На 21.10.2015 година во Македонската академија на науките и уметностите беше одбележана 70-годишнината од раѓањето на акад. Глигор Јовановски.

На свеченоста поздравна реч одржа претседателот на МАНУ акад. Владо Камбовски, кој покрај другото истакна: “На овој начин Македонската академија на науките и уметностите му се оддолжува на својот истакнат член, во свое име и во името на целата македонска наука, за сè она што во досегашниот работен век го вложил во постигнувањето на врвни научни резултати во областа на рендгенската структурна анализа и вибрационата спектроскопија, воздигнувајќи ја нашата наука до нивото на светската наука. Неговата личност и дело на најдобар начин го потврдуваат гледиштето дека Академијата – тоа се нејзините членови и дека нејзиниот интегритет и достоинство – е интегритетот и достоинството на академиците. Таков е акад. Јовановски, кој нема потреба никаде посебно да се претставува како член на Акедемијата, затоа што тоа во секоја средина се препознава според неговиот редок академски хабитус и човечко и научно достоинство”.

Пригодна реч за ликот и научниот придонес на акад. Глигор Јовановски одржа акад. Бојан Шоптрајанов кој потенцираше дека основната научна преокупација на акад. Јовановски е структурната хемија, при што своите резултати ги постигнува, речиси подеднакво, со примена на кристалографски и на спектроскопски методи, честопати збогатени со теоретски разгледувања. Тој е истакнат кристалограф (школуван во светски познатиот центар во Загреб) и активен спектроскопист, комбинација што е ретка не само кај нас туку и во светот, истакна акад. Шоптрајанов и додаде дека акад. Јовановски има објавено над 200 научни трудови кои се околу 2050 пати цитирани во Science Citation Index.

Собраните трудови на акад. Јовановски (во 3 тома) ги промовираа проф. д-р Панче Наумов и проф. д-р Петре Макрески, а главниот уредник проф. д-р Зоран Здравковски го промовираше специјалниот број на списанието Macedonian Journal of Chemistry and Chemical Engineering, посветен на јубилејот на акад. Глигор Јовановски. Во овој специјалнен број од списанието се објавени 25 научни трудови од вкупно 66 автори кои доаѓаат од 18 земји низ целиот свет.

На крајот од свеченоста беше прикажан филмот на МРТ “Декодирање на структурите”.

Фотографии од настанот:

 

Контакт

Македонска академија на науките и уметностите
Бул. Крсте Мисирков, 2, П.С. 428
1000 Скопје
Телефон: ++389 (0)2 32 35 400
Факс:++389 (0)2 32 35 500
manu@manu.edu.mk
http://manu.edu.mk

50 години МАНУ–Документи

Фејсбук