СООПШТЕНИЕ
Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, на 16 декември 2019 година, ја посети Македонската академија на науките и уметностите.
На средбата со претседателот присуствуваа членовите на актуелното и на новото раководство на МАНУ, како и поранешните претседатели на МАНУ, акад. Георги Старделов и акад. Владо Камбовски. Претседателот на МАНУ, акад. Таки Фити, детално информираше за работењето на нашата највисока научна и уметничка институција и посебно за остварувањето на нејзината основна дејност – научното и уметничкото творештво (домашни и меѓународни научни проекти и проекти во областа на уметничкото творештво, издавачка дејност, меѓународна соработка со странски академии, асоцијации на академии и научни друштва и сл.) во изминатиот четиригодишен период (2016 – 2019 година).
Акад. Фити го информираше претседателот Пендаровски и за Повелбата на Собранието на МАНУ за македонскиот јазик, укажувајќи, притоа, дека таа е коректно составена, дека не е насочена против никого и не навредува никого, дека во неа се укажува на меѓународно верификуваните факти за македонскиот јазик и дека таа е мотивирана од научни цели и од потребата проектите за научно истражување на македонскиот јазик, врз кои работи МАНУ, во иднина, да добијат приоритет и позначајна финансиска поддршка од Владата на Република Северна Македонија.
Претседателот Пендаровски го повтори неговиот став дека македонскиот јазик е факт и дека се беспредметни сите обиди за негово негирање, ревизии и толкувања надвор од научната сфера.
На средбата стана збор и за можностите за продлабочување на соработката на МАНУ со Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија.
Претседателот Пендаровски опстојно ги информираше академиците за актуелната состојба во земјата и во регионот, за нејзините аспирации за членство во ЕУ и за неговите меѓународни активности.
На крајот, претседателот Пендаровски им посака успешен мандат на членовите на новото раководство и изрази подготвеност за почести средби и соработка со МАНУ.
Официјалното соопштение од претседателскиот кабинет е даден на следниот линк.
Фотографии од настанот: