Македонската академија на науките и уметностите со жалење ја известува јавноста дека на 17 април 2022 година, во 90 година од животот, почина Омер Калеши, почесен член на МАНУ.
Омер Калеши е роден во 1932 година во село Србица, Кичево – Република Македонија. Во 1950 година го завршува средното техничко училиште и започнува да работи во Скопје. Во 1955 година во галеријата на Даут Пашиниот Амам во Скопје ќе се најде случајно на изложбата на делата на Хенри Мур. Одушевен од видените дела веднаш решава да се посвети на сликарската уметност.
Кон средината на 1956 годината семејството Калеши емигрираат во Турција, каде што Омер Калеши работи како електричар во Анкара и продолжува да посетува изложби. Во 1959 година семејството Калеши се сели во Истанбул и Омер е примен на Академијата за ликовни уметности.
Во 1962 година Омер Калеши патува низ Турција, почнувајќи од бреговите на Црното Море, па потоа во внатрешна Анадолија. За Омер ќе бидат отворени вратите на еден свет, на една непозната Анадолија, која ќе ја одреди и неговата ориентација да ја оживува сликајќи ги анадолските дервиши и пастири, жени и деца, петнаесет години подоцна.
Во 1963 година Омер Калеши во Истанбул ја одржува првата самостојна изложба.
Во 1965 година ги завршува студиите по сликарство на Академијата на убавите уметности во Истанбул, во класата на Бедри Рахми. Во меѓувреме одржува изложби во Анкара, во Белград, во Скопје. На изложбата во Скопје повторно се сретнува со академикот Никола Мартиноски, а на Музејот на модерната уметност му подарува една од изложените слики.
Во 1967 година се преселува во Париз, каде што го помина најголемиот дел од својот живот. Таму ги одржува своите најголеми изложби во најреномираните париски галерии.
Во 2012 година се одбележаа 80 години од раѓањето на Омер Калеши и 50 години негово творештво. На иницијатива и одлука на Собранието на Република Македонија се одржаа низа активности за да се одбележи значењето на овој турски сликар, од албанско-македонско потекло.
Во 2016 година Омер Калеши е одликуван со Медал за заслуги на Македонија од Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов.
Во 2017 година, во галерија на Македонската академија на науките и уметностите Омер Калеши одржа самостојна изложба.
За почесен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран на 6 јуни 2018 година.
++389 (0)2 32 35 400