Делегација на Македонската академија на науките и уметностите, во состав акад. Таки Фити, претседател на МАНУ, академиците Луан Старова и Владо Матевски, потпретседатели на МАНУ, и академиците Георги Старделов и Владо Камбовски, поранешни претседатели на МАНУ, на 10 и 11 мај престојуваше во Бугарската академија на науките на заедничко чествување на сесловенските просветители – св. Кирил и Методиј. Заедничкото чествување на празникот Св. Кирил и Методиј стана традиција и е интегрален дел од Програмата за научна и културна соработка меѓу двете академии. Чествувањето на големото дело на св. Кирил и Методиј, покрај празничен, сè повеќе добива и работен карактер. Во тие рамки, на 10 мај, во БАН нашата делегација присуствуваше на претставувањето на Зборникот на трудови од Научниот симпозиум на тема „СВ. КЛИМЕНТ ВО КУЛТУРАТА НА ЕВРОПА“, одржан во БАН, од 25 до 27 ноември 2016 година, во кои се застапени и трудови на македонски научници. Истиот ден, во Институтот за економски истражувања на Бугарската академија на науките, акад. Таки Фити, проф. д-р Митко Димитров, проф. д-р Росица Чобанова (раководители на проектите) и нивните соработници претставија три научноистражувачки проекти реализирани од страна на МАНУ и БАН. Едниот проект, објавен на македонски и на бугарски јазик, ги третира прашањата поврзани со последиците од европската должничка криза врз интеграциските процеси на двете земји. Другиот проект е кофинансиран од програмата ИПА на ЕУ и се однесува на градење капацитет за иновативност и конкурентност на претпријатијата од Североисточниот плански регион на Република Македонија и од Ќустендилската област на Република Бугарија. Партнер-лидер на овој проект е МАНУ. Проектот е објавен на англиски, на македонски и на бугарски јазик. Третиот проект, исто така кофинансиран од програмата ИПА, се однесува на иновативни иницијативи за соработка во пограничните региони – секторот на шумарството, во кој партнер-лидер е БАН. Во попладневните часови, во просториите на БАН, еминентниот бугарски писател акад. Антон Дончев го претстави преводот на бугарски јазик на романот „Балканвавилонци“ од акад. Луан Старова. На претставувањето на романот, обраќање за Луановата балканска сага имаше и акад. Таки Фити.
На 11 мај 2018 година, делегацијата на МАНУ и колегите од БАН положија венци на споменикот на св. Кирил и Методиј во Софија. Потоа, во просториите на БАН, во присуство на нашата делегација, академици на БАН и директори на институти при БАН, се одржа тркалезна маса на која се расправаше за големото дело на сесловенските просветители – браќата Кирил и Методиј и за понатамошната соработка на двете академии. Во расправата, од наша страна, учествуваа академиците Таки Фити и Георги Старделов. Пред присутните, беседа за св. Кирил и Методиј одржа и г. г. Стефан, архиепископ охридски и македонски и поглавар на МПЦ.
Фотографии од настанот: