Untitled logo

На 15 јули 2017 година, во рамките на Научната и уметничка визита, во Куќата на Уранија во Охрид предавање на тема 1.000 години од живописувањето на Св. Софија  имаше академик Цветан Грозданов. Тој најпрвин се осврна на процесот на конзервација на живописот во педесеттите години на минатиот век, активности во кои и лично како гимназијалец во летните месеци учествувал и бил дел од конзерваторската екипа. Овие конзерваторски зафати овозможија да се очистат од наслагите на малтер и вар фреските во олтарот, наосот и припратата на црквата.

Академик Грозданов најмногу се задржа на фреските во олтарниот простор на Св. Софија, кои всушност се и најголемата и најдобро сочувана целина на византискиот фрескоживопис од 11 век. Посебно внимание обрна кон иконографските особености на композициите и поединечните претстави на светци (старозаветните композиции, евфаристичните теми и големиот број екуменски архијереи меѓу кои и словенските св. Методиј и св. Климент Охридски) и се нагласи идејното влијание на тогашниот охридски архиепископ Леон (1037–1056 г.) забележливо во конципирање на тематиката и изборот на композиции и светители, посебно евфаристичните теми и сликањето на константинополските патријарси и архијереи на останатите православни црковни седишта наспроти римските папи во апсидата на ѓакониконот. Токму сликањето на цариградските патријарси, меѓу кои и патријархот Евстатиј (1019–1025 г.), е клучен аргумент за воспоставување прецизна хронологија во однос на фрескоживописот во охридската Св. Софија.

За фрескоживописот во припратата, академик Грозданов истакна дека според својата сликана програма и доминантното присуство на светителки (приближно шеесет) сочинува единствена галерија на женски светителски портрети во византиското сликарство. Академик Грозданов се задржа и на неколкуте старозаветни композиции кои многу ретко се сликаат во средновековната уметност, а нивната појава во Св. Софија се вбројува во нивните најрани претстави, кои севкупното сликарство на припратата го чинат единствено во византиската и средновековната уметност.

Фотографии од настанот:

Контакт

Македонска академија на науките и уметностите
Бул. Крсте Мисирков, 2, П.С. 428
1000 Скопје
Телефон: ++389 (0)2 32 35 400
Факс:++389 (0)2 32 35 500
manu@manu.edu.mk
http://manu.edu.mk

50 години МАНУ–Документи

Фејсбук