија) и од Хале и Зиген (Германија). Во овие центри, по покана, одржал и предавања.

Бeше ментор на 8 докторанди и на 18 магистранди.

Акад. Бојан Шоптрајанов е основоположник и прв главен уредник на списанието „Гласник на хемичарите и технолозите на Македонија“ (Macedonian Journal of Chemistry and Chemical Engineering). Беше последен претседател на Унијата на хемиски друштва на Југославија, а потоа и претседател на Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија. Долг период беше апстрактор на рефералното списание Chemical Abstracts.

Покажуваше голем интерес за македонскиот литературен јазик, а особено за практикувањето на јазикот во хемијата. На оваа тематика ѝ има посветено серија објавени трудови.

За својата целокупна активност на полето на развојот на научната и на наставната дејност, во која бил постојан иницијатор за воведување нови современи методи, професорот Шоптрајанов има добиено голем број награди и признанија, меѓу кои: Орден за заслуги за народ со сребрена ѕвезда, Државна награда „11 Октомври“, Плакета на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Томазиусов медал на Универзитетот во Хале и други.

За дописен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран во 1994 година, a за редовен член е избран во 1996 година. Бил потпретседател на МАНУ, секретар на Одделението за математичко-технички науки и раководител на Истражувачкиот центар за животна средина и материјали при МАНУ. Во 2008 година е избран за член на Европската академија на науките во Салцбург, Австрија.

Во вакви тажни моменти, кај многумина од нас навираат сеќавања врзани за животот, средбите и заедничката работа со академик Бојан Шоптрајанов. Тоа, секако, најмногу се однесува на членовите од неговото најтесно семејство, како и на неговите најблиски соработници, но и на мнозина други луѓе кои, на кој било начин, имале можност да контактираат и да соработувааат со овој голем човек, професор и академик.

Академик Бојан Шоптрајанов беше снажна личност, со цврст карактер, личност со високи интелектуални способности, со извонредно изразена умешност и со желба за пренесување знаења, како и личност со неверојатна темелност, која создаде Школа за молекулска спектроскопија (структурна хемија), позната и надвор од нашата земја.

Академик Шоптрајанов ќе остане во сеќавањето како личност со бистар ум, чија виталност ја одржуваше со упорна и континуирана умствена активност. Ќе сјае таа негова ѕвезда вечно и ќе нè потсетува на човекот што, во соработка со многумина други, ги постави темелите на модерната настава и истражувања во областа на физичката хемија, спектроскопијата, структурната хемија, и на тој начин даде голем придонес во развојот на природно-математичките науки и, воопшто, во развитокот на науката во нашата земја.

 

Акад. Бојан Шоптрајанов беше погребан на Градските гробишта „Бутел“, во Скопје, на 11 август 2024 година, во кругот на неговото најтесно семејство.

По повод смртта на акад. Бојан Шоптрајанов, Македонската академија на науките и уметностите ќе одржи Комеморативна седница на 16 септември 2024 година, во 12:00 часот.