МАНУ со длабока тага соопштува дека на 27.11.2018 год. почина проф. Горан Стефановски, член на МАНУ надвор од работниот состав од 2003 год. и наш драг пријател и колега.

акад. Богомил Ѓузел

           In Memoriam

           ГОРАН СТЕФАНОВСКИ (1952–2018)

Замина најдаровитиот и најплоден македонски драмски автор, ненадејно сеуште активниот творец на бројни драмски дела, кои ќе останат во трајно и незаборавно наше паметење – од Диво месо (1979) до Чернодримски се враќа дома (1991)  до Демонот од Дебар маало (2006) со повеќе од десетина театарски пиеси и бројни сценски и ТВ адаптации (меѓу кои и популарната серија Бушава азбука).

Роден во активно театарско семејство (од татко режисер и мајка актерка), тој сиот свој живот растел и се развивал заедно со своите сценски дела во сите македонски театри (најмногу во Драмскиот театар, Скопје), но и на бројни регионални (од поранешна Југославија) и светски сцени од Париз до Лоѓ (Полска), Стокхолм и Кентербери (Англија), каде што бил професор по драматургија од 2000 г.. Долгодишен член е на Македонскиот ПЕН центар и на Друштвото на македонски писатели, а од 2004 г. и на МАНУ (надвор од работниот состав).

Својата академска кариера ја почнува 1974 како најдобар студент од својата генерација, на театарската академија во Белград (1972-73), како драматург на ТВ Скопје (1974-78), асистент на Филолошкиот факултет во Скопје, редовен професор на Факултетот за Драмски уметности (1986 – 1998), а од 2000 и професор по драматургија на Универзитетот во Кент, Англија, каде што творел и живеел сè до крајот од својот живот (заедно со својата сопруга Патриша, синот и ќерката).

Пристапно предавање на проф. Горан Стефановски по повод неговиот избор за член на МАНУ надвор од работниот состав