- Академик Блаже Конески (с. Небрегово, 19.12.1921 – Скопје, 7.12.1993) и неговите капитални дела: „Македонски правопис“ (1945) и Македонски правопис со правописен речник (1950), „Граматика на македонскиот литературен јазик“ (I дел, 1952 и II дел, 1954), „Историја на македонскиот јазик“ (1965), „Македонскиот јазик во развојот на словенските литературни јазици“ (1968), „Историска фонологија на македонскиот јазик“ (објавена најпрвин на англиски јазик во Хајзенберг, 1983 и во Скопје 2001, на македонски);
„Еден прилог кон историјата на македонската преродба“ (1949);
Неговата поезија како златоврв на македонската повоена поезија;
Последната тестаментална порака на Блаже Конески;
- Академик Михаил Д. Петрушевски (Битола, 2.7.1911 – Скопје, 27.2.1990) и препевите на најголемите светски епоси, „Илијада“ (1955) и „Одисеја“ (1953) од Хомер, од грчки на македонски јазик, со опширни предговори, објасненија и индекси на личностите и митовите;
Светски познатата амендација во дефиницијата на трагедијата во Аристотеловата „Поетика“, прифатена од науката во светот како големо научно откритие;
Оригинални микенолошки истражувања и толкувања (заедно со акад. Петар Хр. Илиевски);
- Писателот Славко Јаневски (Скопје, 11.1.1920 – Скопје, 30.1.2000) со својот грандиозен толстоевски опус, декалогијата „Кукулино“, во која е проследено Корубиновото племе и неговата истрајба во времето цели 14 столетија, од доаѓањето на Словените до денес;
- Писателот Матеја Матевски (Истанбул, 13.3.1929) најпознатиот македонски поет во светот чии поетски книги се преведени на 40 светски јазици, а некои од нив овенчани со високи светски признанија. Академиците С. Јаневски и М. Матевски повеќе пати се номинирани за добитници на Нобеловата награда;
- Научниците од светски формат во природните науки, академик Георги Д. Ефремов (Кратово, 8.12.1932 – Скопје, 6.5.2011) во молекуларната биологија и евгениката чии истражувања и откритија се издадени во неговите собрани дела во десет томови; и академик Јордан Поп-Јорданов (Велико Градиште, 23.11.1925), во физиката (Поп-Јорданов закон) и во истражувањето на човековиот мозок, достигнувања и откритија познати и признати во светската наука, а издадени во неговите собрани дела во четири тома.
- Академик Ксенте Богоев (с. Леуново, 20.10.1919 – Скопје, 20.4.2008), доајен на македонската економска наука, втемелувач на научните дисциплини од областа на јавните финансии, а кај нас со респектабилен придонес во истражувањето на бројни други клучни макроекономски прашања и теми. Како проминентен универзитетски професор, истражувач, општественик и државник, беше високо респектиран во европски и светски размери;
- Академик Кирил Миљовски (Ресен, 27.5.1912 – Скопје, 27.4.1983), со својот придонес во областите на историја на економската мисла, стопанска историја, стопански систем и економска политика и регионален развој. Поради научната ригорозност, објективност и нагласениот критички приод беше еден од најцитираните автори во областа на економијата на поранешните југословенски простори.
- Познатите наши големи сликари, академиците Никола Мартиноски (Крушево, 18.8.1903 – Скопје, 7.2.1973) и Димитар Кондовски (Прилеп, 30.9.1927 – Скопје, 8.8.1993) кои со своите платна и цртежи, надоврзувајќи се на високите вредности на нашите средновековни фрески и икони, фрлија сосема нова светлина во нашата ликовна уметност.
- Нашите најпознати истражувачи на македонската средновековна уметност, акад. Димче Коцо (Охрид, 10.10.1910 – Скопје, 17.3.1993), прв македонски историчар на уметноста, прославен по ископувањата на Климентовата црква „Св. Пантелејмон“ во Охрид, и акад. Цветан Грозданов (Охрид, 5.3.1936), најистакнат познавач на проблематиката на ликовното претставување на словенските светци во уметноста на Балканот до XIX век.
- Познатите македонски лингвисти, академик Петар Хр. Илиевски (Бигор-Доленци, 2.7.1920 – Скопје, 31.5.2013), истражувач на кирилометодиевската епоха, проучувач на глаголицата и на словенското писмо, како и академик Божидар Видоески (с. Звечан, Порече, 8.11.1920 – Сремска Каменица, 16.5.1998) истражувач во областа на македонската дијалектологија.
Ги спомнавме овие личности и настани како ѕвездени мигови од историјата на македонската култура во последните педесет години, затоа што сите овие, и повеќе други неспоменати, од ѕвездените мигови на македонската култура, станаа распознатлив знак за МАНУ која се воздигна и возвиши врз нив и заедно со нив, во една органска целост.
Овие значајни и ширум светот познати наши уметници и научници се гордост на македонската наука и уметност, односно на македонската култура воопшто. Како што не ги забораваме настаните и личностите од нашето минато кои претставуваат ѕвездени мигови од историјата на македонската култура, така со истиот пиетет се однесуваме кон нив во нашата сегашност како ѕвездени мигови на новата пост-асномска македонска епоха.