Македонската академија на науките и уметностите со жалење ја известува јавноста дека, на 11 април 2021 година, почина поетот Хусто Хорхе Падрон, член на МАНУ надвор од работниот состав.
Хусто Хорхе Падрон (Justo Jorge Padron) се појавува во шпанската поезија со својата книга „Темните огнови“, во 1971 година, и оттогаш, од година в година, неговото име сè повеќе се афирмира, набргу стекнувајќи и меѓународна афирмација, за да биде денес, можеби, најпреведуваниот современ шпански поет.
Роден е на 1 октомври 1943 година, во Лас Палмас, на Канарските Острови. Основно и средно образование завршил на родниот остров, а почнува да студира, паралелно, право и филозофија, во Барселона. Дипломирал на Правниот факултет во Барселона и, по дополнителните студиски престои на универзитетите во Париз, Стокхолм и Осло, станува адвокат во Лас Палмас.
Но, поезијата сè повеќе го привлекува и тој, по седум години практика, ja напушта адвокатската кариера и целосно ѝ се посветува на литературата.
Во 1971 година излегува неговата прва збирка песни со наслов „Темни огнови“ која предизвикува голем интерес во книжевната јавност. Потоа следуваат збирките песни: „Морето на ноќта“ (1973), „Круговите на пеколот“ (1976), „Бреза во пламен“ (1978), „Отеснита“ (1979), „Посети на морето“ (1984), „Даровите на земјата“ (1984), „Умира само раката што ти пишува“ (1988), „Наслушнати лица“ (1989), „Сјајот на омразата“ (1993), „Изворот на спомените“ (1994), „Оаза на еден космос“ (1994), „Шепотот на кошмарот“ (1996), „Треска“ (1999), како и три збирки првпат објавени во големиот избор со наслов „Сеќавањето на огнот“ (2000): „Огнот во дијамантот“, „Шумата на Неми“ и „Домашното огниште“.
Многубројни се антологиите на странските (особено, нордиските) поезии, во кои Хусто Хорхе Падрон се јавува како составувач, пишувач на предговор, преведувач или соработник во поетската адаптација на преводите: „Нова шведска поезија“ (1972), „Современа норвешка поезија“ (1973), „Модернизмот во шведската поезија“ (1973), „Панорама на современата исландска проза“ (1974), „Повоена нордиска поезија“ (1974), „Антологија на современата руска поезија“ (1991), „Антологија на современата чешка поезија“ (1993), „Антологија на современата словачка поезија“ (1993), „Антологија на современата кинеска поезија“ (1995).
За своите дела, овој автор има добиено повеќе награди.
Toj е генерален секретар на Шпанскиот ПЕН-клуб, од 1983 до 1993 година, основач и главен уредник на меѓународното повеќејазично списание за поезија „Екиваленсијас“, од 1982 до 1994 година, во Мадрид, каде што живее постојано, а на неговите страници се претставени многу современи поети и поезија во тријазично издание (на шпански, англиски и на јазикот на оригиналот), меѓу кои и македонска поезија, на која ѝ беше посветен еден број.
Директор е и основач на Меѓународниот фестивал за поезија „Атлантида“, што се одржува на Канарските Острови од 1992 година. Беше претседател и организатор на Шестиот светски конгрес на поетите, што се одржа во Мадрид, во 1982 година. Висенте Алејксандре го назначи да ja прими неговата Нобелова награда за литература во 1977 година и да го претставува на сите свечености подготвени во негова чест.
Toj е шпански поет со, несомнено, најголемо меѓународно признание во последните децении. Неговата поезија е преведена на повеќе од четириесет јазици, a објавени му се 82 книги на странски јазици. Добитник е на многубројни национални и меѓународни награди и признанија за поезија и повеќегодишен учесник на Струшките вечери на поезијата, чија главна награда, „Златниот венец на СВП“, ja доби во 1991 год.
Има објавено повеќе книги со есеи и преводи од шведската, норвешката, исландската, данската, финската, холандската, италијанската, романската, руската, чешката, словачката, кинеската и македонската поезија.
Во 2003 година беше избран за член на МАНУ надвор од работниот состав.