Македонскиот поет, академик Влада Урошевиќ, ја доби највисоката награда за поезија „Златен витез“ на Деветтиот меѓународен книжевен форум „Златен витез“. Овој мултимедијален фестивал се одржува секоја година во друг град од Руската Федерација – оваа година, од 15 до 18 октомври, манифестациите поврзани со Фестивалот се одигруваа, по повод прославата на годишнината од раѓањето на славниот руски поет М. Ј. Лермонтов, во Пјатигорск. Награди на оваа голема меѓународна манифестација се доделуваат за повеќе уметнички области. За награда од областа на поезијата на Фестивалот пристигнале 183 дела – од Русија, Ерменија, Белорусија, Германија, Грузија, Израел, Кина, Казахстан, Македонија, Молдова, Србија, САД, Украина. Од тоа во финалето влегле 117 кандидати, за, на крајот, жирито да одлучи највисоката награда „Златен витез“ да им биде доделена на Александар Логинов (Руска Федерација) и Влада Урошевиќ (Македонија). Според статутот на Фестивалот, неговата цел е  поврзување на литературните дејци  под девизата: „За моралните идеали, за извишување на душата на човекот“. Наградата  на нашиот поет Влада Урошевиќ му е доделена за обемниот  избор од  неговата поезија (200 песни на повеќе од 250 страници) кој, под наслов „Пејач во кулата“, а во препев на познатата афирматорка на македонската литература на руски јазик Олга Панкина, излезе минатата година во Москва. Престижната издавачка куќа „Рудомино“, која ја објави книгата на Урошевиќ, вака ја претставува на руската читателска публика: „Во збирката одбрани стихови  на македонскиот прозаист и поет, филолог и компаратист, Влада Урошевиќ, влезени се песни создадени во текот на шеесетгодшно книжевно творештво. Според жанрот, тие се досетливи нацрти, новели,  балади, полни со афористички хумор  и со  самоиронија.  Лирскиот херој е ставен во контекст на тоталниот прекин на врски и се наоѓа на работ од самодеструкција, на трагичниот апсурд; понекогаш јунакот нема сили да го структуира хаосот, но секогаш го спречува распаѓањето  со силата на убавината и на хармонијата“.

 

Контакт

Македонска академија на науките и уметностите
Бул. Крсте Мисирков, 2, П.С. 428
1000 Скопје
Телефон: ++389 (0)2 32 35 400
Факс:++389 (0)2 32 35 500
manu@manu.edu.mk
http://manu.edu.mk

50 години МАНУ–Документи

Фејсбук