На 21.3.2023 година, Светскиот ден на поезијата, во Седиштето на УНЕСКО − Сала II ќе се одржи Меѓународен симпозиум во чест на Ацо Шопов со којшто ќе се одбележи јубилејот 100 години од неговото раѓање. На симпозиумот ќе учествуваат еминентни професори, поети, критичари и издавачи, а ќе биде проследен со поетскиот перформанс „Долго доаѓање на огнот“ и придружен со изложбата „Патот по кој чекорам”.
Меѓународниот симпозиум во чест на Ацо Шопов, „Поезија: творештво, препев и оптек на делата на јазиците од помалите говорни подрачја“, е организиран од страна на МАНУ, во соработка со Фондацијата „Ацо Шопов – Поезија“, во рамките на одбележувањето на стогодишнината од раѓањето на поетот, вклучена во Календарот на јубилеи поддржани од УНЕСКО во текот на 2022 – 2023 година.
Овој меѓународен собир ќе се посвети на низа актуелни прашања за поезијата, инспирирајќи се од идеите на Ацо Шопов, хуманист и космополит, бранител на културната разноликост и човечката единственост. Светот многу се промени од времето кога тој се бореше против фашизмот, како партизан, и кога работеше на изградбата на едно поправедно општество. Сепак, прашањата што тој ги покрена пред повеќе од половина век се поставуваат и денес. Дел од нив ќе бидат во центарот на дебатите, кои ќе се фокусираат особено врз предизвиците со кои се среќаваат денес, и ќе се среќаваат утре, поетското творештво, литературниот превод и оптекот на поетските дела напишани на јазиците од помалите говорни подрачја.
Преземете ги изданијата:
2023, Година во чест на Ацо Шопов
Фотографии од настанот:
Фотограф:Cyril Bailleul.