На Меѓународниот саем на книгата 2018, кој се одржа од 3 до 9 мај во ВИП арена „Борис Трајковски“ во Скопје, Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) се претстави со голем дел од своите изданија. МАНУ традиционално учествува на оваа меѓународна манифестација каде што изложуваат издавачи од Македонија и од регионот. И годинава, на оваа значајна културна манифестација, МАНУ се претстави пред пошироката јавност со свои изданија од повеќе области од науките и од уметностите. На својот саемски штанд, МАНУ изложи повеќе од сто наслови на периодични изданија на своите одделенија, монографии, зборници на трудови од научни конференции, литературни дела и на други изданија на различни научни и уметнички достигнувања на членовите на МАНУ.
Здружението на издавачите и книжарите на Република Македонија, и оваа година, на јубилејната 30. манифестација, додели награди во четири категории. Македонската академија на науките и уметностите конкурираше со свои изданија и доби награди во три категории: прва награда за најдобро оригинално издание од областа на литературата, науката, културата и уметноста меѓу двата саема за изданието „Сенката на Марко Крале. Античката, византиската и македонската епска поезија“ од академик Витомир Митевски; втора награда за најдобро ликовно-графичко обликување и дизајн на книга-едиција меѓу двата саема за монографијата „50 години МАНУ“, чиј приредувач е академик Владо Камбовски; и втора награда „Јаков од Камена Река“ за најдобра компјутерска обработка, печат и изработка на книга или едиција меѓу двата саема за книгата „Мегаструктури 1986–2016“, чиј автор е професор Георги Константиновски, почесен член на МАНУ.
Фотографии од настанот: