На 6 декември 2018 година со почеток од 9.00 часот во МАНУ, Центарот за стратегиски истражувања со поддршка од Министерството за образование и наука ја спроведе четвртата сесија на Охридската школа на природно право. Оваа сесија беше посветена на Доброто управување и Евроатланските интеграции на Република Македонија.
Школата ја отвори претседателот на МАНУ, академик Таки Фити со свое обраќање за значењето на Охридската школа на природно право при МАНУ и за темата на четвртата сесија. Потоа, со свое излагање настапи г-дин Рајнхард Прибе, професор и раководител на Студиската програма “ЕУ Интеграции” при Европскиот Центар за Мир и Развој, Белград (ECPD).
Свое излагање имаше проф. Хенк Адинк, професор по административно право и добро владеење на Универзитет во Утрехт, Холандија кој предаваше за EU law An introduction on relevant formal and substantial research aspects. Професорот Адинк, по втор пат е предавач на Охридската школа и таквата успешна соработка ќе продолжи и во иднина.
На Школата кратко излагање и активно учество во дебатата имаше и амбасадорот Емилио Лорензо Сера од Шпанија. Амбасадата на Шпанија ја поддржа третата сесија на Школата што се одржа во јуни, во научниот и уметнички центар “Уранија” во Охрид. Амбасадорот со задоволство изрази дека соработката продолжува и во иднина.
Акад. Владо Камбовски како раководител на ЦСИ МАНУ и како претседател на Одборите на Охридската школа на природно право најпрво, ја поздрави поддршката на Министерството за образование и наука. Тој имаше свое излагање кое го заврши со предлози за идни теми кои би можеле да бидат од значење за младите студенти а се во согласност со брзите општествени промени кои се случуваат во државата. Пред се, истакна дека ќе биде посветено внимание на четирите главни приоритети на Планот 18 на Владата на РМ.
Еднодневниот настан што беше посветен на промоција на Охридската школа на природно право, го затвори проф. Гордана Лажетиќ со свое излагање за важноста на Охридската школа.
Идејата зад Охридската школа е да се спроведуваат научни и стручни предавања по различни предмети од областа на општествените науки со што ќе се постигнат две меѓусебно поврзани цели. Прво, младите студенти ќе го продлабочат своето познавање на правниот систем на Република Македонија, односно нивната моќ за критичка опсервација на состојбите ќе се засили. Второ, тие ќе придонесат за развој на македонската правна рамка, воопшто, ширејќи ги сопствените знаења и покренувајќи академски и стручни дискусии во иднина. Научните и стручни предавања се спроведуваат во сесии кои се одржуваат најмалку еднаш годишно. Следната сесија е предвидено да се одржи во месец јуни 2019 година.
Поканата и агендата за четвртата сесија на Охридска школа на природно право може да ја погледнете: ТУКА.
Here you can find the invitation and the agenda of the Fourth session of the Ohrid School of Natural Law.