Центарот за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“ при МАНУ, во рамките на активностите за реализирање на Програмата за работа за 2024 година, и пошироко во рамките на советодавната функција на МАНУ, во соработка со Интеруниверзитетската конференција на РСМ и Националниот совет за високо образование и научно-истражувачка дејност, организира циклус на научно-стручни расправи посветени на високото образование. Овој вид на научно-стручни расправи имаат висока релевантност за Република Северна Македонија со оглед на сериозните проблеми со кои е соочено високото образование. Оттука и ургентната потреба да се отворат реформите во оваа витална сфера на нашето живеење, со цел да се подигне квалитетот на високото образование, да се подобри неговата конкурентност, да зајакне неговата европска димензија и сл.

Циклусот на научно-стручни расправи посветени на високото образование во текот на 2024 година, ќе го започнеме со темата: „Како до најсоодветен модел за финансирање на високото образование и научноистражувачката дејност“.

На расправата ќе учествуваат претставници од сите три институции: членови на МАНУ, претставници од државните универзитети на Република Северна Македонија, вклучувајќи го тука и Универзитетот на Југоисточна Европа од Тетово, претставници на Интеруниверзитетската конференција на РСМ и на Националниот совет за високо образование и научно-истражувачка дејност. На расправата ќе бидат поканети и претставници од Министерството за образование и наука и од Министерството за финансии.

Се очекува од расправата по оваа тема да произлезат заклучоци и предлози коишто ќе бидат вградени во креирање на новиот модел за финансирање на високото образование.

Расправата ќе се одржи на 22 февруари 2024 година (четврток) со почеток во 10 часот во МАНУ.