Одделение за општествени науки
Во Одделението за општествени науки се застапени следниве научни области: историја, историја на уметностa, археологија, економија, финансии, демографија, статистика, право, политички науки, филозофија, педагогија и други хуманистички науки.
Членови на Одделението се:
- Вера Битракова-Грозданова (класична археологија и античка археологија на Балканот),
- Таки Фити (економски науки – макроекономија)
- Владо Камбовски (казнено право и криминологија)
- Гоце Петревски (економски развој, инвестиции, меѓународни економски проблеми)
- Абдулменаф Беџети (макроекономија – јавни финансии).
- Драги Ѓоргиев (историски науки)
Област на работа: Историја на уметноста на старите народи (класична археологија и античка археологија на Балканот)
Акад. Вера Битракова Грозданова
Институции: Редовен професор во пензија на Филозофскиот факултет во Скопје
Биографија
Акад. Вера Битракова-Грозданова е родена на 19 јули 1939 год. во Охрид, каде го завршува гимназиското образование. Дипломирала во 1963 год. на Филозофскиот факултет во Загреб на Отсекот за археологија. Од 1963 до 1972 год. работи како кустос во Народниот Музеј во Охрид во Одделението за античка археологија. Од 1972 до 1975 год. работи како кустос по римска археологија во Археолошкиот Музеј во Скопје. Во 1972 год. ги завршува магистерските студии на Филозофскиот факултет во Загреб, на Отсекот за археологија, од областа на античката археологија на тема Ranokrščаnski spomenici Ohridske regije, а во 1984 год. на истиот факултет во Загреб одбранет е докторат на тема Spomenici helenističkog razdoblja na tlu SR Makedonije (кај академик Дује Рендиќ-Миочевиќ). Од 1975 год. до пензионирањето е професор на Филозофскиот факултет на Институтот за историја на уметноста и археологија по предметите: Историја на уметноста на старите народи, Класична археологија и Античка археологија на Балканот. Од 1978 до 1997 год. предава Историја на уметноста на старите народи на Факултетот за ликовна уметност во Скопје.
Студиски престои реализирала во Париз, Франција, во 1967 и во 1993 год., на Институтот за уметност и археологија (Institut d’art et d’archeologie – Universités de Paris), и на Факултетот во Безансон (Faculté des letters et sciences humaines -Beasançon); во 1979 год. во Германија, како гостин на Институтот за стара историја и археологија, при Берлинската академија (Akademie der Wissenchaften der DDR – Zentralinsitut für Alte Gechischte und Archaeologie); во 1980 год. во Бугарија, како гостин на Историскиот факултет во Софија – Траколошко одделение; во 1980 год. во Албанија, како гостин на Албанската академија на науките – Институт за археологија (Académie des Sciences d’Albanie – Institut d’archаéologie).
Во Грција има подолг престој во 1968/69 год. како стипендист на Грчката влада, а во 1982 год. како гостин на Министерството за култура. Главно работи во Француската школа на Атина (École française d’Athènes), во Националната и во Генадион библиотеката; во 1999 год. престојува во Атина како гостин на Француската археолошка школа.
Учествувала во повеќе археолошки ископувања; Данило кај Шибеник (1959–1962), Мулине на островот Углјан (1959), во Стоби (1963, 1974), во Скупи (1971) во Тетово (1979), во Дебреште кај Прилеп (1965), во Охрид на поликонхалната црква на Плаошник (1960–1963). Акад. Вера Битракова-Грозданова реализирала и повеќе самостојни ископувања: во Охрид – на некропола на ул. Илинденска (1966), на поликонхалната црква на Плаошник (1964–1966), на базиликата кај Студенчишта (1968) на Кале – Самоилова тврдина, (1995/6, 2000), на тврдината и некрополата кај Дебој (2000); во Струга на некрополата и на Калето кај Делогожда (1979–1984, 2007), на базиликата кај Октиси – Св. Никола (1990–1992), на некропола кај Октиси (1998), на базиликата кај Ташмаруништа – Св. Мартинија, (1999–2001), на некрополата кај Добовјани (1998); во Кратово (1988); во Преспа извршила истражувања на населбите кај Претор (1967), Крани (1990), Наколец (2002) и на островот Голем Град (1967, 1968, 1980–1984, 1992–1994, 1998–2008).
Научниот интерес ѝ е насочен кон проучување на занаетчиството (керамографијата, јувелирството, тореутиката), на верувањата и уметничкото творење, како и урбаните процеси во антиката. Во особен придонес се вбројуваат и истражувањата од ранохристијанската археологија.
Во периодот 1998–2002 год. е член на Одборот за возобновување на црквата Св. Климент – Св. Пантелејмон, како надзор за ископувањата и конзервацијата на архитектонските објекти и член на Конкурсната комисијата за избор на архитектонскиот проект за реконструкција на светиот објект, а од 2007 год. е научен консултант на ископувањата на Плаошник и член на Одборот за возобновување на „Свети Климентовиот универзитет“ на Плаошник во Охрид. Главен уредник на списанието Macedoniaе аcta аchaeologica (Скопје) e од 1988 до 1996 год., член на Советот на меѓународниот истражувачки центар во Пула и член на Уредувачкиот одбор на списанието Histria Antiqua (Пула) од 1994 до 2011 година.
Акад. Вера Битракова-Грозданова е автор на повеќе од 150 научни трудови; организатор и учесник е на многубројни меѓународни научни собири.
Акад. Вера Битракова Грозданова е носител на повеќе научни и општествени признанија: на наградата „Гоце Делчев“ како врвно републичко признание за обемната студија „Спомениците од хеленистичкиот период во СР Македонија“ во 1988 год, на престижната европска награда Herder–Preise, доделена од Универзитетот во Виена според фондацијата Alfred Toepfer Stiftung F. V. S., во 1999 год, за достигнувања во науката од сферата на историјата на уметноста и ранохристијанската археологија, како и за запознавањето на светот со спомениците од Македонија, на Републичката награда „Климент Охридски“ во 2007 год. за достигнувања во областа на културата. Георгиевски медал Golden Fortuna „Чест, Слобода, Труд“ за 2003 год. ѝ е доделена од International Academy Rating of Popularity од Киев. Во 2004 год. доделена ѝ е “Spomenica“ од Меѓународниот истражувачки центар за археологија, Медулин, Пула за унапредување на културната и научната соработка од областа на археологијата. Во 2013 год. Нумизматичкото друштво „Паионон“ ѝ доделува Плакета за развојот на нумизматиката во Р. Македонија.
За редовен член на Македонската академија на науките и уметностите е избрана на 27 мај 2009 година.
Датум на раѓање::19.07.1939
Место на раѓање::Охрид
Членство во МАНУ::Редовен член, 2009
Email::vbitrakova@yahoo.com
Област на работа: Економски науки (макроекономија)
Акад. Таки Фити
Институции: Редовен професор на Економскиот факултет во Скопје
Биографија
Таки Фити е роден во Крушево во 1950 година, каде што завршува основно и средно образование. На Економскиот факултет, во рамките на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, дипломирал во 1973 година. Во 1974 година се вработува како асистент по предметот Политичка економија на капитализмот на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Магистрира во 1980 година, а докторира во 1983 година, на матичниот факултет, на теми од областа на економскиот развој на земјите во развој. За доцент е избран во 1983 година, за вонреден професор во 1988 година, за редовен професор во 1993 година. По втор пат, за редовен професор е избран во 1998 година. Денес, на редовните студии на Економскиот факултет во Скопје ја предава фундаменталната економска дисциплина – Основи на економијата и дисциплината Претприемништво. Извесен период, на Факултетот ја предавал и дисциплината Развој на економската мисла. Бил раководител на постдипломскиот студиум Економски развој и меѓународни финансии на Економскиот факултет во Скопје. На постдипломските студии на матичниот факултет ги предава предметите: Современи макроекономски концепции и политики; Социјална политика и пазар на труд во ЕУ; Нови можности и претприемништво; и Менаџерска економија.
За редовен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран во 2003 година. Во рамките на МАНУ, бил член на Претседателството, секретар на Одделението за општествени науки и раководител на Центарот за стратегиски истражувања.
За претседател на МАНУ е избран на 30 ноември 2015 година, а функцијата ја извршува од 1 јануари 2016 година.
Основни подрачја на неговата научна преокупација се: економија (микроекономија и макроекономија), економски раст и развој и претприемништво. Последните дваесет години неговиот научен интерес е сосредоточен на комплексни теми од областа на модерната макроекономска наука – посебно современите макроекономски школи и макроекономски политики (фискална и монетарна).
Акад. Фити е научен работник и истражувач со голем опус на научноистражувачки и стручни трудови. Автор или коавтор е на околу 300 научни и стручни трудови – книги, научни проекти, статии, учебници, студии, монографии и сл. Во најголемиот број објавени трудови (дома и во странство) се јавува како прв автор. Неговите трудови се пишувани на македонски, српско-хрватски, англиски и на француски јазик и објавувани во домашни и во меѓународни списанија.
Таки Фити е автор или коавтор на повеќе од 30 книги. Дел од овие книги во кои тој се јавува во својство на коавтор се објавени во странство, во реномирани странски издавачки куќи – Kluwer Academic Publishers (САД – Велика Британија), Kumarian Press (САД), Access Press (Велика Британија), Springer (САД, Велика Британија) и др. Посебно е значаен и високооценуван неговиот придонес во истражувањето на современите макроекономски школи, кои го чинат јадрото на денешната макроекономска наука, и нивната релевантност за конципирањето на клучните макроекономски политики – фискалната и монетарната. Неговите пет книги од оваа област, објавени во периодот по 2001 година, Современите макроекономски концепции и политики, Новата микроекономија и државната регулација, Нобеловци по економија 1969 – 2008 (редактор и автор), Феноменологија на економските кризи – современите бизнис-циклуси и антицикличните политики, Кејнзијанската економска филозофија – од Кејнз до денешни дни, одиграа значајна улога во трансферот на знаења од модерната макроекономија, но и во конципирањето на макроекономските политики кај нас.
Академик Фити, како раководител, автор или коавтор, учествувал во изготвувањето на 30 – тина научни проекти од кои 10 меѓународни. Ангажираноста на акад. Фити во изготвувањето на голем број научноистражувачки проекти, како раководител и автор, исто така, имаат значајно влијание врз конципирањето на макроекономските политики, државната регулација, политиките на поддршка на претприемништвото и др. во Република Македонија. Во овој контекст е значајно да се одбележи дека акад. Фити бил копретседател и коавтор на Синиот извештај за Република Македонија – Bllue Ribbon Commisiion Report (Macedonia) Towards Dynamic and Sustainable Economic Growth – growth supportive policies, United Nations Development Programme (UNDP), Team Liders: Josef Brada and Taki Fiti, Skopje 2006.
Неговите рецензенти (академиците Богоев, Кљусев и Узунов) посебно истакнуваат дека „високата вредност на најголемиот број објавени трудови во поглед на предметот, методите, анализата и валидноста на заклучоците“ е резултат на неговата широка економска едукација, континуираното следење на најновите текови на микроекономската и макроекономската наука, неговите бројни студиски престои (Италија, Германија, Франција, Велика Британија и др.), како и неговите бројни настапи на домашни и на меѓународни научни конференции, конгреси, советувања и сл. (во универзитетските центри на поранешна Југославија, во Париз, Нант, Рен, Вулверхемптон, Лозана, Берлин, Вашингтон, Софија, Букурешт, Киев итн.).
Во доменот на високообразовната дејност, акад. Фити е втемелувач кај нас на фундаменталната научна дисциплина Основи на економијата и на научната дисциплина Претприемништво. Таки Фити е автор на првиот модерен универзитетски учебник на македонски јазик Основи на економијата (пет изданија). И неговиот учебник Претприемништво (три изданија) е прв од оваа област во Република Македонија, изготвен во коавторство со Верица Хаџи Василева–Марковска и Милфорд Беитмен. На 24 ноември 2015 година акад. Таки Фити е прогласен за најдобар универзитетски професор во Република Македонија.
Во доменот на стручната активност треба да се истакне дека акад. Таки Фити, по покана на разни институции, органи и организации, активно учествува во државната, законодавната и другата дејност од општ интерес за земјата.
Aкад. Таки Фити бил:
- Член на работната група за подготовка на економскиот дел на новиот Устав на Република Македонија;
- Долгогодишен претседател на Сојузот на економистите на Македонија;
- Координатор на работната група на Република Македонија за сукцесија на имотот на Федерацијата (поранешна СФР Југославија) и нејзин претставник во работата на Комисијата на ЕУ во Брисел;
- Декан на Економскиот факултет во Скопје;
- Министер за финансии во Владата на Република Македонија;
- Член на уредувачки одбори на три странски списанија со импакт-фактор;
- Консултант на ОЕЦД, Париз, за проекти за мали и за средни претпријатија во Република Македонија;
- Советник на македонски премиери и гувернери на НБМ итн.
Акад. Фити е член на Европското друштво за култура (Société Européenne de Culture) и визитинг-професор на Економскиот факултет во Загреб. Од 2017 година е член на Европска академија на науките и уметностите.
Област на работа: Правни науки (казнено право и криминологија)
Акад. Владо Камбовски
Институции: Редовен професор на Правниот факултет во Скопје
Биографија
Акад. Владо Камбовски е роден на 5 јануари 1948 година во Битола, каде што го завршил основното и средното образование. Дипломирал на Правниот факултет во Скопје во учебната 1969/70 година, како најдобар дипломиран студент во повеќе генерации. На 15 ноември 1970 година бил примен за приправник-стажант, а на 1 март 1971 година бил избран за асистент на Катедрата за кривично право на Правниот факултет во Скопје.
Во текот на 1971 и 1972 г. бил испратен на практика во Општинскиот и во Окружниот суд во Скопје, а во учебната 1972/73 година се запишал на постдипломските студии по казнено право (насока за научно усовршување) на Правниот факултет во Загреб. Студиите ги завршил со одличен успех и во мај 1975 година ја одбранил магистерската работа на тема: „Доброволно откажување од извршување кривично дело“.
Во 1977 година бил избран за предавач и држел предавања по предметот кривично право на правните факултети во Скопје и Битола, како и на Факултетот за безбедност во Скопје. Во 1980 година на Правниот факултет во Скопје ја одбранил докторската дисертација под наслов: „Проблематиката на пропуштањето во кривичното право“. Истата година бил избран за доцент по предметот кривично право, а потоа и за декан на Факултетот за безбедност, која должност ја вршел се до 1984 година.
Од 1984 до 1986 година бил директор на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања во Скопје. Во 1986 година бил избран за потпретседател на Извршниот совет на Собранието на СРМ, а од 1989 до почетокот на 1992 година бил избран за член на Сојузниот извршен совет и сојузен секретар за правосудство и управа. Од декември 1998 до декември 1999 година ја вршел функцијата министер за правда во Владата на Република Македонија.
За сето време на вршењето на овие должности акад. Камбовски редовно ги извршувал и своите професорски обврски на Правниот факултет во Скопје. За редовен професор на Правниот факултет бил избран во 1992 година, а реизбран во 1999 година.
Покрај предавањата на редовните студии, акад. Камбовски држи предавања и на постдипломските студии по казнено право и криминологија на Правниот факултет во Скопје, бил и е ментор на повеќе кандидати за одбрана на магистерски тези и докторски дисертации. Раководел или учествувал во повеќе научно-истражувачки проекти на Правниот факултет, Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања и МАНУ. Раководел со мега-проектот на Правниот факултет „Евроинтеграција на општествениот, политичкиот и правниот систем на Република Македонија“. Учествувал со свои реферати на повеќе домашни и меѓународни научни собири. Како професор на Правниот факултет, започнувајќи од 1995 година раководел со работните групи што ги подготвиле: Кривичниот законик, Законот за прекршоците, Законот за судовите, Законот за спречување на корупцијата, и учествувал во работата врз други закони. Ангажиран бил во повеќе активности на Советот на Европа, посебно како член на експертската група која работи врз статистиката на движењата на криминалот во европските држави.
Бил претседател на Форумот за евроатлантска интеграција на Република Македонија и на Републичкото здружение за казнено право и криминологија.
Основната научна преокупација на акад. Камбовски е казненото право и филозофија на правото. Најзначајните резултати на неговиот научен ангажман е целокупниот систем на казнено-правната наука претставен во неговото капитално дело Казнено право – општ дел, најволуменозен и најсодржаен научен труд во македонската казнено-правна литература. Второто негово значајно дело Казнено право – посебен дел, пак, претставува единствена целосна научна обработка на системот на инкриминациите во македонската казнено-правна литература. Филозофско-правното учење на акад. Камбовски е интегрално изнесено во неговото дело „Филозофија на правото“, објавено во 2010 година како прв и досега единствен филозофско-правен систем кај нас, како и во други статии и реферати на домашни и меѓународни научни собири на филозофско-правни теми.
Покрај овие значајни дела, издал и околу 40 книги, објавил повеќе од 350 научни трудови, а и учествувал со реферати на повеќе од 40 собири во Македонија и во странство. Автор е на неколку учебници од областа на кривичното право, објавени на повеќе јазици.
За странски член на Aкадемијата на науките и уметностите na Република Српска, Бања Лука (Босна и Херцеговина) е избран во 2013 година. Во 2012 година е избран за член на Европската академија на науките во Салцбург и за член на Светската академија на уметност и наука во САД, а за странски член на Бугарската академија на науките е избран во 2015 година.
За редовен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран на 10 мај 2006 година. Во периодот од 2008 до 2011 година бил потпретседател, а во периодот од 2012 до 2015 година бил претседател на Македонската академија на науките и уметностите. Во моментов е раководител во Центарот за стратегиски истражувања на МАНУ.
Датум на раѓање::05.01.1948
Место на раѓање::Битола
Членство во МАНУ::Редовен член, 2006
Email::vlado@manu.edu.mk
Област на работа: Економски науки (економски развој, инвестиции, економија на работната сила, меѓународни економски проблеми)
Акад. Гоце Петрески
Институции: Редовен професор на Економскиот факултет во Скопје
Биографија
Акад. Гоце Петрески е роден на 31 август 1953 година во Крушево. Дипломирал на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на тема поврзана со економската теорија на Џон М. Кејнз. Завршил постдипломски студии од областа на економскиот развој и методите на економска анализа. Во 1983 година го одбранил магистерскиот труд Кост-Бенефит анализата и нејзината примена во оценувањето на инфраструктурни проекти. Како стипендист на ООН, завршил и постдипломски студии од областа на развојот и населението на Универзитетот “Јавахарлал Нехру“ од Њу Делхи во Индија. Докторирал на тема Теоретско –методолошките основи на анализата на развојните цели и оценувањето на проектите”.
Во својата кариера акад. Гоце Петрески сукцесивно минал низ сите наставно-научни звања, од помлад асистент до редовен професор. Негово поле на научен интерес се економскиот раст и развој, инвестициите, економијата на трудот, економија на иновациите и меѓународните економски проблеми. Настапувал или бил ангажиран на повеќе универзитети во земјава и во странство. Визитинг-професор е на Универзитетот во Загреб. Акад. Петрески течно говори англиски и француски јазик, а активно познава уште неколку странски јазици.
Aкад. Гоце Петрески остварил повеќе студиски престои во: Хаг, Токио, Сеул, Стокхолм, Лондон, Бон, Луксембуг, Бриж и Рим. Остварил учество на голем број меѓународни научни собири, симпозиуми и семинари во Лондон, Тривандрум, Женева, Вашингтон, Стокхолм, Варшава, Хаг, Сантандер и др., како и на меѓународни конференции во Кран Монтана, Давос, Њујорк, Сингапур, Женева, Хаг, Лион, Сиетл, Јоханесбург, Бангкок, Стокхолм, Берлин, Осло и др. Учествувал на повеќе меѓународни конференции, симпозиуми, работилници, научни собири и семинари во: Букурешт, Клуж-Напока, Атина, Осло, Евиан, Берлин, Лион, Солун, Каиро, Волос, Прилеп, Охрид, Скопје, Бон, Луксембург и Бриж. Акад. Петрески настапувал и посетувал повеќе обуки во странство, поврзани со различни економски области и, меѓу другото, стекнал дипломи, сертификати и признанија во: Тривандрум, Индија 1990; Сеул, Јужна Кореја, 1991; Токио, Јапонија, 1993; Бон, Германија, 1993; Скопје, 1994 и Луксембург, 2006, Рим 2007.
Покрај академската кариера, акад. Петрески, извршувал високи државни функции, меѓу другите и министер за развој во првата Влада, по осамостојувањето на Република Македонија (1991–92) и амбасадор на Република Македонија при ООН (1994–2000). Исто така, извршувал високи меѓународни функции: претседавач на Економскиот и финансискиот комитет на 50-то јубилејно Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк (1995–96); претседател на Бордот на UNCTAD (Конференција на Обединетите нации за трговија и развој) (1997–98), во Женева; главен преговарач за пристапување на Република Македонија во Светската трговска организација (WTO); учествувал од самата иницијатива и во целосниот тек на преговорите со ЕФТА; бил главен координатор за економската сукцесија во Брисел, Хаг и Женева; координатор и коавтор на Антиинфлациската програма, 1992; бил и консултант на Европската банка за обнова и развој од Лондон (Еuropean Bank for Reconstruction and Decvelopment); член на меѓународната Blue Ribbon-комисија за реформи и на Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија. Истовремено, тој извршувал и значајни надворешни советнички улоги при премиери на Владата на Република Македонија, гувернерот на Народната банка и претседателот на Република Македонија.
Добитник е на највисоката државна награда „Гоце Делчев“, за труд од областа на науката, за 2002 година.
За редовен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран на 27 мај 2009 година.
Бил раководител на Департманот за економија на Економскиот факултет (2011-2015) и раководител на докторски студии по Економски науки (2014-2017) по нивното основање при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Бил секретар на Одделението за општествени науки при МАНУ (2009-2013). И уредник на научното списание „Прилози“ на Одделението за општествени науки.
Датум на раѓање::31.08.1953
Место на раѓање::Крушево
Членство во МАНУ::Редовен член, 2009
Email::gpetreski@ukim.edu.mk
Област на работа: Макроекономија - јавни финансии
Акад. Абдулменаф Беџети
Институции: Редовен професор на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово
Биографија
Акад. Абдулменаф Беџети е роден на 2 јули 1959 година во Мала Речица – Тетово, каде завршува основно училиште и гимназија. Во 1982 година дипломира на Економскиот факултет во Приштина. Професионалната кариера ја започнува во ТПТ „Техно-Промет“ Тетово во 1983 година каде што работел до 1987 година. Во 1987 година преминува во тогашната СОК – Филијала Тетово каде што работи како финансиски инспектор, а една година потоа е унапреден во виш инспектор на СОК на Република Македонија. На работното место останува до март 1994 година кога со одлука на Владата на Република Македонија е именуван за заменик директор на Управата за јавни приходи, а од мај 1995 до февруари 1996 година е вршител на должноста директор на УЈП на РМ. Во 1996 година е избран за министер за развој во Владата на Република Македонија а во мај 1997 година за министер за сообраќај и врски, функција на која останува до крајот на 1998 година.
Во 1996 година се запишува на постдипломски студии на Економскиот Факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје каде магистрира во 1999 година, под менторство на акад. Ксенте Богоев на тема: ,,Структурата на јавната потрошувачка во Република Македонија и можностите за рационализација“. Докторирал во 2002 година на Економскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, под менторство на проф. д-р. Живко Атанасовски на тема: ,,Јавните расходи во современите држави и во Република Македонија – аспекти на рационализација и оптимализација“.
Од основањето на Универзитетот за Југоисточна Европа – Тетово, во 2001 година, работи како предавач на Факултетот за бизнис администрација и за јавна администрација по предметите: основи и принципите на менаџмент и основи и финансиско сметководство. Во 2002 година е избран за доцент по предметите макроекономија и јавни финансии. Во 2002 година Бордот на Универзитетот за Југоисточна Европа – Тетово го именува за декан на Факултетот за бизнис администрација, а во почетокот на академската 2004/05 година е именуван за проректор на Факултетот за Југоисточна Европа задолжен за финансии и развој на Универзитетот, која функција ја извршува до август 2012 година, кога се именува за член на Бордот на ЈИЕУ, функција која и денеска ја извршува. Покрај редовната настава на додипломските, постдипломските и докторските студии, како и научноистражувачките активности во областа на социо-економските односи. Во 2004 година, во рамките на меѓууниверзитетската соработка, учествува во двомесечна програма за доедукација во студиските програми на постдипломските студии и научноистражувачката дејност во САД на Универзитетот во Индијана – Индијанополис, на Факултетот за бизнис менаџмент (Kelley Business School). Во ноември 2005 година е избран за вонреден професор на Универзитетот за Југоисточна Европа – Тетово во областа макроекономијата и јавните финансии.
Во почетокот на 2010 година е избран за редовен професор во областа на макроекономијата – јавни финансии, врз основа на рецензија од Комисија во чиј состав се проф. д-р Heinz Dieter Wenzel, редовен професор на Универзитет Бамберг – СР Германија, претседател, акад. Таки Фити, редовен професор на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје и проф. д-р Суло Хадери, редовен професор на Економскиот Факултет на Универзитетот во Тирана.
Истовремено акад. Абдулменаф Беџети бил член на многу меѓународни и регионални иницијативи и организации (SECI, PS, и др.) како и на многу стручни и други асоцијации во земјата (Сојузот на финансиски и книговодствени работници на Република Македонија, Сојузот на економисти на Република Македонија, на Здружението на економистите од Тетово и на др.). Бил и сé уште е член на надзорни и управни одбори на многу реномирани организации во регионот помеѓу кои и член на одбор за ревизија и на Управен Одбор на НЛБ банка во Скопје и Приштина истовремено. Акад. Абдулменаф Беџети има објавено две книги, два универзитетски учебника, над 100 научни трудови, а во последнава деценија и повеќе од 200 анализи, колумни и мислења во средствата за јавно информирање во Република Македонија.
Во 2012 година е избран за член на Албанската академија на уметностите и науките.
За член на Македонската академија на науките и уметностите е избран на 4 јуни 2012 година.
Датум на раѓање::02.07.1959
Место на раѓање::Мала Речица
Членство во МАНУ::Редовен член, 2009
Email::a.bexheti@seeu.edu.mk
Област на работа: Историски науки (османлиски период)
Акад. Драги Ѓоргиев
Институции: Научен советник во Институтот за национална историја во Скопје
Биографија
Доп.член Драги Ѓоргиеве роден на 28 април 1963 година во Струмица. Во 1986 година дипломирал на Катедрата по историја на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а во 1988 година се вработил во Институтот за национална историја како помлад асистент. Истата година се запишал на Катедрата за ориентални јазици на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Сараево, каде дипломирал во 1991 година.По враќањето во Скопје магистрирал во 1995 година на катедрата по историја на Филозофскиот факултет во Скопје, на тема „Скопје од турското освојување до крајот на XVII век“. Истата година бил избран за асистент во Одделението за османо-турски период во Инсттитутот за национална историја. Во 2004 година на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје ја одбранил докторската дисертација „Населението во македонско-албански пограничен појас во XV и XVI век“. Истата година бил избран за научен соработник, во 2007 за виш научен соработник, а во 2010 година за научен советник во Одделението за османо-турски период во Институтот за национална историја.Од 2012 година доп.член Драги Ѓоргиев е директор на Институтот за национална историја.
Научноистражувачката дејност на доп.член Ѓоргиев е фокусирана на проучување на османлискиот период, при што досега објавил 35 монографии и зборници на документи, повеќе од 50 статии во разни списанија и зборници, учествал на неколку десетици домашни и меѓународни симпозиуми, активно партиципирал во домашни и меѓународни научни проекти и бил ментор на повеќе докторски и магистерски тези. Во однос на неговите публикации посебно внимание привлекува едицијата Турски документи за историјата на Македонија, во издание на Државниот архив на Република Македонија, во која досега се публикувани осум тома османлиски пописи кои се однесуваат на македонската историја од XVI и XIX век. Покрај овие пописи кои имаат, пред сé, демографско-економски карактер, доп. член Ѓоргиев, благодарение на неговото одлично познавање на османлискиот турски јазик, преведува и објавува и поединечни документи и книги од османлиска проевениенција кои се однесуваат на историјата на Македонија во доцниот османлиски период. Кон оваа преведувачка дејност на доп.член Ѓоргиев треба да се додадат и двата зборници „Британски документи за историјата на Македонија“, том IV и V, (1857-1900). Овие волуминозни зборници на преку 1000 страници нудат единствена слика на демографските, политичките и социјалните прилики во Македонија видени со очите на британските дипломати.
Во 2009 година доп.член Драги Ѓоргиев како монографија ја објави својата докторска дисертација Населението во македонско-албанскиот граничен појас во XV–XVI век. Преку неколкугодишно истражување на необјавени историски извори од османлиска провениенција тој овде ги следи демографските движења во соодветниот граничен појас, доведуваќи ги под прашање веќе утврдените тези во балканските историографии за драматични и радикални демографски промени на таа територија во наведениот период. Овој труд, кој е прво такво истражување во ваков обем базирано на релевантни историски извори, претставува извонреден придонес во македонската историографија и, несомнено, предизвика внимание и во историографска јавност. Интересот за оваа тема беше потврден и со објавувањето на статија за Населението во македонско-албанскиот граничен појас во XV–XVI век, на германски јазик во познатото германско списание за проучување на Југоисточна Европа – Südost – Forschungen (2008). Истата година на македонски и на англиски јазик тој го објави текстот за историјата на македонскиот народ во време на османлиското владеење во изданието на Институтот за национална историја Кратка историја на македонскиот народ.
Истата година во зборникот Балканите меѓу традицијата и модерноста, објавен во Софија, ја публикуваше статијата Административната структура на Солунскиот, Битолскиот и Косовскиот вилает во вторта половина на XIX век, што претставува досега најцелосен и најисцрпен преглед на историјата на формирањето и организирањето на овие три вилаети во кои била опфатена целата територија на Македонија. Важно е да се напомне дека овој труд беше резултат на меѓународниот проект: Административните, социјалните и културните институции во балканските османлиски провинции во XVIII и XIX век, поддржан од Министерствата за образование и наука на Р Македонија и на Р Бугарија, а во соработка на Институтот за национална историја и Институтот за балкански студии при Бугарската академија на науките, каде главен носител од македонска страна беше доп.член Драги Ѓоргиев.
Во периодот од 2010 до 2014 годинадоп.член Драги Ѓоргиев објави уште неколку моногорафии, зборници и статии во земјава и надвор од неа, како што беше монографијата за охридското семејство Охризаде во кое повторно врз основа на османлиска оригинална документација доп.член Ѓоргиев дава краток историјат на ова најпознато охридско османлиско семејство, чии наследници се уште живеат во Охрид. Притоа, доп.член Ѓоргиев загатнува едно важно прашање од процесот на формирањето на османлиската аристократија и елита на територија на целиот Балкански Полуостров: дали тоа беше автентична османлиска аристократија или станува збор за предосманлиска христијанска аристократија која со тек на време се претопи во османлискиот свет, прифаќајќи ја исламската вера и станувајќи дел од турскиот етнос. Во овој труд, без да дава апсолутни и исклучителни заклучоци, тој ја разработува тезата за можноста семејството Охризаде, всушност, да претставува старо христијанска семејство, кое припаѓало на средновековната христијанска аристократија од Охрид.
Значајна и актуелна од овој период е и неговата статија за името Македонија во османлискиот период, објавена во Полска, во списанието на факултетот Артес Либералес, на Варшавскиот универзитет. Во неа, врз база на османлиски, словенски и извори од друга провениенција, се дава значењето и прифаќањето на називот Македонија во различни периоди од османлиската доминација.
Покрај научната дејност, доп.член Драги Ѓоргиев одржал предавања на повеќе универзитети надвор од Македонија, учествувал на околу 50 меѓународни и домашни научни симпозиуми, на кои имал свои излагања и учествувал во дискусии за историјата на Југоисточна Европа и Османлиската Империја. Резултатите од неговите учества на конференции во последните четири години тој ги објавил во Белград, Софија, Истанбул, Анкара, Варшава, Краков и др.
Од неговите архивски истражувања во Истанбул и во Анкара, кои започна уште во 1993 година, тој досега донел преку 10.000 фотокопии од османлиски документи кои се однесуваат на историјата на Македонија од XV до XX век. Оваа изворна граѓа претставува извонредна база за проучување на целиот османлиски период преку оригинална документација од османлиска провениенција.
Благодарение на неговото сериозно навлегување во проучувањето на османлискиот свет тој стана член на повеќе редакции на меѓународни списанија, на научни институции, како што е Турското историско друштво, и на комисии за одбрана на докторски дисертации.
За дописен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран во 2015 година.
За редовен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран во 2022 година.
Датум на раѓање::28.04.1963
Место на раѓање::Струмица
Членство во МАНУ::Дописен член, 2015
Email::gjorgiev.dragi@yahoo.com
Дописни членови на Одделението се:
- Изет Зеќири (менаџмент)
- Сашо Цветковски
Област на работа: Економски науки (менаџмент)
Проф. д-р Изет Зеќири
Институции: Редовен професор на Факултетот за бизнис и економија во Тетово – економски науки (менаџмент).
Биографија
Доп.член Изет Зеќири е роден 2 јануари 1967 година во с. Џепчиште, Тетовско. Во 1989 година дипломирал на Економскиот факултет на Универзитетот во Приштина. Во 1993 година запишал постдипломски студии на Економскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје каде магистрирал во 1998 година. Докторирал во 2001 година на Униврзитетот во Приштина.
Доп.член Изет Зеќири ги извршувал следниве менаџерски функции:
- 1996–1999 – Началник на Министерство за стопанство на РМ;
- 1999–2002 – декан на Економскиот факултет на Универзитетот во Тетово;
- 2000–2002 – раководител на подрачните единици на Државниот пазарен инспекторат на РМ во Тетово, Гостивар и Кичево;
- 2005–2006 – директор на Центарот за развој на бизнис при Универзитетот на Југоисточна Европa;
- 2008–2011– декан на Факултетот за бизнис и економија на Универзитет на Југоисточна Европа.
- 2011 до 2013 пратеник во Собранието на Република Македонија и член на Собраниската комисија за образование, член на Комитетот за меѓуетнички односи и заменик-член на Комисијата за економски прашања
- 2016 – декан на Факултетот за бизнис и економија на Универзитет на Југоисточна Европа
Доп.член Изет Зеќири во неговата академска кариера ги опфаќа следните ангажмани:
- 1998–2000 – предавач по група предмети од областа на менаџментот на Универзитет во Тетово;
- 2002–актулно: предавач по група предмети од областа на менаџментот на Факултетот за бизнис и економија на Универзитет на Југоисточна Европа;
- 2004 – предавач по група предмети од областа на менаџментот на Факултетот за економија при Универзитет „Дарданиа“ во Приштина;
- 2013–2016: предавач на докторски студии во програмата на Екомскиот факултет во Прилеп.
Во својата повеќегодишна професионална и научна работа особено се концентрира на истражувањето на следните проблеми:
Социоекономската транзиција на Р. Македонија и на другите економии во регионот и пошироко како и моделите за економски развој во период на економска, политичка, културна и друга транзиција; истражување на менаџментот во светски рамки и во Република Македонија; истражување во областа на стратегијски менаџмент и стратегијско планирање; истражување на деловните стратегии за развој на претпријатијата во Република Македонија; активно учество во конципирање и ,,драфтирање“ на предлог текстови на многу закони и други подзаконски акти, пред сѐ во социо-економската област и економскиот систем во Р. Македонија.
Научната и примената дејност на доп.член Изет Зеќири е мултидициплинарна, а според објавените трудови, презентации и научноистражувачки и професионални проекти, може да се системираат во следниве основни области: истражувања, презентации и проекти од областа на социо-економска транзиција; истражувања, презентации и проекти од областа на менаџментот и истражувања, презентации и проекти од областа на стратегискиот менаџмент. Во текот на својата кариера има објавено голем број на научни трудови и книги, и има учествувано во многу меѓународни конференции.
Во текот на својата академска кариера доп.член Изет Зеќири ги објавил следниве книги:
- Menaxhmenti strategjik – Krijimi i përparësisë konkurruese, Скопје, 2016
- Menaxhmenti strategjik: Analizë, formulim, implementim dhe kontroll strategjik, Скопје, 2011;
- Kriza globale ekonomike dhe bizneset e vogla në regjionin e Pollogut;
- Employee satisfaction: A Factor that influences the performance of companies in the Polloг region;
- Satisfakcioni nga puna si faktor që ndikon në suksesin e kompanive në regjionin e Pollogut;
- Management : koncepte, praktika, zhvillim aftësish nga teoria në praktikë 2009;
- Management: Koncete, praktika, zhvillim aftësih, 2006;
- Финансиски Менаџмент: Информационен систем за управување со финансиите на претпријатието, Тетово, 2004;
- Креативно против „ЗА„: Перипетии на еден недовршен мандат, Скопје, 2014 издание на македонски јазик
- Realitete ekonomike, Tetovë, 2002.
Доп.член Зеќири објавил и повеќе научни трудoви, од кои, како најзначајни ги издвојуваме:
- Innovations as a business growth tool. In Competitiveness and economic developement: Chalenges, goals and means in a knowledge based society;
- Entrepreneurship and entrepreneurial developments with special emphasis to the Republic of Macedonia;
- Knowledge Management and the Strategic Orientation of Business Organizations; Advantages, disadvantages and reasons behind the implementation of performance management measures in business practices;
- Knowledge Management and competitive advantage of small business; On the importance of strategic management process for the operations of a contemporary business. In Regional economic integration and development: Challenges for the Ballkan;
- Strategies for Achieving Competitive Advantage. In Economic Integration into EU: Challenges and Opportunities; Regional economic development of the Republic of Macedonia as a precondition for integration in EU;
- Contemporary View on Leadership in Organizations; Knowledge management as a challenge to company integration in the global economy (Published in Macedonian language);
- Strategic Planning in Function of Quality Assurance in Higher Education Institutions in Macedonia;
- Human Resource Management in Contemporary Business Organizations: A Literature Review; External Environment Analysis: A Focus on SE’s in the Republic of Macedonia.
- An Analysis of CSR in the Republic of Macedonia.
За дописен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран во 2015 година.
Датум на раѓање::02.01.1967
Место на раѓање::с. Џепчиште
Членство во МАНУ::Дописен член, 2015
Email::izet.zeqiri@unt.edu.mk