IN MEMORIAM

                                                                          проф. д-р Генаѓ Апанасович Цихун (Генадзь Апанасавіч Цыхун)

                                                                                                                       (1936 –2024)

Македонската академија на науките и уметностите со жалење ја известува јавноста дека на 18 октомври 2024 година, во 87-тата година од животот, почина д-р Генаѓ Апанасович Цихун, член на МАНУ надвор од работниот состав.

Академик Генаѓ Апанасович Цихун (Генадзь Апанасавјч Цыхун), белоруски славист, лингвист (и македонист), универзитетски професор и академик, е роден на 30 октомври 1936 година во с. Кунцовчина, Гродненско во Белорусија. По завршувањето на средното училиште во Гродно, дипломирал на Катедрата за словенска филологија на Ленинградскиот државен универзитет (1953-1958), каде што останал како аспирант (1959-1960). Стажирал на Софискиот државен универзитет (1961-1963), а потоа бил избран за научен соработник во Институтот за лингвистика ,Јакуб Колас“ на АН на БССР (сегашниот Институт за јазик и литература „Јакуб Колас и Јанка Купала“ на Националната академија на науките на Белорусија), каде што работи и до денес.

Научноистражувачката биографија на проф. Цихун е богата и мошне плодотворна. На Ленинградскиот државен универзитет во 1966 година ja одбранил кандидатската дисертација „Синтаксис местоименных клитик в болгарском и македонском литературных языках”. Од 1966 година работел паралелно како лектор и професор на Белорускиот државен универзитет во Минск, а од 1991 година го води Лекторатот по македонски јазик за студентате-белорусисти и предава ареална лингвистика и балканистика. Во Минск ja одбранил докторската дисертација „Типологические проблемы балканославянского языкового ареала“ (1982) и работа како редовен професор (од 1996) и раководител на Одделот за словенска и теориска лингвистика на Институтот за лингвистика и литература „Јакуб Колас и Јанка Купала“ на Националната академија на науките на Белорусија (1990- 2005), а потоа е главен научен соработник на Одделот.

Како гостин-професор, предавал белорусистика и славистика на Филијалата на Варшавскиот универзитет во Бјалисток (Полска, 1994-2005). Истовремено е заменик претседател на Меѓународната асоцијација на Белорусистите (1994-2000) и член и заменик претседател на Меѓународната академија на науките на Евразија во Москва (од 1994), како и почесен доктор на Софискиот универзитет (2003). Член е на Белорускиот и на Президиумот на Меѓународниот славистички комитет, а од 1992 година е застапник на претседателот на Белорус­киот славистички комитет и член на комисиите на Меѓународниот сла­вистички комитет за лингвистична библиографија, за историја на сла­вистиката, за балканската лингвистика, за јазичните контакти и за сло­венската етимологија.

Основни насоки во научната дејност му се: балканистиката со специјална ориентација кон балканославистиката (од 1962 година); ареална лингвистика (прашањето за ареалната структура на сло­венските литературни јазици, центрите на ирадијација на јазичните иновации – од 1963 година); Полесјето како етнолингвистички регион (од 1963 год. заедно со Н. И. Толстој учествува во полеските те- ренски истражувања, а во 1967-1982 година собирал материјал за составување на 5-томниот „Туровски речник“); белоруско-инословенските јазични врски (во 1968-1975 година бил организатор на серија симпозиуми посветени на белоруско-балтиските и белоруско-инословенските изолекси; од 1974 година посебно се занимава со белоруско-јужнословенските јазични врски); етимологијата (од 1983 годи­на е еден од авторите, а од 2004 год. и редактор и главен редактор на „Етимолошкиот речник на белорускиот јазик“); словенската лингвистичка библиографија (од 1974 година, во соработка со други соработници, ги прави годишните анотирани библиографски прегледи од лингвистичките публикации во Белорусија, порано за “Rocznik Slawistyczny” /Краков/, а по 1988 година се публикуваат во посебните томови „Bibliografia jązykoznawstwa slawisticznego“ /Варшава/ – 1992, 1993, 1994, 1995 и 1996 година); историјата на белоруската славистика (од 1990 г. се занимава со проблемите на формирањето на лингвистичката славистика во Белорусија во 20-30-тите години на XX век до деформациите во белоруската лингвистика); еколингвистиката (од 1983 година ja истражува ситуацијата во разните словенски јазици од еколингвистички аспект, во врека со глобализацијата и современата состојба, словенските литературни микројазици, прашањето за креолизираните варијанти на словенските јазици) итн.

Акад. Цихун е научен истражувач од поширока славистичка и лингвистична профилација што со своето досегашно дело ja задолжил науката од многу области, па и македонистиката, во поширока смиела. Всушност, тој е еден од поретките балканисти што во своите истражувања редовно ja зема предвид целата територија на балканскиот јазичен сојуз и ги истражува односите и превирањата на целата оваа територија и има типолошки пристап кон балканската јазична проблематика воопшто. Проф. Генадиј Цихун спаѓа меѓу првите што се занимаваат со функциите и синтаксата на словенските клитики, а токму тоа е и една од темите што во последниве децении е во центарот на вниманието на светските лингвисти.

Но тој се впушта подлабоко и во една од поновите научно- истражувачки ориентации – еколингвистиката, истражувајќи го влијанието на процесите на глобализацијата врз јазичните состојби во одделни словенски и балкански средини. А со учеството во изработ­ката на белорускиот етимолошки речник тој всушност продира во проучувањето на прашањето за географската диференцијација и во историската еволуција на словенската лексика, како една од актуелните теми во славистиката. Со членството во разните меѓународни асоцијации и комисии тој само ги проширува можностите за таквиот увид.
Уште од 1957 година, како студент-бугарист во Ленинград, под менторство на проф. Јуриј Маслов се впуштил во темелно проучување на една од спецификите на македонскиот јазик и тоа го прави во паралела со бугарскиот. Македонскиот е еден од словен­ските јазици што тој добро го познава и практично го употребува. Затоа и учествува на редица македонистички научни собири во Република Македонија, (двапати) и на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура во Охрид, а македонскиот јазичен ресурс му е редовно присутен во компаративните проучуваша на словенските и балканските јазици. Toj интерес кон македонистиката, како што признава и самиот, е поддржуван и од непосредните контакти со македонските слависти Божидар Видоески, Блаже Конески, Блаже Ристовски, Борис Марков, Коста Пеев и други. Во тој правец го насочувале и пријатели од други земји, како Никита Илич Толстој од Русија, Иван Доровски од Чешка, Зузана Тополињска, Хана Ожеховска и Ежи Русек од Полска, Франтишек Мареш од Австрија и др. Затоа и толку е богата неговата библиографија со македонистички теми и научно елаборирани проблеми.

Вкупниот број на објавените трудови на Г. А. Цихун од сите области на науката – изнесува повеќе од 300.

Во 2009 година е избран за член на МАНУ надвор од работниот состав во Одделението за лингвистика и литературна наука.