Работна средба на делегација на МАНУ со д-р Димитар Ковачевски, премиер
на Владата на РС Македонија, д-р Јетон Шаќири, министер за образование и наука, и д-р Фатмир Меџити, министер за здравство
На 11 декември 2023 година, во Кабинетот на Претседателот на МАНУ, делегација на МАНУ, во состав: акад. Љупчо Коцарев, актуелен претседател на МАНУ, акад. Живко Попов, иден претседател на МАНУ, акад. Таки Фити, избран член на Претседателството на МАНУ, доп. член Изет Зеќири, секретар на МАНУ, и м-р Александра Стојаноска Трпческа, секретар на Секретаријатот на МАНУ, одржа работна средба со д-р Димитар Ковачевски, премиер на Владата на РС Македонија, д-р Јетон Шаќири, министер за образование и наука, и д-р Фатмир Меџити, министер за здравство.
На средбата, прв се обрати акад. Љупчо Коцарев, претседател на МАНУ, посветувајќи го уводниот збор на статусот на Македонската академија на науките и уметностите како највисока и самостојна научна и уметничка установа во Републиката, од особено значење, регулиран со посебен закон, Законот за Македонската академија на науките и уметностите.
Во своето обраќање, акад. Коцарев се осврна и на значајноста на објектот на МАНУ во кој се одржуваше средбата, истакнувајќи дека зградата ја проектирал Борис Чипан, еден од најголемите македонски архитекти. Беше истакнато дека Чипан работел и на конзервација на црквите „Св. Софија“ во Охрид, „Св. Наум“, „Св. Пантелејмон“ во Нерези и на многу други. Композицијата „Оплакување Христово“ во „Св. Пантелејмон“, инаку позната тема која се среќава во многу цркви, се разликува од другите фрески според нагласеното истакнување на внатрешните чувства на прикажаните личности. Оваа композиција во Нерези се смета за предвесник на ренесансата во Италија, односно таа ги поседува сите потребни елементи што ја карактеризираат и „Св. Богородица“ на Џото ди Бондоне. Во тој контекст, акад. Коцарев акцентира дека ако пронајдеме мир во себе, со малку духовна имагинација, преку делата на академиците (починати и живи) во зградата на МАНУ проектирана од Чипан, можеме лесно да го доловиме милениумското духовно и културно наследство на македонскиот народ.
На средбата, акад. Коцарев предочи дека, во согласност со Законот за МАНУ (lex specialis), Академијата остварува средства за работа во рамките на Трезорската сметка, преку следните типови сметки: сметката на основен буџет – 637 (која се финансира директно од Републичкиот буџет) и сметките на буџет на донации – 785 и сметката на буџет од самофинансирачки активности – 787, но во оваа пригода тој потенцира дека само накратко ќе се осврне на другите две сметки, притоа напоменувајќи дека последните два типа сметки се строго наменски за извршување на конкретна научноистражувачка и апликативна активност. Имајќи го предвид изворот на финансирање на овие сметки, кој е резултат на институционални активности за самостојно прибирање на средства, пред сѐ, преку странски проектни инвестиции, побара административните процедури од областа на буџетското и трезорското работење за обезбедување на навремено буџетирање и заокружување на проектите да бидат пофункционални и да се обезбедуваат во предвидениот временски рок. Потоа, акад. Коцарев побара и поревносно водење на постапката од надлежните институции за заокружување на иницираните измени и дополнувања на Законот за Македонската академија на науките и уметностите.
По излагањето на акад. Коцарев, зеде збор д-р Димитар Ковачевски, премиер на Владата на РС Македонија, кој изрази волја и подготвеност да придонесе во надминувањето на истакнатите проблеми кои произлегуваат од ненавременоста во административното извршување на процедурите во областа на буџетското и трезорското работење, а изрази и разбирање за потребата од зголемување на буџетските средства за капитални инвестиции. Премиерот особено истакна дека ќе се заложи Предлогот за изменување и дополнување на Законот за Македонската академија на науките и уметностите за обезбедување соодветна заработувачка на вработените во МАНУ, соодветно на заработувачката на вработените во сродните дејности (и, секако, на месечната награда на членовите на МАНУ, како општествено признание, која значително заостанува во однос на оваа категорија на надоместок во академиите во Регионот), поради посебната статусна општествена позиција, да добие законодавна завршница и постапката за Предлогот за изменување и дополнување на Законот за Македонската академија на науките и уметностите да биде заокружена пред формирањето техничка влада, како едно од институционалните прашања што се иницирани за време на неговото претседателствување со Владата на РС Македонија.
Средбата беше заокружена со изразување заемно задоволство од афирмативниот меѓуинституционален пристап кон решавањето на отворените прашања и на истакнатите проблеми и предизвици, со заеднички став дека Македонската академија на науките и уметностите, како стожер на државноста, претставува клучен партнер за поддршка на Владата во стратегиските државни, идентитетски и развојни прашања, преку нејзината советодавна улога, дури и тогаш кога таа има изразен критички, но секогаш конструктивен пристап, па токму поради оваа улога на МАНУ, државата мора да продолжи да води сметка за обезбедување на соодветните услови за работа на највисоката научна и уметничка установа во земјата.
Потоа, владината делегација го посети Истражувачкиот центар за генетско инженерство и биотехнологија „Георги Д. Ефремов“, по повод промоцијата на резултатите добиени од проектот „Унапредување на капацитетот на Националниот центар за геномика и протеомика при ИЦГИБ – МАНУ во областа на персонализираната медицина“, на која пригодно излагање одржа акад. Александар Димовски, раководител на Истражувачкиот центар за генетско инженерство и биотехнологија „Георги Д. Ефремов“.