Центарот за стратегиски истражувања при МАНУ во соработка со врвни домашни и странски професори и експерти од областа на правните науки ја формира Охридската школа на природното право, која што е предвидено да се одржи во периодот од 19-25 јуни 2017 година во научниот и уметнички центар „Уранија“ во Охрид и да трае една работна седмица . Како главни цели на Охридската школа на природно право се издвојуваат: Проширување на знаењата низ заемно истражувачко искуство на студенти на втор и трет циклус на правни студии и нивните професори и ментори, во различни подрачја на правото низ интегралистички пристап, кој ги спојува: универзалните начела и стандарди на човековите права, водечките идеи и вредности на правото, вредностите на демократијата и владеењето на правото и правдата, позитивното право, примената на правото во практиката, и правдата што со своите пресуди ја делат судовите во судската практика. Во рамките на Охридската школа се предвидува научно оспособување и усовршување на 20 студенти на постдипломски студии (втор циклус на студии) и 5 студенти на докторски студии (трет циклус на студии) од правните факултети во рамките на државните и приватните универзитети во државата, кои за верификација на стекнатите знаења ќе се здобијат со соодветни сертификати и дипломи кои ќе бидат клучни во номенклатурата на соодветни дипломи што се стекнуваат во високото образование. Центарот за стратегиски истражувања (МАНУ) со поддршка на Амбасадата на САД во Скопје ќе ја обезбеди опремата и материјалите за непречена работа на студентите, докторантите и професорите во текот на одржувањето на Охридската школа на природното право. За реализација на предложениот научно истражувачки проект „Охридска школа на природното право“ надлежен е меѓународен програмски борд на Охридската школа од членови на МАНУ и членови надвор од работниот состав но и други соработници и раководители на школи.
На 10 април во кабинетот на претседателот на МАНУ беше одржана средба на членовите на организациониот и програмскиот одбор на Охридската школа за 2017 год. со претставници на Амбасадата на САД на која што беше разговарано за повеќе аспекти во однос на одржувањето на школата. Во претстојниот период детално ќе биде утврдена програмата и ќе биде отворен јавен повик за учество, за што навремено ќе се известува преку веб страницата на МАНУ и јавните гласила.
Фотографии од настанот: