Македонската академија на науките и уметностите со жалење ја известува јавноста дека на 24 јули (вторник) 2018 година почина акад. Милан Ѓурчинов, редовен член на Македонската академија на науките и уметностите.
Акад. Милан Ѓурчинов е роден на 28 јули 1928 година во Белград. Во 1951 година дипломирал славистика на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Белград, докторирал во 1960 година на Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје, а се усовршувал на универзитетите во Љубљана, „Ломоносов“ во Москва и „Сорбона“ во Париз.
Акад. Милан Ѓурчинов бил професор на Филолошкиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, шеф на Катедрата за славистика, а во 1980 година ја основал Катедрата за општа и компаративна книжевност и бил нејзин раководител.
Акад. Ѓурчинов активно учествувал на меѓународни и на домашни конгреси, симпозиуми и други собири, како и на семинарите за македонски јазик, литература и култура во Охрид. Членувал во повеќе општествени и културни асоцијации и редакциски одбори. Бил член на Редакцијата на списанието „Разгледи“ и претседател на Советот на „Струшки вечери на поезијата“. Тој спаѓа во репрезентативната група македонски интелектуалци, значајни за културната афирмација на Македонија. Акад. Ѓурчинов е критичар, антологичар, теоретичар на литературата и славист, а неговата активност во областа на книжевната историја се однесува, пред сè, на руската книжевност, особено студиите за Чехов, Достоевски и Пастернак. Многу други осврти и есеи за руски писатели сведочат за неговиот постојан интерес за руската литература во минатото и денес и за нејзиното вклучување во македонскиот културен хоризонт.
Акад. Ѓурчинов е најсуптилен македонски литературен критичар, кој со својата широка образованост и култивираност, со своите плуралистички погледи кон творечките појави и со критериум од највисок домен внесе нов дух во толкувањето на литературното творештво во нашата средина, приближувајќи ја критичката дејност кон европските стандарди. Во таа област пројавува жива и плодна активност, претставувајќи ги тековите на македонската литература и придонесот на одделни автори во неа. Тесно сврзана со критичарската е и неговата дејност како антологичар, со што има даден голем придонес за афирмацијата на македонската литература, бидејќи неговите антологиски избори се издадени на повеќе светски јазици во странство. Од книжевно-историската и критичарската дејност произлегува и интересот на авторот за литературната теорија, на која се посветени повеќе негови трудови.
Бил член на повеќе меѓународни тела и асоцијации: на Президиумот на Меѓународниот славистички комитет, чиј претседател бил од 2003 до 2008 година, на Извршниот совет на Европското друштво за култура (Венеција) и др. Од 2002 година бил член на Медитеранската академија во Неапол, Италија. Акад. Ѓурчинов е член на Македонскиот ПЕН-центар и на Друштвото на писателите на Македонија од 1956 година, а во еден мандат бил и негов претседател.
За дописен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран на 7 октомври 1988, а за редовен член е избран на 21 април 1994 година.
Погребот на акад. Милан Ѓурчинов ќе се изврши на Градските гробишта „Бутел“ во Скопје на 26 јули (четврток) во 11,30 часот, а неговите посмртни останки ќе бидат изложени во Капелата од 10,30 до 11,30 часот.
По повод смртта на акад. Милан Ѓурчинов, Македонската академија на науките и уметностите и Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје во Свечената сала на МАНУ ќе одржат заедничка Комеморативна седница на 27 јули 2018 година (петок), во 11 часот.
++389 (0)2 32 35 400