Раководствата на Македонската академија на науките и уметностите и на Бугарската академија на науките, деновиве во Охрид изготвија Платформа за соработка на МАНУ и БАН во спроведувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија.

Поаѓајќи од фактот дека националните академии претставуваат врвни научни институции со висока репутација, како и од нивната интегративна функција во сферата на науките, образованието и уметноста, раководствата на двете академии прифаќаат обврска да ги преземат сите неопходни иницијативи за потпомагање на реализацијата на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка во овие области.

Поради тоа, раководствата на двете академии се обраќаат до академските, научните институции и институциите од културата во двете земји да ги засилат своите напори и активности околу остварувањето на задачите од Договорот во интерес на народите и граѓаните од двете земји.