Во организација на Центарот за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“ при МАНУ, на 12.02.2020 година, во Академијата се одржа тркалезна маса на тема: Значењето на регулаторните институции за изградба на функционална пазарна економија во Република Северна Македонија. На Тркалезната маса, присуствуваа претставници на македонските регулаторни институции (Комисија за заштита на конкуренцијата, Регулаторна комисија за енергетика, Агенција за електронски комуникации, Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Комисија за хартии од вредност, Агенција за супервизија за осигурување, Агенција за пошти и др.) претставници на академската заедница, претставници на регулираните бизниси и други заинтересирани страни и субјекти.
Во богатата и конструктивна расправа, учесниците покренаа бројни релевантни прашања и теми од оваа сфера. Меѓу нив, посебно ги издвојуваме следниве:
· Што покажуваат досегашниве искуства (навистина скромни) за владината регулација (економска и општествена) во РС Македонија?
· Дали нашите регулаторни институции се добро етаблирани?
· Каква е нивната финансиска состојба и во која мера се придвижуваат кон финансиска независност?
· Каква е нивната кадровска опременост, во која мера вработените кадри во регулаторните институции се оспособени за вршење на нивната дејност? Дали и во колкава мера се обезбедува стручно усовршување на вработените кадри – едукација низ работа, едукација во рамките на формалниот систем на образование (специјалистички, постдипломски студии и сл.), студиски престои во странски институции од областа итн?
· Како владата ги перцепира регулаторните институции – постои ли свест и разбирање за нивната круцијална улога во релативизирањето на проблемите што ги продуцира пазарниот неуспех?
· Во колкава мера тие се независни (наспроти извршната власт), каков е нивниот кредибилитет и сл.?
· Како бизнис-секторот ја перципира потребата од регулација на пазарите, колку е тој задоволен од нивното работење и нивните напори за креирање на поволна бизнис – клима во македонската економија?
· Дали постои опасност од појава на т.н. неуспех на државата – дали во некои сектори е присутна тенденција на пререгулација и појава на административно-бирократски пречки при функционирањето на бизнисите?
· Што е со бројноста и опфатот на регулацијата – дали не е преголем бројот на регулаторни институции vis a vis големината на економијата (ако е тоа случај, тогаш отсуствуваат економии од обем и се соочуваме со неефикасност и скапа регулација)?
· Можно ли е намалување на бројот на регулаторни институции во земјата и ако е можно со кои пристапи треба тоа да се имплементира – какви се искуствата во оваа сфера во селектирани странски земји (во смисла на добри практики)?
Со оглед на големото значење на оваа проблематика, прилозите и дискусиите од Тркалезната маса, МАНУ ќе ги објави во посебен Зборник на трудови. Во рамките на својата советодавна функција, МАНУ, исто така, ќе отвори циклус на научни и стручни расправи на оваа тема, ќе ги сумира дискусиите од расправите и ќе ги преточи во конкретни заклучоци, сугестии и препораки за креаторите на политиките.
Поканата и агендата за Тркалезната маса може да ги погледнете тука.
Фотографии од настанот можете да погледнете овде: