++389 (0)2 32 35 400

Го одбравме тој период, зашто тие ѕвездени мигови од историјата на македонската култура органски се слеаја во темелите на МАНУ. Затоа ни се наметна прашањето, што претставуваат, всушност, ѕвездените мигови на една култура? Тоа се мигови што го надживуваат времето, мигови длабоко згуснати и судбоносни за еден народ, „ѕвезди – како што вели Стефан Цвајг – кои трајно светлат и ја осветлуваат темната ноќ на минатото“. Тоа се мигови што се надлични, надисториски и единствени во својата незаменливост. Тие, навистина, му припаѓаат на своето време, но не се временски, туку трансвременски – траат и зрачат во времето, со својата универзална димензија, трајно и незапирливо. Тие поседуваат таква моќ според која нашата сегашност, сегашноста и иднината на Македонија воопшто, ја добива својата вистинска мера.

Спомнувајќи и набројувајќи ги нив почнуваме со:

  • Излегувањето од печат во Загреб, во 1861 година на Зборникот на Миладиновци (во првото издание објавен под наслов „Български народни песни“), со предговорот на Димитар Митрев „По трагите на подвигот на Миладиновци“, заедно со првото фототипско издание кај нас, со предговорите на Константин Миладинов (тука ја сместив и неговата антологиска песна „Т’га за југ“);
  • Прогласувањето во 1860 на Григор Прличев (Охрид, 18.1.1830 – Охрид, 6.2.1893) за „Δεύτερο Όμηρο (втор Хомер)“ (како добитник на првата награда на конкурсот распишан од атинскиот универзитет) за неговата знаменита поема O APMATΩЛО∑ („Сердарот“).
  • Создавањето на првата голема музичка форма, композицијата „Златоустова литургија“ на првиот школуван македонски композитор, Атанас Бадев (Прилеп, 14.1.1860 – Ќустендил, 21.9.1908) компонирана во Москва и Санкт Петербург, каде што нашиот композитор студирал и создавал под влијание на Николај Римски Корсаков, а печатена во Лајпциг во 1898 година.
  • Монументалните сакрални градби на протомајсторот Андреја Дамјанов (с. Папрадиште, 1813 – Велес, 1878), главно соборни цркви кренати во втората половина на XIX век. Од нив, градени во Македонија: Св. Јован во Куманово, 1836; Св. Пантелејмон во Велес, 1840, едно од најимпозантните негови остварувања; Св. Јоаким Осоговски, кај Крива Паланка, 1845; Успение на Св. Богородица, во Ново Село, Штипско, 1850; Св. Никола во Куманово, 1851; Св. Архангел Михаил во Горно Чипово, 1861; а другите градени на Балканот: Св. Илија, во Печењевац, Србија, 1844; Свети Апостоли во Туреновац, Србија, 1845; Св. Ѓорѓи во Смедерево, Србија, 1850-1854; Св. Дух во Ниш, Србија, 1857-1872; Св. Троица во Нови Варош, Србија, 1857-1873; Св. Богородица во Чајниче, Босна, 1857-1863; Св. Богородица во Сараево, Босна и Херцеговина, 1863-1868; Св. Троица во Пирот, Србија, 1868; Св. Троица (нова црква) во Мостар, Херцеговина, 1873.
  • Дичо Зограф (Тресонче, 1819 – Тресонче, 1872), основоположник на Дебарско-мијачката зографска школа, една од најзначајните и највлијателните зографски тајфи на Балканот во 19 век, кој создал приближно 2000 икони и десетина фреско-ансамбли.
  • Праизведбата (во Софија на 20 ноември 1900) на драмата на Војдан Чернодрински (с. Селци, Дебарско, 2.1.1875 – Софија, 8.1.1875) „Македонска крвава свадба“ (која била забранета од тогашниот бугарски премиер, Тодор Иванчев, како антитурска пиеса), но, и покрај тоа, повеќе стотици наши луѓе се собрале пред влезот на театарот „Славјанска беседа“, кого го штител кордон од вооружени полицајци, кој не пуштал никого да влезе. Тогаш, како deus exmachina, војводите Борис Сарафов и Владислав Ковачев излегле од театарот, почнале да пукаат во воздух, огласувајќи пред насобраниот народ со македонскиот национален, но и со македонскиот естетски императив: „Македонска крвава свадба ќе се одигра вечерва и ние ќе ја заштитиме!“ Полицијата се повлекла, народот јурнал во театарот и претставата се одржала со вооружено обезбедување.
  • Излегувањето од печат во Софија, 1903 година, на епохалната книга на Крсте Петков Мисирков (Постол, Ениџевардарско, 6/18.9.1874 – Софија, 26.7.1926), „За македонцките работи“, и на „Вардар“ (1905), првото научно-литературно списание на современиот македонски литературен јазик. Мисирков, како што вели Балзак за еден таков сличен француски singullier gênie, е еден од оние ретко длабоки македонски умови во македонската историја, „што од која и да е страна да ги набљудувате, покажуваат таква и толкава длабочина, коишто во часот на своето делување се неразбрани и дури подоцна можат да се сфатат“.
  • Браќата Јанаки (с. Авдела, Костурско, 1878 – Солун, 1948) и Милтон Манаки (с. Авдела, Костурско, 1882 – Битола, 5.3.1964), првите сниматели на Балканот, кои во 1905 година, со својата позната „Камера 300“ го снимаат документарниот филм „Ткајачки“ и го означуваат почетокот на кинематографијата во Македонија и на Балканот.
  • Објавувањето во Самобор во 1939 г. на култната книга на Коста Рацин (Велес, 2.11.1908 – Лопушник, 13.6.1943), „Бели мугри“, поетски најзначајната македонска книга песни;
Григор Прличев – „O APMATΩЛО∑“
Зборникот на Миладиновци
Предговор на Константин Миладинов во зборникот
Константин Миладинов – Т’га за југ
Димитар Митрев „По трагите на подвигот на Миладиновци“
Коста Солев Рацин – Бели мугри
Драгослав Ортаков – Атанас Бадев и неговата „Златоустова литургија“
Крум Томовски – Творечкиот опус на прото-мајсторот Андреја Дамјанов
Јасмина Хаџиева Алексиевска, Елизабета Касапова – Архитект Андреја Дамјанов
Андреја Дамјанов – Цркви
Димитар Ќорнаков – Творештвото на мијачките резбари
Лозарите
Крсте Петков Мисирков – „За македонцките работи“
„Вардар“ – Првото научно-литературно списание на современиот македонски литературен јазик
Војдан Чернодрински – Македонска крвава свадба
Марко Цепенков – Силјан Штркот
Цветан Грозданов – Белешките за Дичо Зограф
Игор Старделов – Манаки
Битола низ објективот на Браќата Манаки