Untitled logo

На пригодна свеченост, на 29 ноември 2017 година, претседателот на МАНУ, академик Таки Фити, говореше за богатата издавачка дејност на МАНУ. Пред присутните, академици и гости од различни сфери на општествениот живот во Македонија, академик Фити зборуваше за минатите и за тековните активности во поглед на издаваштвото на МАНУ. Претседателот на МАНУ особено ја истакна големата продуктивност со изданија од сите научни области и уметности. Посебно беа претставени најновите изданија, објавени во 2017 година, меѓу нив и пригодните изданија по повод големиот јубилеј – 50 години од основањето на оваа највисока научна и уметничка институција.
Во рамките на свеченоста, научниот секретар на МАНУ, академик Леонид Грчев, ја промовира и новата веб-страница на МАНУ, која ќе ја запознава пошироката јавност за сите настани и научни собири што се одржуваат во оваа институција, особено за капиталните проекти и активности, како и за изданијата во кои се презентирани достигнувањата во областа на науките и уметностите на членовите на МАНУ. На веб-страницата се достапни и биографиите и библиографиите на членовите на МАНУ, како и нивните избрани трудови и уметнички дела.
Пред гостите се обрати и академик Георги Старделов, главен редактор на електронското издание Документи. Во годината на одбележување на значајниот јубилеј, на веб-страницата посебен дел е посветен на раѓањето, создавањето и развитокот на МАНУ, презентирани во/низ документи и изданија што ги потврдуваат врвните достигнувања и активности на МАНУ. Ова е-издание дава ретроспектива на најзначајните настани и личности од историјата на македонската култура вградени во темелите на МАНУ. Во рамките на овој проект беше извршена дигитализација на околу 17.000 страници. Тематски е поделен на неколку целини: Пролог, Словенска цивилизација, Предвесници, Големиот нов почеток, научни и свечени собири, стратегии, МАНУ и спорот за името, Ѕвездени мигови од полувековието на МАНУ и Светлини и сенки.
По завршување на свечениот дел во Амфитеатарот на МАНУ, присутните беа поканети да ја посетат и да ја разгледаат новоотворената Книжарница, сместена во објектот на МАНУ. Во соодветно адаптиран и убаво уреден простор се изложени наслови на книги создавани во изминатите години во МАНУ. Во Книжарницата се достапни за пошироката јавност и може да се набават сите изданија на МАНУ: периодичните изданија на одделенијата на МАНУ, изданијата на центрите на МАНУ, монографии, зборници на трудови од научни конференции и собири, монографии на уметниците академици, уметничка литература и др.

Фотографии од настанот: