Македонската академија на науките и уметностите со жалење ја известува јавноста дека на 24 август 2021 година, во 86-тата година од животот, почина проф. д-р Иван Доровски, член на МАНУ надвор од работниот состав.

Д-р Иван Доровски е роден во 1935 година, во с. Чука, Егејска Македонија. Во 1948 година, делејќи ја судбината на многу деца од својот крај, тој бил преселен во Чехословачка, каде што завршува Филозофски факултет во Брно. Во 1966 година, работејќи како асистент на Филозофскиот факултет во Брно, ја одбранил кандидатската дисертација со наслов „Рајко Жинзифов и руската и украинската литература“. Во 1974 година, докторирал со трудот насловен како „Чешка и Балканот“.

Од 1963 година, д-р Доровски работел како заменик-шеф на Катедрата за странски јазици при Универзитетот во Брно, а од 1967 година, работел како виш научен соработник во Кабинетот по Балканистика и унгаристика. На Филозофскиот факултет во Брно предавал Литературна историја на балканските народи и водел вежби по македонски јазик за студентите што студирале Југославистика. Бил главен и одговорен уредник на списанието „Университас“.

Списокот на научните, стручните и публицистичките трудови на д-р Иван Доровски содржи 572 единици и укажува на неговото залагање да ѝ презентира на чехословачката јавност ред имиња и текстови на македонски писатели. Тој се пројавува и како суптилен преведувач на македонската поезија на чешки јазик.

Д-р Доровски ги проучувал македонската литература и врската и размената помеѓу неа, чешката и словачката литература. По своите оригинални резултати особено се истакнуваат неговите трудови за грчко-јужнословенските културни и литературни контакти во XVIII век, за чешко-македонските и македонско-чешките врски во XIX век и во првите децении на XX век, за јазикот на Рајко Жинзифов и на Константин Петкович како наддијалектен македонски јазичен модел во кој се изразени обидите „за определување на нормите на македонскиот литературен јазик врз национална основа“. Тие го претставуваат д-р Доровски како истакнат литературен историчар, славист и балканолог, од средината на македонската емиграција од Егејска Македонија во Чехословачка.

За член на Македонската академија на науките и уметностите надвор од работниот состав бил избран на 14 мај 1979 година.