На 30.01.2024 г. на свечена церемонија што се одржа во Музејот на македонската борба за самостојност, од страна на Претседателот на РС Македонија, Стево Пендаровски, ѝ беше доделено признанието Медал за заслуги за РС Македонија на академик Зузана Тополињска за непроценливиот придонес за афирмацијата на македонскиот јазик и на македонската култура, како една од најактивните македонисти чиишто научни трудови се поттик за голем број домашни и странски научници. 
 

Акад. Тополињска е автор на над 500 научни публикации, меѓу нив над 20 книги.За член на МАНУ, надвор од работниот состав, е избрана во 1976 година, а за редовен член во 1996 година. Од 1991 е редовен член на Полската академија на науки и уметности (ПАУ) во Краков, а од 1997 година и странски член на САНУ. Таа е еден од организаторите на Истражувачкиот центар за ареална лингвистика (ИЦАЛ) во МАНУ и од неговото основање во 2000 година до 2016 година го раководела Центарот. Во ИЦАЛ го води проектот „Местото на македонскиот јазик во словенскиот и балканскиот јазичен свет“, а при Одделението за лингвистика и литературна наука проектот „Граматички опис на македонскиот стандарден јазик“. Член е на редакциски одбори на повеќе славистички списанија, член на Варшавското научно друштво и на Полското лингвистичко друштво. Добитник е на многу награди во Полска, Југославија и Македонија, меѓу другите Орден на југословенско знаме со златен венец (1990) и Државна награда на Македонија „11 октомври” (1989). Акад. Тополињска членува и во две комисии на Меѓународниот славистички комитет (МКС): Комисијата за изучување на граматичките структури на словенските јазици и Комисијата за Општословенски атлас. Таа е doctor honoris causa на УКиМ (1997) и на Универзитетот во Вроцлав (Полска, 2016). Во 2016 година на Универзитетот во Варшава нејзиниот докторат беше свечено обновен по 50 години.